2 домашни производи за мазна коса сѐ до врвовите


Здраво драги мои,

еве ме во првата статија од 2017 година која ја посветувам на убавината на косата. Кога станува збор за нашата коса никогаш доволно рецепти. Секогаш сум во потрага по нови лесни и интересни решенија кои сите може да ги направиме дома со малку состојки а голема ефикасност.

Овојпат сакам да ви предложам два производи кои служат за стајлинг на косата и кои не само што ги измазнуваат врвовите, туку даваат и сјај на самото влакно. Едниот има кремаста структура а другиот гел структура, така да според состојбата на вашата коса, а и вашиот личен вкус, може да одберете едно од овие средства или пак да ги комбинирате двете наизменично.

1. Крем производ за убава и мазна коса


Овој крем за стајлинг на косата е навистина многу лесен за подготовка. Сѐ што ви е потребно за да го направите е; путер за тело без силикони, глицерин и кокосово масло.

Најнапред земете две супени лажици путер за тело и ставете го во едно празно кутивче (таму каде што ќе го чувате производов). Во една мала чашка на пареа стопете една супена лажица кокосово масло и полека дел по дел додадете ја на путерот за тело со постојано мешање. На крај додадете и една лажица глицерин и убаво измешајте ги сите состојки.

Ете вашиот стајлинг крем е готов и може да го користите по миењето на мокра коса (пред да ја исушите со фен) или на сува коса само на врвовите како стајлинг.



Доколку кремот или путерот за тело кој го користевте има мирис во тој случај оставете го така. Во спротивно може да додадете 7 капки етерично масло од лимон или портокал за додатен сјај на влакното.

Јас користев лосион за тело, па затоа структурата е малку потечна.


2. Гел за убава и мазна коса

Вториов производ има структура на гел и косата навистина многу лесно го впива, Ја остава самата коса убава, мазна и сјајна.


Сѐ што ви е потребно за да го направите е:

5 кафени лажички алое вера гел;
2 кафени лажички кокосово масло
2 кафени лажички растителен глицерин
1 кафена лажичка јаболков оцет
7 капки етерично масло од лимон или портокал

Најнапред на пареа стопете го кокосовото мало и оставете малку да се олади. Земете го алое вера гелот и помешајте го со глицеринот и оцетот. Додадете го и кокосовото масло и убаво мешајте (може и со онаа електрична машинка за нескафе). Додадете го на крај етеричното масло и уште еднаш убаво промешајте.

Смесата префрлете ја во едно пластично или стаклено шишенце со пумпица за да може полесно да го земате или доколку сакате во мала тегличка, меѓутоа земајте го со дрвена шпатула поради хигиенски причини.


Се нанесува на благо навлажнета коса по миењето (пред да ја сушите со фен) или пак на сува коса по должината и на врвовите како стајлинг на косата.

Ја остава косата мека и сјајна благодарение на оцетот кој ја затвора кутикулата на влакното а и етеричното масло од лимон или портокал кои допринесуваат за поголем сјај.

Оцетот воопшто не се чувствува во овој рецепт со оглед на тоа што доминира мирисот на кокос и етеричното масло (лимон или портокал во зависност од она што сте го употребиле).

Се надевам дека овие два рецепти ви се допаднаа и дека ќе се обидете да ги направите. Верувајте ми, на овој начин  не само што заштедувате на скапи производи кои содржат и состојки кои не се пожелни за косата како на пример силикони, туку и си правите производ кој знатете дека е природен но и по ваш вкус.

До следно читање.
Вики

Comments

  1. Здраво Вики,
    Ми се допаѓаат сите твои рецепти. Дали знаеш каде можам во Македонија да најдам глицерин?

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга дури сега го гледам твојо коментар. Прости ми. Глицерин може да најдеш во сите аптеки. Побарај обавезно растителен глицерин. Поздрав.

      Delete

Post a Comment