Пролетна -летна нега на комбинирана до масна кожа и нови производи за нега на овој тип на кожа

Здраво драги мои,

иако времето малку залади нагло, веќе сме навлезени во пролетта и убавите сончеви денови допрва сѐ повеќе и повеќе ќе се зголемуваат. Нашата кожа во топлите денови има потреба од малку поинаква нега, за разлика од онаа која и ја пруживме во зимскиот период. Во оваа статија ќе се задржиме на негата за комбинирана до масна кожа. Ќе ви предложам неколку природни методи како маски и пилинзи и секако ќе ви дадам неколку совети околу изборот на производи за претстојната топла сезона. Станува збор за нови производи кои и јас ги открив случајно неодамна, а кои имаат навистина многу пристапна цена и одлично дејство.

1. Миење на кожата

Миењето на кожата е база и must have за убава, негувана и здрава кожа. Сѐ започнува од овој чекор и оттука зависи успехот на сите понатамошни чекори за негата на кожата. Комбинираната и масната кожа имаат потреба од убаво благо средство за чистење/миење кој не мора да значи дека треба да ја обезмастува. Скоро секогаш ви велам дека средствата кои ги користите за миење на кожата не треба да ја обезмастат или да оставаат чувство на пецкање или сува кожа. Запомнете дека колку повеќе ја обезмастувате толку повеќе кожата лачи себум за да се “одбрани“ од вашата агресија.

Многу е важно гелот или пената кои ќе ги земете за миење на лицето да бидат благи, со убаво избрани и деликатни сурфактанти, кои за цел ќе имаат благо да ја чистат кожата без да прават никаква агресија. Она што јас би можела да ви го препорачам со оглед на тоа што го испробав во последно време е пената за миење на лице од Balea која е навистина блага и пријатна за кожата.



Декларацијата е доста пристапна (секако не е органски производ) и содржи убава комбинација на глицерин со нежни сурфактанти. Ми се допаѓа како ги имаат формулирано сурфактантите со останатите состојки со цел да го направат производот убаво да измива, без да суши или обезмастува. Со оглед на тоа што ја користам веќе скоро недела дена (нешто помалку од недела дена), може да кажам дека ефектот е чиста кожа која воопшто не затега.

Има лесна пенаста структура и ми се допаѓа што кога се миете имате чувство на нешто многу лесно и пријатно за размачкување. Секако кај мене на блог ќе најдете и други производи, ама еве за овој досега немам говорено па да искористам прилика овде.

2. Ексфолиација на кожата

По чистењето секако доаѓа вториот чекор (овој секако не се прави секојдневно туку еднаш неделно), а тоа е ексфолиацијата на кожата со помош на домашен скраб. Во продолжение ќе ви предложам два типа на домашен скраб, па вие одберете она што вам најмногу ви се допаѓа.

Скраб за лице со домат


Ова мислам дека е наједноставниот скраб кој може да го нaпрaвите сами за две секунди. Сѐ што ви е потребно е горниот дел од еден домат и малку шеќер. Земете еден домат со средна големина и пресечете го најгорниот дел. Намакајте ја во шеќер (претходно ставен во една тацничка) и со ова правете пилинг на лицето со кружни благи движења. Доколку шеќерот ви се стопи, повторно намакајте го.



Доматот е многу богат со антиоксидантни состојки кои го спречуваат штетното влијание на слободните радикали. Има астрингентно дејство (одлично за масната кожа), меѓутоа и емолиентно, односно омекнувачко дејство врз самата кожа. Шеќерот го кориcтиме како ексфолирачка состојка, односно благодарение на него се добива и скраб ефектот. Јас би ви препорачала бел шеќер, затоа што оној интегралниот е многу поагресивен.

Скраб за лице со мед и јогурт

Во еден мал стаклен или пластичен сад, ставете најнапред една кафена лажичка мед и една кафена лажичка јогурт и убаво промешајте. Додадете шеќер колку да добиете убава скраб смеса. Нанесете ја на убаво исчистено влажно лице и работете со благи кружни движења без премногу напор или стегање.

Медот има одлично влијание кога станува збор за комбинирана до масна кожа со оглед на тоа што омекнува, а сепак има антибактериско влијание. Јогуртот има киселкаста пх вредност која и одговара на кожата, е шеќерот ја дава ексфолирачката активност врз кожата.

3. Маски за комбинирана до масна кожа

Трет чекор од нашата пролетна/летна нега на кожата е секако маската за кожа која исто така не претставува дел од секојдневната нега, со оглед на тоа што пожелно е да се прави еднаш неделно. обично се прави по скработ кога од кожата сме ги отстраниле мртвите клетки и сме ја подготвиле максимално да ги прифати сите состојки кои сега ќе ги нанесеме.

Во продолжение на оваа статија ќе ви предложам две навистина одлично маски кои лично ги имам испробано и тврдам дека даваат убави резултати.

Маска за лице со мед и лимон


Мислам дека ова е наједноставната маска која воопшто може да ја направите кога немате многу состојки на располагање. Потребни ви се само две состојки и тоа: една кафена лажичка мед и една кафена лажичка лимон. Помешајте ги убаво двете состојки и нанесете ја смесата на кожата на лицето со помош на рацете со кружни благи движења (доколку имате козметичка четкичка може да ја искористите и неа за нанесување на маската). Оставете да делува околу 5 минути и убаво измијте ја со млака вода. Миењето звршете го со поладна вода за да ја подобрите циркулацијата.

Оваа маска дава неверојатен природен изглед и сјај на кожата. Медот ја омекнува кожата, а лимонот ја прави посјајна. Би сакала само да разјаснам едно нешто во врска со сокот од лимон кој го користевме, со оглед на тоа што ви предлагам пролетни/летни третмани.

Се сеќавате дека за етеричното масло од лимон секогаш ви велам да не го употребувате летно време со оглед на тоа што е фотонестабилно? Епа ова не важи за сокот од лимон. Етеричното масло се добива од кората на лимонот каде е присутна таа фотонестабилна состојка, додека истата не е присутна во сокот од самиот лимон. Оваа маска, со оглед на тоа што се измива од кожата, нема да предизвика никаква реакција со сончевите зраци, освен ако не го намачкате целото лице со лимон и да излезете директно да се сончате под сонцето. Како и да е сетете се на златното правило дека уште при првите сончеви зраци потребно е да користите креми со заштитен фактор.

Маска за лице со краставица и јогурт

Втората маска која би сакала да ви ја дадам е навистина многу убава и се прави со помош на јогурт и краставица. Исечете три тркалца краставица и заедно со една лажица јогурт фрулајте во еден мал блендер. На оваа смеса додадете малку зелена глина (колку да добиете убава смеса ни многу густа ну многу течна. Нанесете ја на лицето и држете ја околу 5 мин. Кога глината ќе почне да затега измијте. Не дозволувајте глината комлетно да се исуши на кожата.

4. Тоник за освежување на кожата


За освежување на кожата како тоник може да користите тоник за лице или пак ружина вода која има фантастичен ефект на тоник за лице. Мој предлог за ружина вода ви е онаа на Bare Origin која според мене е дефинитвно најдобра барем кај нас. Како тоник би ви го предложила оној на Balea на кој пишува за сува кожа, затоа што не содржи алкохол, не суши а сепак многу убаво освежува и навлажнува. Без разлика на тоа што имате комбинирана или масна кожа, верувајте ми тоников е идеален.


5. Хидратација на кожата

Последен н не и помалку важен чекор е кремот за нега на кожата. Како што кажав летно време сѐ потоплите денови прават кожата да се поти и кремите кои ни одговарале во текот на поладниот период повеќе не ни одговараат. Кожата летно време има потреба од полесна крема која пред сѐ ќе ја хидрира и освежува, а притоа и да одговара на типот на кожата. Во случајов за комбинирана до масна кожа најдобри се лесните хидратантни креми кои притоа имаат и матирачки ефект.

Во статиите досега ви имам предложено многу креми, меѓутоа овојпат ќе ви предложам нешто навистина многу функционално а доста економично, односно матирачкиот крем за масна и комбинирана кожа на Balea.



Овој крем го купив случајно (благодарение не некои девојки од форумот Фемина кои ми го посочија). Штом го видов и секако убаво ја разгледав декларацијата се одлучив да го пробам за да го увидам ефектот. Според декларацијата кремот има убава навлажнувачка моќ (во смисла не ја суши кожата) а сепак на некој начин го контролира вишокот на маснотија. Без разика на тоа што кремов содржи на трета позиција алкохол, неговото присуство според мене не е големо со оглед на тоа што се наоѓа по глицеринот, кој обично во производи за масна кожа се става најмногу до 5 %. Исто така друг показател дека алкохолот не е многу застапен е фактот што неговото дејство на комзерванс е потпомогнато од феноксиетанолот. Ми се допаѓа комбинацијата на алое вера сокот, екстрактите, гликолната киселина, хијалуронската киселина, пантенолот и лецитинот. Мислам дека формулата без разлика на тоа што не е органска ниту пак комплетно природна, во случајов е одлично избалансирана.

Како што ви напоменав го истестирав на мене и може да ви кажам дека уште при првата употреба забележав дека кожата не ми светна цел ден. Јас имам комбинирана кожа и многу често челото знае да ми светне во текот на денот. Со кремов тоа не се случи. И наредните денови исто така одлично издржа, дури и како база под течната пудра. Според мене производов е одличен.

Има лесна гел структура и кожата лесно го впива. На почетокот ќе ви се чини малку дека лепи, ама тоа е поради глицеринот на втора позиција. Дава чувство на свежина, па затоа според мене е идеален за претстојните летни денови, каде масната кожа треба и да дише. Секако при изложување на сонце, запомнете да користите заштитен фактор. Има убав свеж и пријатен мирис. Јас го користам само на Т зоната и врз него нанесувам друг крем за целото лице.

Ете драги мои, се надевам дека оваа статија ви беше од корист. Пробајте ги природните рецепти за пилинг и маски кои се одлични и навистина со малку производи кои веќе ги имате во вашите кујни добивате врвен резултат.

Вие како и секогаш, доколку нешто од ова сте пробале или пак пробате, слободно оставете ваш коментар под самиот текст.

Поздрав
Вики

Comments