Три нови прекрасни нискобуџетни производи кои ме воодушевија


Здраво драги мои,

еве ме повторно со уште една статија каде ви претставувам интересни и ефикасни козметички производи кои ги купувам и пробувам само за вас.

Овојпат најдов три производи кои мене лично многу ми се допаднаа, со одлични декларации, навистина примамливи цени и пто е најважно фантастични резултати. Два од овие производи се под 500 денари, а еден е нешто над 500, односно 599 денари, меѓутоа се решив да ви го претставам затоа што навистина вреди и може да биде од огромно значење на сите оние кои имаат сува и чувствителна кожа.

Знам дека сте нетрпеливи да дознаете за што станува збор, затоа ајде да започнеме.

1. Пена за миење на лицето на Balea


Не е тајна дека честопати одам во потрага по нови економични производи, особено кога станува збор за миење на лицето, со оглед на тоа што поголем број на производи имаат агресивни формули кои во ова ладно време (каде кожата е посклона на сушење) воопшто не ни прават услуга.

Оваа пена ја забележав случајно и мислам дека е дел од новата колекција на Balea со оглед на тоа што стоеше на посебен штанд. Формулата навистина многу ме изненади и израдува затоа што не содржи агресивни сурфактанти, туку оние кои нежно ја мијат кожата без да ја иритираат.



Содржи глицерин, екстракт од бадеми, пантенол и витамин Е. Навистина е одличен за оние кои имаат чувствителна кожа. Мислам дека една читателка ми рече дека претходмиот производ на Balea кој го рецензирав во декември не можела да го најде, еве овој би бил одлична замена.

Мене ми е погоден за ова ладно време. Во зима обично користам помасни производи за измивање токму поради тоа што ладното време има тенденција да ја суши кожата.

Структурата е многу лесна и пенлива, а и мирисот мене лично ми се допаѓа. пријатен е а не е многу јак.



Доколку сте во потрага по еден убав производ за миење на лице, еве ви го препорачувам овој. Цената е 159 денари и го земав од ДМ.

2. Маска за сува и чувствителна кожа на Fleurance


Откако во минатата статија ви го презентирав кремот за лице од оваа марка, мислам дека предизвикав интерес кај вас (читателите) за оваа марка. Неколкумина од вас го земаа кремот и навистина беа задоволни.

Случајно во Зегин Сити Мол, најдов дел од оваа козметика на 50 % (мислам дека сеуште трае попустот) и се решив да ја земам токму оваа маска за лице, меѓутоа не за да ја користам како маска (маските сама си ги правам свежи), туку на сосема поинаков и интересен начин.

Како производ оваа маска е многу убаво избалансирана, содржи глицерин, хидролат од портокал, овошни киселини, масла од семки на кајсија и јојоба и витамин Е. Структурата не е многу густа, туку нешто помеѓу. Мирисот е многу сличен со оној на кремот со матичен млеч.


Јас ви напоменав дека ја користам на малку поинаков начин и сега ќе ви објаснам како. Наутро на убаво исчистено лице ставам тенок слој од оваа маска и убаво го размачкувам лицето како кога нанесувам крем. Потоа ставам од кремот за лице (моментално го користам оној со матичен млеч од истава марка). На овој начин кожата е двојно нахранета и заштитена од ладното време.

Овој третман ви препорачувам да го правите само во рок од месец дена. Потоа направете пауза. Цената како што напоменав е 599 денари, иако јас на попуст ја земав за 300 денари, и може да ја најдете во аптеките на Зегин.

3. Гел ајлајнер на Alverde


Со оглед на тоа што отсекогаш сум сакала кафен ајлајнер, бев навистина среќна кога го најдов овој. Од истава марка имам повеќе ајлајнери од кои два црни и еден виолетов (боја на модар патлиџан). Кафен немав, а и никогаш порано немав земено гел ајлајнер (останатите се кремасти и течни).

Мора да кажам дека најнапред бојата е фантастична мене лично многу ми се допаѓа. Структурата е гел и многу лесно се нанесува на окото. Како трајност мора да напоменам дека има некоја средна трајност, не се брише веднаш, меѓутоа не е ни премногу траен како на пример оној течниот од истава марка (го рецензирав во статијата за новогодишна шминка). Може да го направите потраен доколку ставите малку сенка во прав одозгора за да го фиксирате. Јас пред да го нанесам ставив сенка како база на окото и малку сенка одозгора и мора да кажам дека доста траеше.


Цената е 119 денари и истиот може да го најдете во продавниците на ДМ.

Ете драги мои, ова е сѐ за денешнава статија, а секако јас постојано сум во потрага по нови производи кои ќе ви ги претставам следниот пат.

Поздрав
Вики

Comments

  1. Viki zdravo,
    Penata na Balea e stvarno ubava! Prethodno ja imam koristeno penata na Alverde, no ne bev mnogu zadovolna kako go mie liceto. Gelot na Alverde za mienje lice ubavo odmiva, I zatoa jas mislev deka gelovite kako proizvod poubavo mijat otkolku penite.
    Sepak, sega odluciv da I dadam sansa na penata na Balea I ne pogresiv. Fala za predlogot!
    So ogled na toa sto do sega imas recenzirano nekolku proizvodi na Balea, verojatno vo svojot asortiman imaat I drugi proizvodi koi bi dobile prelazna ocenka od tebe. Pa bi te zamolila da pisuvas za se sto e dobro od niv, za da imame moznost da menuvame proizvodi kako ne bi se zasitila kozata od eden ist proizvod.
    Pozdrav, Natasa

    ReplyDelete
    Replies
    1. Драга Наташа, мило ми е што пената од Балеа ти се погодила. Во последно време открив многу производи кои ми се допаднаа од оваа марка и верувај како што ќе наоѓам нови, така ќе ги споделувам со сите вас овде. Поздрав.

      Delete

Post a Comment