Дејство и употреба на пчелиниот восок во козметиката


Здраво драги мои,

лично, пчелите и нивните производи ги сметам за Божји дар. Една од моите најомиени состојки како при правење на кремите, така и во сапуните е токму пчелиниот восок. Го обожавам мирисот, структурата која ја дава на кремите и секако ефектот врз кожата. Ајде подобро да ја запознаеме оваа состојка, да видиме зошто е толку добра за кожата и да дознаеме на кои сѐ начини може да ја употребиме во козметиката.

Пчелиниот восок се формира од восочните жлезди на пчелите при изградба на саќето. Без разлика на тоа што претставува подпроизвод на медот (односно се добива од преработка на медот), сепак станува збор за една одлична висококвалитетна состојка која во козметички цели се употребувала уште од античко време.


Пчелиниот восок се произведува во периодот помеѓу месец април и мај од страна на младите пчели кои имаат способност да ги преработат шеќерите од медот. Штотуку произведениот восок е во течна форма и во контакт со воздухот се стврднува во “снегулки“ со тежина од околу 1 мг. Со задните нозе пчелата ја зема оваа “снегулка“ и ја префрла на предните нозе и ја обработува со помош на мандибулата сѐ додека да ја добие посакуваната форма. Мора да напоменам дека за 1гр. пчелин восок, потребни се 8,5 гр. мед.


Оосвен тоа што претставува неизбежна состојка во пчеларникот, пчелиниот восок има одлични козметички својства и се користи во разни козметички производи. Ајде подобро да ја разгледаме неговата козметичка моќ и ефектот кој го има врз нашата кожа.


Не постои производ кој е побогат со вит. А од пчелиниот восок. 100 гр. органски моркови содржат од 2 до 9 милиграми каротен, додека истата количина на пчелин восок содржи од помеѓу 8 и 12 милиграми. Овој витамин е од огромна важност за клеточната регенерацијата со оглед на тоа што го потпомага развојот на здравите клетки во кожата.

Има омекнувачко дејство врз кожата и ја заштитува. Пчелиниот восок, употребен во масни балсами за нега на кожата, има способност да креира еден вид на заштитен филм врз кожата потпомагајќи ја на тој начин правилната хидратација на кожата. Ја штити кожата од надворешните агресии (премногу ветар, студено време или преголема топлина) и токму затоа, од огромна важност е за нега на сува и чувствителна кожа.


Меѓутоа благодарение на антибактериските својства, пчелиниот восок е одличен и за проблематична кожа со акни и бубуљички. Имам лично направено и тестирано неколку балсами за лице со пчелин восок, масло од јојоба и масло од кантарион кои се покажаа како одлични за оваа проблематика.

Дали се сеќавате на статијата за колд крем каде објаснив од каде потекнува овој производ и како се употребува (линк на статијата ќе најдете овде) ете во овој вид на козметички производ, пчелиниот восок претставува еден вид на “емулгатор“ помеѓу маслата и водата, со оглед на тоа што процентот на вода е низок во однос на маслата. Да разјасниме дека официјално, пчелиниот восок не може да се смета за емулгатор. Во формулата колд крем издржува бидејќи процентот на масла е многу повисок во зависност од оној на водата. Класичната формула на еден колд крем е  20% восок, 20% вода и 60% масти. 


Во козметичките производи од “новата генерација“ каде процентот на вода е поголем, пчелиниот восок не е доволен за да ја држи емулзијата помеѓу водата и маслата. Тука е потребен еден “сериозен“ емулгатор, а пчелиниот восок може да се користи како ко-емулгатор или пак да ја потпомогне структурата на кремот.


Производите на база на пчелин восок како на пример маслените балсами се многу корисни и во случај на стрии на кожата. Одлично ја негуваат кожата, ја прават поеластична и со самото тоа ја намалуваат видливоста на веќе постоечките стрии и ја спречуваат појавата на нови.
Во продолжение би сакала да ви оставам линк од една моја статија за колд крем за нега на кожата на телото.


Пчелиниот восок е една од најдобрите состојки кога станува збор за производи за нега на устата како балсами или лабела. Голем број на производи во продажба содржат лоши состојки како минерални масла, ланолин или вазелин. Убаво формулираните балсами за уста содржат пчелин восок, рицинусово масло и останати природни масла. Овој вид на производ може многу лесно да го направите и во домашни услови.


Секако, оваа состојка ја користам и во изработка на домашни сапуни ви количина од 1 до 2%. Ја помага цврстината на самиот сапун и секако дава убав ефект врз кожата. Еден од моите омилени сапуни за лице е оној кој си го правам со мед, пчелин восок  и разни масла.


Драги мои јас се надевам дека оваа статија ви се допадна и дека ви беше од корист. Дали вие честопати го користите пчелиниот восок за производство на домашни производи, или пак купувате готови производи на база на пчелин восок? Како сте задоволни од оваа состојка?

Сите ваши коментари се добредојдени под статијата.
Ве гушкам и до следно читање.
Вики

Comments