Нега на бебешката и детската кожа со производите на Natura Siberica.


Здраво драги мои,

Најнезагадената област на светот каде воздухот, ледот и пејсажот потсетуваат на бајка е родно место на една прекрасна природна козметика за нега на лицето и телото, која во себе ги чува сите природни мириси на билките кои се наоѓаат во Сибир, односно Natura Siberica. 

Сертифицирана е од страна на Icea Cosmos Organic, дел од групацијата Cosmos Standard, кое доколку сте ја прочитале мојата статија за сертификатори на органска козметика знаете дека станува збор за здружение на 5-те водечки европски компании за сертификат на природна и органска козметика, односно: Soil Association (Велика Британија), Cosmebio и EcoCert (Франција), BDIH (Германија), ICEA (Италија) кои имаат навистина строги критериуми и стандарди кога се во прашање состојките и формулите на една козметика.

Во денешнава статија ќе ви прикажам три прекрасни производи од линијата Little Siberica наменета за нашите најмили, односно шампонот, гелот за бањање и млекото за тело.



Пред да започнам со рецензија на производите би сакала да наведам нешто многу важно околу нега на кожата на новороденчињата. Многу педијатри препорачуваат дека првите шест месеци нема потреба од употреба на никакви комерцијални производи без разлика на тоа колку се природни или органски (со исклучок на кремот за пеленска регија само доколку се појави потреба за тоа). Моментално работам на еден проект со мојата професорка по фитотерапија за деца, и можам да ви кажам дека во првите 6 месеци, бебешката кожа е сеуште многу нежна и нема потреба од употреба на сурфактанти за измивање. Меѓутоа работев многу на оваа тема и истражував во последнава година дена и може да ви го кажам следново:

- во првите три месеци се сложувам дека нема потреба од комерцијални детергенти за измивање без разлика на тоа колку се органски, нежни или добро формулирани. Слободно може да измивате со оризов скроб или нишесте рстворено во водичката за бањање.

- од 3 до 6 месец може полека да се почне со воведување на природни и што понежни детергенти за измивање со тоа што три пати бебето се мие со оризов скроб, а четвртиот со многу малку средство за миење растворено во кадичката со вода. На тој начин детето постепено се доведува во контакт со производите за миење, се прави постепено навикнување на бебешката кожа на истите и се спречува појава на алергиски реакции. 

Истото би можела да го кажам и за кремите или млеката за нега на кожата на телото. Во најрана возраст од 0 до 3 месеци, доколку бебешката кожа е мека и не дава никакви знаци на црвенила и сува кожа нема потреба да се нанесува ништо. Доколку забележите иритации, црвенила или гледате дека кожата е сува тогаш може да започнете со масло или крем за нега на телото со цел бебешката кожа да се навикне. Како масло може да одберете бадемово (знајте дека во контакт со облеката ова масло лесно ужегнува во смисла го менува мирисот) или пак може да одберете многу едноставен крем на база на невен со многу малку едноставни состојки.

Што се однесува до косата, доколку новороденчето има премногу густа коса (се случува да се родат бебиња со премногу коса), еднаш неделно многу мала количина од шампонов кој ќе ви го предложам во продолжение (буквално една капка) растворена во вода (никако директно врз косата) може да се нанесе на косата и нежно да се измие.




После шестиот месец, слободно може да ги употребувате овие производи кои ќе ви ги претставам на секое  миење, со оглед на тоа што имаат навистина одлична декларација.

1. Шампон No Tears - Little Siberica



Да започнеме со шампонот кој просто го обожавам не само поради одличниот состав, туку и поради нежната формулата.

СОСТОЈКИ (INCI): AQUA, ALOE BARBADENSIS LEAF EXTRACT*, LAURYL GLUCOSIDE, ANGELICA ARCHANGELICA ROOT EXTRACT*, COCO-GLUCOSIDE, SODIUM COCO-SULFATE, COCAMIDOPROPYL BETAINE, GLYCERYL OLEATE, GLYCYRRHIZA GLABRA ROOT EXTRACT, SORBUS SIBIRICA EXTRACTʷʰ, GERANIUM SIBIRICUM EXTRACTʷʰ, AQUILEGIA SIBIRICA EXTRACTʷʰ, GLYCERIN*, BENZYL ALCOHOL, DEHYDROACETIC ACID, SODIUM BENZOATE, POTASSIUM SORBATE, CITRIC ACID, PARFUM, LIMONENE**, LINALOOL**, CITRAL**.

Од декларацијата може да забележиме дека има фантастично избалансирана формула која е блага за детската кожа. После водата има алое кое одлично омекнува и спречува било какви иритации кај кожата. Како сурфактанти се користени Lauryl Glucoside, Coco Glucoside, Sodium Coco Sulfate и Cocamidopropyl Betaine и тоа во таков сооднос да се направи една неагресивна формула која нежно измива без да суши и без да ја иритира детската кожа. Додатокот на глицерин ја комплетира оваа прекрасна формула.



Овој шампон прави малку пена што е одлично, затоа што е еден показател за деликатната формула на самиот производ.

2. Гел за бањање Little Siberica



СОСТОЈКИ (INCI): AQUA, TILIA CORDATA FLOWER WATER*,SODIUM COCO-SULFATE, LAURYL GLUCOSIDE,  GLYCERIN**, COCAMIDOPROPYL BETAINE, HYPERICUM PERFORATUM EXTRACT*,  SODIUM CHLORIDE,  COCO-GLUCOSIDE, GLYCERYL OLEATE, PINUS SIBIRICA NEEDLE EXTRACTʷʰ,  LARIX SIBIRICA NEEDLE EXTRACTʷʰ, ACHILLEA ASIATICA FLOWER/LEAF/STEM EXTRACTʷʰ, BENZYL ALCOHOL, DEHYDROACETIC ACID, SODIUM BENZOATE, POTASSIUM SORBATE, CITRIC ACID,  PARFUM, LIMONENE**.

Од декларацијата може да се забележи дека овој производ има за нијанса поголема измивачка моќ од шампонот, со оглед на тоа што како примарен сурфактант се јавува содиум коко сулфат на повисока позиција од претходниот производ. Не е агресивен како производ затоа што е одлично избалансиран со глукозидот, бетаинот и глицерил олеатот (кои го минимизираат дејствро на примарниор сурфактант), меѓутоа сепак има убава измивачка моќ. Верувајте ми ова не го говорам на памет, јас самата правам средства за измивање и користам комбинација на доста сурфактанти, така да точно знам како и на кој начин може да се ублажи примарниот сурфактант и да се намали неговата измивачка моќ.



Мој совет ви е од третиот па до шестиот месец кога постепено ќе ги внесувате производите за измивање во комбинација со оризовиот скроб или нишестето е да не го земете веднаш овој гел, туку наместо него шампонот кој е многу поблаг. 

Ова средтсво почнете да го користите од  6 месеци па до година дена растворено во водата во кадичката и на тој начин ќе го измиете бебето. Кога децата ќе станат поголеми и ќе почнат да трчаат и да се да валкаат надвор играјќи се, земете мала количина од производот врз раката, растворете ја со малку вода и нежно мијте ја детската кожа без многу триење.

3. Млеко за тело Little Siberica



Третиот производ кој сакам да ви го претставам од оваа линија е млекото за нега на кожата на телото. кој може постепено да го внесете во бебешката нега од 3 месец па нагоре. 
Содржи сончогледово масло, екстракт од овес, глицерин, масло од семки од кајсија, екстракт од сибирски бор. 



Како производ убаво е избалансиран има лесна и пријатна структура



Кожата на телото бргу го впива и не остава масна трага. Моментално го користат моите внуки (поголемки се едната има 4 а другата 8 години) и можам да кажам дека по бањањето со ова млеко кожата им е прекрасна мека и убава.

Драги мои, јас се надевам дека оваа статија ви се допадна и дека ви беше од корист, а ние се читаме наскоро со нови и интересни содржини.

Поздрав
Вики

Comments