Тип на кожа и соодветна нега





Здраво драги мои,


Правилната нега на кожата е од особено значење за убава и здрава кожа, а за да може правилно да ја негуваме кожата потребно е пред сѐ да ги познаваме нејзините потреби и секако да го одредиме типот на кожата. Откако ќе сфатиме каков вид на кожа имаме и кои состојки имаат убаво влијание врз неа, полесно ќе ни биде да го одбереме вистинскиот препарат за нега на кожата.

Секако запомнете дека секоја кожа е различна и различно реагира на одредени состојки и дека еден производ не може да биде функционален и одличен за сите нас.

Како да го одредиме сопствениот тип на кожа?

Ова е можеби една од најтешките работи кои треба да ги направимe затоа што зависи од повеќе фактори. Најнапред важна улога игра генетиката и тука малку може да направиме.

Како втор фактор би ја издоила околината каде живееме и климатските услови, а тука секако спаѓа и загаденоста. Не е исто да се живее на планина или во чист предел или во голем град.
Како најпоследно, меѓутоа не и помалку важно, е козметиката. Ако пределот каде живееме има посува клима, во тој случај потребна е поголема хидратација на кожата и обратно, доколку има поголема влага нема да биде потребна преголема хидратација на кожата преку производи.

Некои од нас мака мачат со сува кожа, на други им светнува само да погледаат едно шишенце масло, трети се алергични на сите можни состојки. Меѓутоа постојат и такви кои мислат дека имаат сува кожа природно, а таа станала таква како резултат на агресивни средства за миење. Други пак имаат масна кожа како резултат на премногу масни производи или пак производи на база на нафтени деривати.

Сѐ додека користите креми и останата козметика за лице со силикони и нафтени деривати, нема да може со сигурност прецизно да го одредите типот на вашата кожа.


Затоа мој најголем пријателски совет ви е, пред да ве фати паника дека вашата кожа од ден на ден доживеала драстична промена, да почнете да ја исчистите истата од силиконски производи.

Земете најнапред крем за нормална кожа и користете го упорно цел месец. Дури по месец дена ќе имате можност да видите каква е всушност вистинската состојба на вашата кожа, дали е дехидрирана, дали има потреба од помаслен или помалку маслен производ. Не само што ќе го одредите вашиот вистински тиоп на кожа, туку ќе и овозможите на кожата повторно да дише.

Какви производи да користиме?

Откако сме ја откриле вистинската состојба на кожата може да делуваме на нејзино подобрување преку вистинските производи и состојки. Ете зошто е важно да знаеме барем минимално да ги читаме декларациите и да одредиме кои состојки се база на производот.

Доколку имате масна кожа, подобро ќе ви одговараат производи на база на алое вера гел, хидролати, полесни масла како коко каприлат или јојоба и глицерин. За поинтензивно хранење на сувата кожа потребни се производи кои содрќат масла и путери упте на првите летири позиции. Секако големо влијание има комплетната декларација и соодносот на сите состојки во производот.

Веќе ја имам објавено табелата за густина на маслата и путерите, ама еве повторно ќе ја ставам о овде. Корисна е доколку се мислите каков тип на масло најмногу одговара за вашиот тип на кожа.


Многу лесни масла (густина до 0.900)
          1.      Јојоба 0,865
          2.      caprylic / capric triglycerides 0,900
Лесни масла (густина од 0,901 до 0, 915)
         1.      Арганово 0,908-0,913
         2.      Бадемово 0,913
         3.      Маслиново 0,913
         4.      Кокос 0,915
         5.      Макадамија 0,915
         6.      Лешник 0,915
         7.      Палма 0,915
Медиум (густина од 0, 916 до 0. 925)
         1.      Семки од кајсија 0,920
         2.      Авокадо 0,918
         3.      Ориз 0,918
         4.      Сусам 0, 919
         5.   Пченка 0.920
         6.      Пшенични никулци 0,921
         7.      Сончоглед 0,921
         8.      Роза москета 0, 925
         9.      Соја 0,925
         10.   Грозје 0,925
Тешки масла (густина од 0,926 па нагоре)
          1.      Ленено семе 0,929
          2.      Витамин Е (Токоферол) 0,960
          3.      Рицинус 0,962
Густина на путери
          1.      Какао путер 0,900
          2.      Манго путер 0,900
          3.      Шеа путер 0,910
          4.      Путер од кокос 0,915


Секако запомнете дека во еден крем како што веќе напоменав голема улога играат и комбинацијата на состојки и процентот на нивната застапеност. Не е исто да земете крем за лице на кој пишува “ крем со алое вера гел“ и кога ќе ја свртите декларацијата да забележите дека првите три состојки се силикони, а алое вера гелот е присутен на крајот од листата околу 1% (од него ни трага ни глас во целиот производ), или пак да земете крем каде алое вера гелот е на прва позиција (база на производот).


Како да препознаете дали еден производ одговара на вашиот тип на кожа?


Пред да купите некој козметички производ, побарајте тестерче од истиот. Нанесете го производот и почекајте околу два часа. доколку по два часа кожата почне да ви свети, во тој случај кремот или маслото не одговараат за вашиот тип на кожа.

Се надевам дека овие совети малку ќе ви помогнат и ќе ви бидат од корист при понатамошниот избор на производи и нега на кожата.

Поздрав и до следно читање.
Вики

Comments