Убави од глава до пети со јогурт
Здраво драги мои,
доколку редовно ме следите, можеби сте забележале дека дел од рецептите кои ви ги претставувам содржат токму јогурт, и тоа не е случајно. Јогуртот е една одлична намирница која има безброј позитивни влијанија врз секој вид на кожа и коса.
Може да се каже дека јогуртот претставува комплетна намирница поради тоа што содржи:
- млечни ферменти како Lactobacillus bulgaricu и streptococcus thermophilus;
- пробиотски ферменти (Lactobacillus acidophilus, Lactobacillus casei, Lactobacillus lactis, Bifidobacterium bifidum);
- минерали како калциум, содиум, фосфор, железо, цинк, селениум;
- витамини од групата Б (Б1, Б2, Б3, Б6, Б12), витамин А, Ц и ПП.
Понатаму јогуртот е богат со пантотенска кислелина, протеини и масти кои се од огромно значење за правилно функционирање на организмот.
Јогуртот претставува навистина здрава и одлична намирница за конзумирање, меѓутоа ние во оваа статија ќе се задржиме на неговото дејство врз убавината на нашата кожа и коса, нанесен надворешно преку маски и третмани.
ЈОГУРТ ЗА ЛИЦЕ
Јогуртот е една од ретките состојки која одговара за секаков вид на кожа, со оглед на тоа што има еден цел спектар на разни влијанија врз кожата, во зависност од состојбата на нашата кожа и комбинацијата со останатите состојки во еден третман или маска.
Комбинирана или масна кожа
Јогуртот има астрингентно, прочистувачко и антибактериско дејство врз масната или нечиста кожа. Ја прочистува кожата, ја прави посјајна, ги намалува проширените пори и ја намалува појавата на црнки и акни (секако во нормални услови, за посериозни случаеви консултирајте се со вашите дерматолози).
Во продолжение ќе ви предложам една прекрасна маска за комбинирана до масна кожа која не само што ја прочистува кожата, туку ја подобрува нејзината еластичност и тонус.
1 кафена лажичка нишесте
1 кафена лажичка зелена глина
1 кафена лажичка густ јогурт
1 кафена лажичка мед
Во еден сад убаво помешајте ги сите состојки и нанесете ја добиената смеса на чиста кожа избегнувајќи го делот околу очи. Оставете ја да отстои околу 10 мин. и измијте со млака вода. Миењето завршете го со поладна вода за да ја подорбите циркулацијата на кожата.
Доколку имате комбинирана кожа, оваа маска нанесете ја само на оние делови каде кожата е комбинирана, на пример Т зоната.
Нормална до сува кожа
Јогуртот е одличен и за оние кои имаат нормална до сува кожа. За многу сува кожа, би ви препорачала да го замените со иста количина на павлака.
Има големо ленитивно дејство врз кожата и ја смирува (се сеќавате како вашите мајки ве мачкале со јогурт доколку се изгорете од сонцето), има големо анти ејџ дејство врз кожата и ја зголемува нејзината еластичност. Го подобрува и колоритот и тенот на самата кожа и на некој начин ја прави кожата посјајна и посвежа.
Во продолжение ќе ви дадам рецепт за една прекрасна маска за нормална до сува кожа, која има и големо анти ејџ влијание.
1 мало парче банана
1 супена лажица густ јогурт
1 кафена лажичка маслиново масло
Најнапред убаво згмечете ја бананата, или пак доколку имате бледнер, ставете ја заедно со јогуртот се додека да добиете убава смеса. Додадете го и маслиновото масло и убаво промешајте. Нанесете ја маската на убаво исчистено лице, врат и деколте (избегнувајќи ја зоната околу очи). Оставете да отстои околу 15 мин. и измијте ја со млака вода.
ЈОГУРТ ЗА УБАВА И СЈАЈНА КОСА
Јогуртот е едно од најдобрите средства и за сите видови на коса. Го зголемува сјајот на косата, ја прави помека, лесна за чешлање и поубава, Протеините во јогуртот ја спречуваат појавата на расцветани врвови.
Маска од јогурт за коса без сјај
Оваа маска за коса за цел има да ја омекне косата и да го врати сјајот на самото влакно.
половина банана
половина јаболко
две супени лажици јогурт
една супена лажица мед
една супена лажица масло по ваш избор (маслиново, рицинусово, арганово, кокосово, масло од ленено семе или макадамија)
Во еден блендер, најнапред ставете ги бананата, јаболкото (без делот со семки) и јогуртот. Фрулајте сѐ додека не добиете убава изедначена смеса. Ставете ја смесата во едно кутивче или подлабок сад и додадете ги медот и маслото со постојано мешање.
Нанесете ја маската врз должината на косата и врвовите и оставете да делува најмалку 30 мин. (најдобро е доколу ја оставите барем саат време). За подобар ефект покријте ја косата со ќеса и врз неа пешкир.
Оваа маска има неверојатно дејство уште по првата апликација, со оглед на тоа што ја омекнува косата, ја прави полесна за обликување, длабински ја храни косата и дава неверојатен сјај на косата.
Ќе ви се чини дека вашата коса е препородена по само една апликација.
Еве го ефектот врз косата
Маска од јогурт за многу сува коса
Оваа маска е одлична во случај на многу сува коса склона кон расцветани врвови.
половина зрело авокадо
една супена лажица масло по ваш избор (маслиново, рицинусово, арганово, кокосово, масло од ленено семе или макадамија)
една супена лажица јогурт
Најнапред згмечете го убаво авокадото, па потоа додадете ги јогуртот и маслото. Помешајте убаво и нанесете ја смесата врз благо навлажнета коса.
Оставете да отстои околу саат време и убаво измијте со благ шампон. Ќе бидете изненадени од резултатите врз вашата коса уште по првата апликација.
Еве го ефектот врз косата
Маска од јогурт за масна коса
Јогуртот е одличен и во случај на масна коса со оглед на тоа што има киселкаста пх вредност и прочистувачко дејство врз темето и косата. Исто така јогуртот ја омекнува мсаната коса без да ја отежни и го сголемува нејзиниот сјај.
3 супени лажици густ јогурт
1 супена лажица мед
3 кафени лажички нишесте
1 до 2 кафени лажички сок од портокал
Помешајте ги сите состојки и доколку смесата е премногу густа додадете уште малку јогурт, во спротивно уште малку нишесте.
Убаво нанесете ја на косата и оставете да делува најмалку 30 мин. и измијте ја со шампон.
Доколку имате проблем со многу масен корен, наместо три лажички нишесте ставете две зелена глина и две нишесте. Нанесте ја само на коренот на косата околу 25 мин. и убаво измијте со вашиот омилен шампон.
Секако дозите за сите маски за коса варираат според должината и густината на вашата коса, така да зголемете ги или преполовете ги предложените количини.
ЈОГУРТ ЗА ТЕЛО
Јогуртот може да го користите и за да направите прекрасен пилинг за тело. Потребни ќе ви бидат само три состојки и тоа: шеќер, јогурт и мед.
Помешајте 2 до 3 супени лажици шеќер, 1 супена лажица мед и 2 супени лажици јогурт. Со добиената смеса направете пилинг на целото тело и измијте го со млака вода.
Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист и дека сфативте како една толку едноставна и вкусна состојка како јогуртот може да ви даде фантастични резултати од глава до пети.
Поздрав и до следно читање.
Вики
Comments
Post a Comment