10 нови употреби на алое вера гелот за кои можеби не сте знаеле


Здраво драги мои,

вeќа имам навистина многу пишувано за алое вера гелот, од тоа како да го изберете, до начините на употреба во маските за кожата и косата.

Повеќето од вас го имаат дома алое вера гелот и сигурно го употребуваат за многу разни цели и на различни начини. Во оваа статија сакам да ви дадам 10 нови начини на кои може да го употребите алое вера гелот за кои можеби не сте знаеле или можеби сте знаеле, кои, секако ќе ви бидат од корист.

1.  Намалување на подуеноста на очите

Нанесен на едно памукче и ставен врз капакот или под окото, алое вера гелот има способност да ја намали подуеноста на окото;

2. Природен прајмер за масни очни капаци


Тенок слој нанесен врз очниот капак пред шминкањето, помага сенката да остане подолго на самото око, кое е од особена корист доколку станува збор за проблем со масни очни капаци;

3. Гел по бричење

Мажите може комотно да го користат алое вера гелот како средство по бричење со оглед на тоа што ја омекнува кожата и има големо ленитивно дејство. За да се избегне ефектот на затегање на кожата, најдобро е доколку се додаде малку масло на алое вера гелот со што кожата по бричењето би добила не само хидратација туку и хранење;

4. Средство пост депилација



Алое вера гелот е едно од најдобрите средтсва кое може да го нанесете на кожата по депилацијата. Мој совет ви е веднаш по самата депилација да нанесете дента само масло, а од наредниоте ден мачкајте ги нозете ии рацете (во зависност од делот кој сте го депилирале) само со алое вера гел.

Алое вера гелот не само што ќе ја омекне и негува кожата, туку и ќе го намали стресот на самата кожа од депилацијата.


5.  Гел за фиксирање на веѓите

Доколку имате природно убаво обликувани и густи веѓи кои сакате само убаво да ги фиксирате, во тој случај нанесете малку алое вера гел и поминете ги веѓите со една четкичка за веѓи.

6. Ублажување на премногу масен производ


Доколку кремот за лице или течната пудра кои ги имате дома ви се премногу масни за вашата кожа, а сепак сте ги платиле скапо и не сакате туку така да ги фрлите, во тој случај при нанесувањето помешајте ги со малку алое вера гел. Овој гел ќе ја олесни масната структура на производот и ќе направи истиот да биде полесен за вашата кожа.

На дланката нанесете малку од кремот или пудрата и исто толку алое вера гел и убаво помешајте. Нанесете ја смесата со благи движења на лицето.


7. Убави и здрави нокти


Алое вера гелот доколку редовно се нанесува како третман на ноктите, го помага правилниот раст и убавина на ноктите. Најдобро е да го нанесете навечер, не само на ноктите туку и на целата рака.

8. Проблеми со масен првут

Алое вера гелот доколку се нанесе на темето на главата со благи движења 30 мин. пред шампонирањето, помага при проблеми со масниот првут. Го намалува чешањето кое честопати е пропратен дел од оваа проблематика и има ленитивно дејство врз кожата.

9. Уморни нозе

По напорниот ден доколку имате уморни нозе (особено оние професии кои бараат да се стои подолго време), направете кратка масажа на нозете со алое вера гел и етерично масло од лаванда.

Земете две супени лажици алое вера гел и додадете 4 капки етерично масло од лаванда. Убаво промешајте и направете кратка масажа на нозете. Ова ќе ви помогне да го ублажите чувството на уморни нозе.

10. Скраб за лице или тело


Алое вера гелот е одличен и како состојка со која може да се направи еден убав скраб за лице или тело. Се мешаат една лажица алое вера гел со една лажица маслиново масло (или некое друго по ваш избор) и се додава малку шеќер.

Со оваа смеса нежно се прави ексфолиација на лицето или телото. Во случај на многу чувствителна кожа, заменете го шеќерот со кокосово брашно.

Поздрав и до скоро читање.
Вики

Comments