Бјути рутина во вашите бањи со производите за нега на кожата на телото на Oma Gertrude


Здраво драги мои,

сите знаеме колку е прекрасно кога ќе се истушираме на крајот од денот, а задоволството е уште поголемо кога притоа ќе користиме производи кои ја галат и негуваат нашата кожа. Во последниов период за вас тестирав токму вакви два производи за комплетна нега на кожата, односно релаксирачкиот гел за туширање и хидратантниот крем за тело на Oma Gertrude.

Од оваа марка веќе ви ги имам претставено шампонот и маската за сува коса, така да веќе знаете дека станува збор за сертифицирана природна и органска козметика која е во склад со кожата и ја потпомага нејзината природна функција. Ми се допаѓа едноставноста на нивните формули, малку состојки, меѓутоа внимателно одбрани и специјално формулирани за одредена проблематика или потреба на самата кожа.

Јас скоро секогаш се туширам навечер затоа што ми дава чувство на релаксација пред да си легнам, а и во овој постуден период и тоа како е убаво по топол туш релаксирани и стоплени да си легнете. Токму и затоа, гелот за туширање кој ќе ви го претставам според мене е идеален за релаксирање на телото по напорен ден, со оглед на тоа што состојките и билките употребени во него имаат таков ефект врз кожата. Ајде подобро да го разгледаме.

1. Гел за туширање  Oma Gertrude со релаксирачки ефект врз кожата


Inci: Aqua (Water), Sodium Coco-Sulfate,Cocamidopropyl Betaine, Lauryl Glucoside,Vaccinium Myrtillus Fruit Extract, Eucalyptus Globulus Leaf Oil, Sodium Chloride, Eucalyptus Globulus Leaf Oil, Tocopherol, Citric Acid, Glycerin,Benzyl Alcohol, Sodium Benzoate, Potassium Sorbate, Limonene

Формулата е навистина убаво избалансирана и воопшто не е агресивна за кожата на телото. Овој гел содржи природни состојки, кои нежно ја чистат и негуваат кожата, помагаат да се релаксирате, ја олеснуваат напнатоста и стресот. 

Екстрактот од органски еукалиптус има бактерицидно дејство, ја навлажнува и ја освежува кожата. Екстрактот од боровинки е богат со A, Б1, Б2, Ц, ПП витамини и микроелементи, има смирувачки ефект, помага да се забави процесот на стареење на кожата.

Она што ми се допаѓа е комбинацијата на двата екстракти кои ја даваат главната мирисна нота на овој производ. Даваат чувство на релаксација и добросостојба, а после секое туширање купатилото ќе ви мириса на еукалиптус долго време.

Има проѕирна гел структура и доаѓа во пакување од 500 гр. Навистина комотно за упореба за целата фамилија.

По туширањето, секогаш препорачувам да се нанесе убав крем за нега на кожата. Од оваа марка постојат два типа на крем за тело: хранлив и хидратантен. Иако базата на двата е скоро иста (различни се екстрактите и маслата), мене некако повеќе ми се допадна хидратантниот крем, кој според мене одговара за секој тип на кожа (сите имаме потреба од хидратација). Мора да си признаам дека ме плени комбинацијата на ќедар и мед, особено неодоливиот мирис кој на некој начин е во склад со гелот за туширање кој штотуку ви го претставив.

2. Хидратантен крем со ќедар и мед на  Oma Gertrude 




Ајде да ја разгледаме декларацијата и на овој производ

Inci: Aqua (Water), Cetearyl Alcohol, Octyldodecanol, Glyceryl Stearate SE, Butyrospermum Parkii (Shea) Butter, Hydrogenated Starch Hydrolysate, Glycerin, Coco Caprylate/ Caprate, Caprylic/capric Triglyceride, Thuja Occidentalis Extract, Mel, Tocopherol, Cedrus Deodara Wood Oil, Xanthan Gum, Citric Acid, Sodium Stearoyl Glutamate, Sodium Benzoate, Potassium Sorbate, Benzyl Alcohol, Dehydroacetic Acid, Ci 77492 (Iron Oxides)

Во декларацијата може да се забележи добро присуство на шеа путер кој одлично ја омекнува кожата, има регенеративно и хранливо дејство и е богат со несапунифицирани состојки кои имаат големо антиоксидантно дејство. Соодносот на маслата со различна густина со глицеринот, медот и екстрактите претставува добитна комбинација за кожата, затоа што најнапред го спречува пребрзото впивање на производот во кожата, меѓутоа и затоа што ја оддржува вистинската влага на кожата. Соодносот на глицеринот, медот и маслата всушност прават идеален баланс на нахранетост и хидратација .


Прво нешто за кое сакам да проговорам е структурата на овој производ, која е густа, меѓутоа истовремено е лесна и кожата веднаш го впива. Не остава масна трага што е одлично (може веднаш по апликацијата да се облечете, нема да останат масни траги на облеката) иако треба убаво да се размачка на кожата. Токму во тоа е и тајната на овој производ: кога ќе го нанесете потребно е убаво да го намачкате, со пријатна блага масажа. Чувството не е крем кој веднаш се “суши“ врз кожата и ја остава затегната, туку производ кој кожата постепено го впива и останува мека и хидрирана долго време по нанесувањето. 


Нешто што обожавам кај овој производ е мирисот кој во голема мера се должи на присуството на маслото од ќедар. Ова масло не само што дава прекрасен мирис, туку има и многу бенефиции врз кожата. Ја подобрува циркулацијата, помага во оддржувањето на природната влажност, ја омекнува и ја храни кожата.  

Екстрактот од мед ја омекнува кожата и ја прави поеластична. 

Овој производ доаѓа во темно пакување од 300 гр. и верувајте ми ќе ви трае навистина долго.
 
Драги мои, јас се надевам дека оваа статија ви се допадна и дека ќе пробате некој од производите за туширање или пак некој од кремите од оваа марка. Доколку е тоа така, слободно оставете коментар под самата статија за ефектот врз вашата кожа.

Јас ве гушкам силно и се читаме наскоро со нови интересни содржини.
Вики

Comments

  1. Супер статија и супер блог, би сакала да ги пробам :) :).

    ReplyDelete
    Replies
    1. Ти благодарам драга. Поздрав.

      Delete

Post a Comment