Врел третман со масла за коса (Hot oil tretament)
Здраво драги мои,
веќе добро знаете дека маслените третмани за коса се од огромно значење и предуслов за убава и здрава коса, со оглед на тоа што длабински ја хранат, негуваат и го враќаат сјајот на влакното.
Имам говорено нависина многу за разни типови на масла и нивното влијание врз косата. Ова што денес сакам да ви го претставам е еден навистина многу корисен и интересен врел третман со масла за коса.
Идеата за овој производ ја добив од еден производ на Lush, кој се обидов да го направам во домашни услови со мала промена во состојките. Станува збор за Kinky hot oil treatment на Lush. Еве ја декларацијата на оригиналниот производ:
Cetearyl Alcohol and Sodium Lauryl Sulfate , Extra Virgin Olive Oil (Olea europaea) , Guar Gum (Guar Hydroxypropyltrimonium Chloride) , Sodium Bicarbonate , Castor Oil (Ricinus communis) , Lanolin , Fragrance , Citric Acid , Vetivert Oil (Vetiveria zizanoides) , Rosewood Oil (Aniba rosaeodora) , Ylang Ylang Oil (Cananga odorata) , *Benzyl Benzoate , *Benzyl Salicylate , *Eugenol, *Farnesol , Amyl Cinnamal , *Geraniol , *Linalool , Hydroxycitronellal
Лично малку ја променив за да ја направам полесна за правење, со оглед на тоа што некои состојки не може лесно да ги најдеме. Мојата верзија е следнава:
2 супени лажици маслиново масло
2 супени лажици рицинусово масло
3 супени лажици какао путер
1 супена лажица масло од макадамија
1 супена лажица кокосово масло
1 супена лажица пчелин восок
Како што мoже да забележите состојките кои ги задржав се следниве: маслиново масло и рицинусово масло. Наместо шеа путер ставив какао путер кој во последно време многу повеќе ми се допаѓа кога станува збор за косата, а наместо ланолин ставив кокосово масло. Додадов и пчелин восок поради цврстина на производот.
Во оригиналниот производ има сода бикарбона и лимонска киселина кои ги избегнав со причина и тоа: сода бикарбона има базна пх вредност која баш и не е пријателка на косата која има повеќе потреба од киселкасти состојки. Во самиот производ има и лимонска киселина, меѓутоа во присуство на сода бикарбона дејството на некој начин се анулира (базна плус кисела средина) така да се решив да не ги ставам воопшто.
Во оригиналниот производ има и состојки како Cetearyl Alcohol and Sodium Lauryl Sulfate, потоа Guar Gum (Guar Hydroxypropyltrimonium Chloride) и Benzyl Benzoate , Benzyl Salicylate кои не се баш лесни за наоѓање, а мојата цел е да направам нешто со сотојки кои лесно може да ги најдете, така да ги изоставив.
Од останати состојки додадов и масло од макадамија, меѓутоа доколку немате додадете на пример арган, авокадо или бадемово масло.
Најнапред на пареа стопете ги сите состојки сѐ додека не станат комплетно течни. Откако сѐ убаво ќе се стопи додадете етерични масла доколку имате. Јас ставив етерично масло од пачули и роза затоа што ми мирисаа прекрасно.
Префрлете ја смесата во силиконски калапчиња и оставете да се излади и стврдне. Може да ја ставите во фрижидер, замрзнувач или надвор на тераса на ова ладно време веднаш ќе се стврдне :)
Откако ќе се стврдне, извадете ги формите од калапчињата и ете вашиот третман е готов. Ви советувам да го завиткате секое парче во проѕирна фолија (онаа за храна) и да ги чувате во една кутија во фрижидер.Секогаш кога ќе посакате да го направите третманот доволно е да извадите едно парче и да го искористите.
Третманот се подготвува на следниов начин:
земете едно парче од подготвените форми и ставете го во еден керамички сад. Во меѓувреме во бокал за чај или на рингла ставете вода да зоврие. Откако ќе почне да врие земете и полека ставајте вода врз формата постојано мешајќи. Ставајте малку по малку вода сѐ додека да добиете убава кремаста смеса. Треба да бидете малку трпеливи додека сѐ убаво да се стопи. Во смесата додадете и една супена лажица путер за коса или маска за коса (секако без силикони).
Смесата нанесете ја на сува коса (во самата смеса веќе има вода), покријте со ќеса и одозгора пешкир. Оставете да делува околу саат време и убаво измијте со природен шампон.
Со оглед на тоа што немавме повеќе од состојките смесата нема да биде кремаста како оригиналот, меѓутоа ќе биде исто така доста ефикасна и корисна за косата. Затоа и додаваме една лажица маска или путер за коса.
Еве го резултатот на косата по третманот
Зошто да го направиме сами дома?
Секако може да одите и да го купите оригиналот, меѓутоа со оглед на тоа што цената му е 290 мкд за еден третман, на овој начин доста заштедувате. Потоа третманот може да го направите со оние масла кои ги имате дома или да го персонализирате како што ви одговара. Може да додадете етерични масла по ваш вкус или доколку сакате малку ванила во прав за поубав мирис.
Се надевам дека и оваа статија ви се допадна, а вие доколку го направите, секако оставете ваши коментари под самиот текст.
Comments
Post a Comment