Крем со цинк оксид за кожа со иритации, црвенила и акни
Кремот со цинк оксид, наречен уште смеса или паста со цинк оксид, претставува галенски производ кој обично го подготвуваат во аптеките со галенска лабораторија. Овој вид на производ има навистина многу намени и бенефиции врз кожата како кај децата, така и кај возрасните.
Во Италија може многу лесно да се најде во скоро сите аптеки и од најразлични марки, иако три најпознати се на Marco Viti, марката Sella и марката Fitocose, (за оние кои живеат во Италија). Процентот на цинк оксид може да варира од 10 до 50%, иако јас во продолжение на оваа статија ќе ви ја претставам стандардната верзија со 25%.
Оваа смеса може многу лесно да ја направите и во домашни услови доколку ги имате потребните состојки. Не е комплицирана за изработка, а навистина ќе може да ја користите на повеќе начини за кои ќе зборувам подоцна.
За подготовката на овој крем потребни ви се:
25% деминерализирана вода
25% талк (пудра)
25% цинк оксид
25% растителен глицерин
Како што може да забележите сите четири состојки се застапени во ист процент што значи се ставаат во еднакви делови, односно за 100 гр. крем ќе користите по 25 гр. од секоја состојка.
Најнапред во еден сад со толчник убаво се мешаат прашкастите состојки, односно цинк оксидот и талкот.
Овие две состојки може да ги најдете во аптеките со галенска лабораторија. Откако убаво ќе ги иситните и споите, префрлете ги во едно чисто кутивчето каде ќе ја чувате кремата. Најнапред додадете го глицеринот и убаво мешајте, па на крај водата малку по малку не цела одеднаш со постојано мешање.
Вашиот крем е готов.
Структурата на овој производ е погуста и може ќе ви се чини дека е потешка за мачкање во споредба со обичните креми, меѓутоа ќе се навикнете. Остава мала бела трага, но доколку убаво се нанесе исчезнува. Од време на време на горниот слој од кремот ќе ви се појави мал слој на вода, меѓутоа тоа е нормално, така да сѐ што треба да направите е да го промешате и сѐ повторно ќе се спои убаво.
Овој производ нема потреба од конзерванси со оглед на тоа што количината на вода и глицерин е еднаква. Глицеринот има способност да ја привлекува и задржува водата, така да на некој начин го оддржува производот. Внимавајте само да го земате со чисти раце или пак уште подобро со една дрвена шпатула, за да не го расипете. Доколку правилно го чувате, може да ви трае и до 6 месеци.
Јас направив помала количина (од што обично би направила) затоа што имав многу малку глицерин и врз база на количината на глицерин ги мерев и другите состојки.
Ајде сега да преминеме за што сѐ е корисен овој производ и на кој начин да го употребуваме.
- Оваа смеса или крем со цинк оксид е многу корисна во случај на бубуљички и масна кожа. Доколку навечер од неа ставите мала количина само на бубуљичките ќе ви помогне побрзо да се исушат. Секако за посериозни случаи, консултирајте се со вашите дерматолози.
- Доколку вашите бебиња имаат проблем со пеленски осип на газето, оваа крема може да помогне да се смири реакцијата по само две до три апликации. Цинк оксидот има големо ленитивно дејство врз иритирана кожа и на некој начин ја подобрува бариерата на самата кожа.
- Летно време, многумина страдаат од црвенила или осип по лицето или телото како последица од потењето. Има луѓе кои летно време одејќи им се појавува осип на внатрешната страна од бедрата. Овој крем помага при сите овие проблематики.
- Во случај на прекумерно лачење на себум на кожата каде навистина лицето свети, овој крем може да го нанесете во многу тенок слој пред вашиот обичен крем за лице (на оние места каде кожата е масна и свети), или евентуано да го помешате со него (ептен мала количина, затоа што остава бела трага).
- По депилацијата или бричењето, чувствителната кожа веднаш регира и се појавуваат црвени топчиња или иритирана кожа која честопати пецка. Доколку имате таков проблем нанесете од овој крем. Не само што ќе ви помогне црвенилото да се повлече, туку ќе исчезне и непријатното чувство на пецкање.
- Доколку страдате од блага форма на егзема, може слободно да ја користите оваа смеса за подобрување на состојбата. Секако, за посериозни случаи консултирајте се со вашите дерматолози.
Освен гореспоменатите употреби, овој производ може да го користите и еднаш неделно за да направите маска за лице која ќе помогне во прочистувањето на кожата и ќе го апсорбира вишокот на маснотии. Секако станува збор за комбинирана до масна кожа.
Во случај на комбинирана кожа, нанесете ја само на оние делови каде се забележува зголемено лачење на себум како на пример Т зоната.
За подготовка на оваа маска потребни ви се:
- половина кафена лажичка крем со цинк оксид
- една кафена лажичка нишесте
- една кафена лажичка зелена глина
- половина кафена лажичка мед
- 2 капки етерично масло по ваш избор (рузмарин, лаванда или чајно дрво)
Убаво помешајте ги сите состојки и нанесете ја смесата само на оние места на лицето кои ви се проблематични. Оставете да отстои од 10 мин. и отстранете ја со сунѓерче и млака вода. Лицето потоа измијте го со поладна вода и на крај нанесете крем за вашиот тип на кожа.
Оваа маска навистина има голема апсорбирачка моќ, ја прави кожата мат и го намалува светењето на кожата. Доволно е да ја правите еднаш неделно (нема потреба од почесто) за да видите убави резултати врз вашата кожа.
Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист и доколку се обидете да го направите овој производ, слободно пишете ги вашите импресии под самиот текст.
Поздрав и до следно читање.
Вики
Comments
Post a Comment