Топли, мирисни и релаксирачки моменти со производите на Organique


Здраво драги мои,

со надоаѓањето на поладната сезона има ли нешто поубаво од топла бања или топол туш по работниот напорен ден со производи кои прекрасно мирисаат и ги галат сите наши сетила? Во оваа статија би сакала да ви предложам два прекрасни производи за нега на кожата на телото кои се од огромна корист за кожата, особено во овој поладен период со оглед на тоа што не само што прекрасно мирисаат, туку ја хранат и помагаат да се задржи правилната хидратација на самата кожа која е од особена важност во овој период. Станува збор за гелот за туширање со арган и путерот за тело со црна орхидеа од марката Organique. 

Гел за туширање за сува и чувствителна кожа со омекнувачки ефект

Овој гел за туширање ми стана омилен во последниов период. Освен прекрасниот мирис има големо омекнувачко дејство врз кожата на телото, ја прави мека, мазана и свиленкаста. Она што особено ми се допаѓа е нежната фрмула која не суши, туку баш напротив хидрира и омекнува. Ајде како и за сите производи најнапред да ја разгледаме декларацијата на истиот.


СОСТОЈКИ (INCI): AQUA, LAURYL GLUCOSIDE, SODIUM COCO-SULFATE, BETAINE, COCO-GLUCOSIDE, GLYCERYL OLEATE, CAMELLIA SINENSIS LEAF EXTRACT, SODIUM ARGANAMPHOACETATE, PARFUM, CITRIC ACID, GLYCERIN, SODIUM BENZOATE, POTASSIUM SORBATE, TETRASODIUM GLUTAMATE DIACETATE

Од декларацијата може да се забележи дека формулата е екстремно деликатна и блага за кожата. По водата како прв сурфактант е присутен лаурил глукозидот кој е еден од најнежните сурфактанти и има за цел да го ублажи евентуалното агресивно дејство на останатите сурфактанти во формулата. Одлично е искомбиниран со 4 останати сурфактатни односно: содиум коко сулфат (кој во случајов е примарен, меѓутоа во многу помала количина од лаурилот кој е понежен), потоа бетаинот кој дава поубава пенливост и додатно го ублажува примарниот, и на крај коко глукозид и глицерил олеат кои најчесто одат во пар и дополнително го прават самиот производ понежен. Има додуше уште еден сурфактант кој е направен на база на арганово масло, а тоа е арганамфоацетатот кој дава свиланкаст ефект врз кожата. 


Ете зошто овој производ има толку омекнувачко дејство. Изборот на сурфактанти е прекрасен и одлично избалансиран. Може да се користи за сите видови на кожа, особено за сувата и чувствителната кожа. Присувството на глицерин прави да се задржи правилната хидратација на самата кожа. Исто така содржи и екстракт од зелен чај. Само да ви обратам внимание дека наместо Тетрасодиум ЕДТА кој е штетен за околината, овде е употребена неговата природна варијанта, односно тетрасодиум глутамат диацетат. Ова е доказ дека една добра формула може да се направи доколку производителот знае како да ги одбере вистинските состојки.

Има преубав мирис, не можам да ви опишам колку прекрасно мириса. Како да сте направиле бања во некој СПА центар, верувајте вашето купатило ќе мириса прекрасно многу долго после туширањето. Како што веќе напоменав кожата ја остава прекрасно свиленкаста и мека. Еве ја структурата на овој производ


Цената на овој гел е 800 мкд  за 250 мл. производ, и истиот може да го најдете во новиот Био Шоп на Белина во Капиштец (во кулите позади цветен пазар), на штандовите на Белина во трговските центри Рамстор и Сити Мол во Скопје и Палма Мол во Тетово, во продавниците на Космо и онлајн на bellina.mk

Високо хранлив путер за тело за сува и чувствителна кожа


Путерите се дефинитивно мојот омилен производ не само во зима туку и во лето. Го обожавам ефектот на мека кожа на телото кој го даваат , густината на самиот производ и секако мирисот на истиот. Лани ви го рецензирав путерот за тело од истата марка со мирис на портокал и чили кој има совршен божиќен мирис, меѓутоа денес за сите поромантични души на кои им се допаѓаат сензуални мириси ќе ви го претставам овој со мирис на црна орхидеа. Ајде да го разгледаме составот на истиот

СОСТОЈКИ (INCI): BUTYROSPERMUM PARKII (SHEA BUTTER), CERA ALBA (BEESWAX), CETEARYL ALCOHOL, GLYCINE SOJA (SOYBEAN) OIL, PERSEA GRATISSIMA (AVOCADO) OIL, VITIS VINIFERA (GRAPE) SEED OIL, PARFUM, TOCOPHEROL (MIXED), BETA-SITOSTEROL, SQUALENE, APLHA-ISOMETHYL IONONE, BENZYL SALICYLATE, CINNAMYL ALCOHOL, CITRONELLOL, COUMARIN, GERANIOL, HYDROXYCITRONELLAL, LIMONENE, LINALOOL.


Како што може да забележите од самата декларација на прво место во овој производ се наоѓа шеа путерот кој ја дава големата хранлива и омекнувачка моќ на истиот врз кожата. Шеа путерот е богат со витамините А, Б, Е, Ф. Самото дрво (Шеа, кое природно расте во Африка во зоната помеѓу Нил и Сенегал) се нарекува “дрво на здравје и младоста“. Токму поради тоа шеа путерот е познат и како состојка која придонесува за помлада, поздрава и поубава кожа. По него на втора позиција може да забележиме пчелин восок кој не само што ја продобрува структурата на производот, (дава поцврста структура со огед на тоа што на шеа путерот се додадени и други состојки, како на пример масла), туку и одлично ја негува, омекнува и храни кожата. На трета позиција имаме една состојка која се нарекува цетерил алкохол, (не плашете се не станува збор за течен алкохол), туку во оваа формула претставува состојка која ќе даде поголемо емолиентно (омекнувачко) дејство на производот и ќе ја подобри структурата на истиот.


Како масла во формулата се употребени три и тоа: 
масло од соја кое е лесно масло;
масло од авокадо кое е многу богато со токоферол (витамин Е), каротеноид (кој се претвора во витамин А) и фитостероли. Токму поради ова маслото од авокадо е предуслов за прекрасна еластична кожа;
масло од семки од грозје кое е богато со полифеноли и линолеинска киселина кои имаат огромно антиоксидантно дејство и го забавуваат процесот на стареење.

Понатаму во производот може да забележиме токоферол (чиста форма на вит. Е) и сквален кој го стимулира производството на колаген и еластин кај кожата и го враќа тонусот на самата кожа.


Овој путер има маслена цврста структура, кој во контакт со кожата се топи. Мирисот е прекрасен на орхидеа и дава чувство на нешто мистериозно, романтично и ориентално. Има сладок мирис односно оридеа помешана со некој топол мирис. Мора да напоменам дека многу долго трае врз самата кожа.

Се користи на тој начин што мала количина од овој путер се загрева помеѓу прстите (триејќи го прстите на двете раце една од друга) и се нанесува на благо навлажнета кожа по туширањето. На тој начин самата кожа може многу полесно да ги искористи сите бенефиции од самиот производ. По нанесувањето кожата ќе ви биде мека, мирисна, свиленкаста и што е важно нахранета.


Овој путер слободно може да го користите и во случај на многу груби делови на кожата (петици, колена, лактови и.т.н), кои верувајте ми без проблем веднаш ќе ги омекне. Јас масирајќи ја кожата на телото го нанесувам и врз стапалата, па и петиците и забележав доста голема разлика во квалитетот на кожата особено на петиците.

Производов може да го купите по цена од 655 мкд за 100 гр, производ и истиот може да го најдете во Био Шоп на Белина во Кашитец (во кулите позади цветен пазар), на штандот на Белина во трговските центри Рамстор и Сити Мол во Скопје и Палма Мол во Тетово, во продавниците на Космо и онлајн на bellina.mk

Драги мои, јас се надевам дека оваа статија ви се допадна и ви беше од корист, а вие доколку ги имате пробано овие производи, слободно оставете ваш коментар. Ние се читаме наскоро со нови содржини.

Поздрав
Вики

Comments