Енергетска маска за лице од кафе за кожа која блеска


Здраво драги мои,

празниците кои веќе се зад нас беа прекрасна можност да бидеме во кругот на најблиските да се најадеме и да прославиме до раните утрински часови.

Скоро секогаш по ваквите славења кожата на лицето може да изгледа малку сиво и уморно поради недоволниот сон. Меѓутоа без грижа, за вас имам подготвено една фантастична енергетска маска за лице од кафе, која експресно ќе ја разбуди вашата кожа и ќе ја направи посјајна и поубава.

Ајде најнапред да ја подготвиме маската, па потоа да ви објаснам зошто ја одбрав токму оваа комбинација на состојки и како истите делуваат врз кожата.

За подготовка на оваа маска за лице потрбни ви се:

- две кафени лажички густ талог од кафе;
- една кафена лажичка мед;
- половина кафена лажичка глицерин;
- една кафена лажичка свеж сок од портокал
- малку ванила во прав (на врвот на една кафена лажичка);
- 2 капки етерично масло (лаванда или портокал), само доколку имате, во спротивно изоставете го.

Најнапред подгответе го кафето. Доколку ви е за пиење подгответе две шољи и земете го само талогот, во спротивно подгответе многу јако кафе со две лажици во малку вода кое ќе го користите само за рецептов.


Откако кафето ќе се олади земете две кафени лажички талог од дното и додадете го медот, глицеринот, свежиот сок од портокал, ванилата и етеричното масло. јас употребив етерично масло од пачули кое има анти ејџ влијание врз кожата. Како што веќе ви мапоменав доколку немате дома етерично масло, маскава ќе биде одлична и ефикасна и без него.

Откако убаво ќе ги помешате сите состојки земете малку од смесата со прстите и нанесете ја на лицето правејќи краток пилинг со благи движења. Не мијте со вода, туку додадете го и остатокот од смесата (со помош на прстите или една козметичка четкичка) и овојпат нанесете го како маска.

Со една смеса направивме и пилинг и маска, со што заштедуваме на време, а и на состојки секако.

Оставете маскава да делува околу 15 мин. и убаво измијте го лицето со млака вода. На крај миењето завршете го со ладна вода, нанесете тоник за лице и вашиот омилен крем.

Доколку маскава ви излезе малку потечна ставете една лажичка нишесте за нормална до сува кожа или зелена глина за масна кожа. 


Ајде сега да проговориме зошто токму овие состојки и какво е нивното дејство врз кожата.

Кафето ја стимулира циркулацијата на кожата, има антиоксидантно дејство и ја прочистува кожата од токсини. Одлично е во случај на уморна и сива кожа, не само по празниците, туку и во случај на климатски промени, загаденост, оксидативен стрес или безживотна кожа кај пушачите.

Според најновите истражувања, кафето го стимулира на некој начин и производството на колаген на кожата и ги подобрува тонусот и еластичноста на самата кожа.

Медот веќе добро знаеме дека има омекнувачко и дезинфекциско дејство врз кожата. Претставува еден вид на природна бариера која ја штити кожата од надворешните влијанија.

Свежиот сок од портокал е богат со витамин Ц и има големо антиоксидантно дејство врз кожата. Го одбрав токму сокот од портокал а не од лимон, со оглед на тоа што е за нијанса поблаг врз кожата.

Растителниот глицерин има големо омекнувачко дејство врз нашата кожа го спречува губитокот на течности и помага во задржување на правилната влажност на кожата. Доколку дома немате глицерин, може да го замените и со алое вера гел.

Како што веќе напоменав основните дејства на оваа маска се две и тоа:

- ексфолијација, ослободување на кожата од мртвите клертки;
- енергетско влијание, односно ја буди нашата кожа

Топло ви советувам да ја пробате оваа маска со оглед на тоа што има навистина одлично влијание и ефект.

Доколку се решите да ја пробате, ќе ми биде мило доколку го споделите вашето искуство и мислење под самиот текст.

Поздрав
Вики

Comments