Најдобра техника за успешен домашен леб


Здраво драги мои,

одамна немам споделено некој пост за рецепти и здрава храна, па еве ме со една интересна статија како да направите еден успешен домашен леб. Јас обожавам да правам домашен леб мешајќи разни видови на брашна, и го правам секогаш кога за тоа имам можност. Го правев на разни начини, меѓутоа неодамна посетив еден семинар за изработка на домашен леб со природен квасец каде научив навистина многу, и оттогаш лебот кој го правам е сѐ подобар и подобар. Процедурата е малку подолга од обично и можеби на почеток ќе ви се види комплицирано, меѓутоа верувајте ми воопшто не е така. Предноста е во тоа што добивате еден леб кој не само што е многу вкусен, туку истовремено и полесно сварлив за организмот. Во продолжение на оваа статија ќе ги споделам сите тајни со вас, па доколку сте заинтересирани, продолжете да читате.

Рецептот за леб кој јас ќе ви го предложам е:


200 гр. брашно тип 850
300 гр. брашно од спелта
350 гр. вода на собна температура
квасец од кисело тесто (свеж или о прав)
една лажичка мед или малтекс (она што имате)
сол

Најнапред со помош на едно ситало се ситни брашното со цел да не се создаваат грутки при мешањето и месењето на лебот.


Во еден друг подлабок сад помешајте ги водата, природниот квасец и медот, сѐ додека да добиете убава течна смеса.


Полека почнете да го додавате брашното со помош на другата рака, малку по малку не цело одеднаш. При секое додавање на брашно убаво мешајте додека да се спои во смесата.




Кога ќе додадете половина од брашното , во половината која ви останала додадете малку сол (четвртина лажичка) и продолжете да го додавате брашното сѐ додека не го споите целото со смесата.


Откако ќе го додадете целото не го месете тестото (може да му дадете само форма) туку оставете го да отстои 30 мин. покриено со една проѕирна фолија.





По истекот на времето може да започнеме со првиот круг на месење. Тестото се става на една побрашнета површина и се месе носејќи ги краевите на тестото кон средината. Замислете си еден плик (оној за писма) ете така треба да го носите тестото, треба да го виткате четири пати од страните кон средината.





Направете го ова околу 8 до 10 пати и повторно ставете го лебот во садот покриен со проѕирна фолија или ќеса. Овојпат оставете го да отстои 2 часа на собна температура.




По истекот на тие 2 часа, одиме со вториот круг на месење. овојпат наместо 4 ќе го виткаме на 2 дела, односно од надолу кон нагоре и од десно кон лево.



Ова движење направете го исто така околу 8 до 10 пати и ставете го лебот во тавчето каде што ќе го печете. Повторно покријте го со проѕирна фолија.




Ставете го лебот во исклучена рерна и оставете го да отстои околу 5 часа. На овој начин ќе оддржува постојана температура, бидејќи е во затворен простор.


По истекот на тие 5 часа лебот уште малку ќе нарасне и може да му додадеме семки од сончоглед или сусам по сопствен избор.



Со помош на еден нож направете неколку пресеци во самиот леб



Рерната се загрева на 250 степени и се става лебот на таа температура околу 15 мин. Потоа се намалува на 200 и се остава да се пече сѐ додека да порумени. Ова зависи секако и од рерната, за мојата рерна ова беше идеалната температура, а истата беше и предложена од самиот леб мајстор на семинарот. Направете ја пробата со чачкалица која доколку иалезе сува и без делчиња од брашно, значи дека лебот е готов.

Еве слики од финалниот производ




Верувајте ми, немам јадено подобар леб во животот. Како што напоменав на почетокот, можеби на прв поглед оваа процедура ќе ви се чини напорна, меѓутоа крајниот резултат вреди за целиот труд што ќе го вложите.

Се надевам дека оваа статија ви се допадна и ви беше од корист. Доколку е така ставете лајк и споделете ја на вашите фејсбук профили. Ние наскоро се читаме со нови содржини, а дотогаш ве гушкам и бидете ми добро.

Вики

Comments