Домашен скраб за тело со цимет и портокал


Здраво драги мои,

сезоната на празници се наближува (барем овде во Рим веќе се чувствува предпразничната еуфорија), па токму затоа во оваа статија би сакала да ви дадам еден прекрасен рецепт за скраб за тело кој мириса токму на Божиќ, односно со цимет и портокал.

Правилната ексфолијација на телото потребно е да ја правиме во текот на целата година, со цел да ги отстраниме мртвите клетки од површинскиот слој на кожата на телото и да ја оддржуваме убавината и здравјето на нашата кожа. Доколку истата таа ексфолијација има и прекрасен мирис и позитивно влијае врз сите наши сетила, тогаш задоволството е уште поголемо.

Овој скраб се прави многу лесно доколку ги имате сите потребни состојки. Во спортивно ќе ви дадам и алтернатива за некои од состојките доколку не може да ги најдете кај нас. Ајде да започнеме.


- 5 супени лажици сол од Мртво Море
- 13 супени лажици шеќер (оној бел ситен бидејќи е понежен)
- 5 супени лажици хималајска сол (онаа розевата)
- масло од невен
- вит. Е
- етерично масло од цимет
- етерично масло од сладок портокал

Во еден сад најнапред убаво помешајте ги прашкастите состојки, односно двата вида на сол и шеќерот. Доколку не може да најдете сол од Мртво Море, може да користите крупна готварска сол. Солта од Мртвото Море е одлична бидејки има прочистувачко дејство врз кожата и прави еден вид на детоксификација. Кај нас обично ја земам од ДМ маркетите.

Намерно предложив бел шеќер а не интегрален бидејќи е со помала димензија и со помало ексфолијантно дејство кое во случајов ни е потребно, со оглед на тоа што користиме крупна сол која има поголема ексфолијантна моќ. Понатаму комбинацијата на два вида на сол со шеќер cпоред мене е идеална како скраб за кожата на телото, со оглед на тоа што шеќерот има доста хидратантно и омекнувачко дејство врз кожата и прави благ пилинг, додека солта е малку поагресивна од шеќерот и прави поголема ексфолијација. На овој начин ги имаме избалансирано двете состојки за еден скраб со комплетно дејство кој ќе ја остави кожата мека, свиленкаста и мазна.


Откако сѐ убаво ќе се помеша, додадете го маслото од невен. Одредете ја сами количината врз база на тоа колку течен или густ сакате да ви биде скработ. Јас обично за таа количина додавам околу 15 до 20 супени лажици масло. Маслото од невен има смирувачко дејство врз кожата и не само тоа, дава прекрасна природна жолта боја на скработ, без употреба на никакви вештачки бои.


На крај се додаваат етеричните масла и сето тоа убаво се меша. Етеричните масла од цимет и портокал ми се омилени вака заедно во комбинација. Даваат чувство на празнично расположение, на нешто убаво, божиќно или новогодишно...Во секој случај се рај за сетилата доколку секако ви се допаѓа тој мирис.



Доколку немате етерични масла, скработ може да го направите со помош на рендана кора од портокал ( непрскан за да не си ги нанесете сите хемикалии врз кожата) и со помош на цимет во прав. Најнапред со помош на една рендалка за пармезан (онаа најситната) изрендајте кора од еден до два портокали (зависи од количината на скработ кој ќе го правите и од големината на самите портокали) и во кутичето каде што ќе го чувате пилингот ставете ја изренданата кора со солта и шеќерот. Затворете го кутичето и оставете да одстои така најмалку недела дена. Во текот на таа недела портокалот ќе ги испушти етеричните масла природно присутни во кората врз солта и шеќерот, и на тој начин ќе добиете природен мирис на портокал.


По 10-на дена додадете го маслото од невен (или доколку немате невен некое друго масло кое нема силен мирис за да не ви го покрие мирисот на портокал) и додадете малку цимет во прав и повторно оставете околу 10 дена. На тој начин ќе добиете сличен резултат како со етеричните масла, иако мора да напоменам дека мирисот ќе биде доста послаб од производот со етеричните масла, со оглед на тоа што се поконцентрирани и посилни. Доколку сакате сами направете масло од портокал киристејќи сува кора од портокал и на тој начин ќе го интензифицирате мирисот. Повеќе информации како се прават цитрусните масла од портокал и лимон може да најдете на следниов линк домашно масло од лимон (процедурата е иста и за портокалот).



На крајот доколку имате додадете и вит. Е. Доколку немате користете како база некое масло богато со вит. Е на пример сончогледовото. Еве го финалниот производ


Како што може да забележите додека го ставам пилингот изгледа посув, а потоа откако ќе постои малку солта паѓа надолу, со оглед на тоа што е потешка, а маслото се искачува нагоре.



Токму затоа, пред секоја употреба, потребно е убаво да го промешате производот. Препорачливо е да се употребува еднаш неделно, не повеќе, бидејќи секое претерување дава спротивен ефект.

Јас се надевам дека оваа статија ви се допадна и дека ќе се обидете да го направите овој прекрасен скраб за тело. Доколку е тоа така, сетете се да ставите лајк, да ја споделите на вашите фејсбук профили или оставете коментар.

Ние се читаме наскоро со нови интересни содржини, а јас дотогаш ве поздравувам.

Вики

Comments