Домашна романтична свеќа за масажа - релаксирачки спа третман за кожата и сетилата


Здраво драги мои,

во оваа статија би сакала да ви предложам еден навстина оригинален и многу корисен производ, односно свеќа за масажа, која може да ја направите за себе си или пак да ја подарите. Во продажба може да се најдат производи од овој вид, меѓутоа задоволството е поголемо кога производот ќе си го направиме сами со квалитетни состојки.

Оваа свеќа за масажа има фантастично влијание врз кожата: ја остава свиленкасто мека, длабински ја храни и идеална е за овој поладен период. Етеричното масло ги буди сетилата и дава чувство на вистински спа третман за релаксација.

Навистина е едноставно да ја направите, потребни ќе ви бидат малку состојки, а може да биде и идеален подарок за денот на вљубените (иако јас ви посакувам секој ден да ви биде ден на вљубените).


Потребни состојки:

40 гр. пчелин восок;
35 гр. кокосово масло;
25 гр. шеа путер;
15 гр. бадемово масло (доколку немате бадемово може и сончогледово или маслиново масло)
15 капки етерично масло по ваш избор
памучен подебел конец (како оној за плетење меѓутоа 100% памук)


Најнапред земете го памучниот конец и исечете нешто поголем дел од она што ќе ви биде потребно за свеќата.


Растопете малку чист восок на пареа и намакајте го конецот во растопениот восок. Извадете го и ставете го веднаш исшравено на една ауминиумска фолија или сад за да се зацврсне. Може да го ставите и во фрижидер околу 30 мин.




Во еден стаклен сад кој е издржлив на топлина (може и огноотпорен сад или тегла) ставете ги најнапред пчелиниот восок, кокосовото масло и маслото кое сте го одбрале и стопете ги на пареа. Откако сѐ ќе се стопи исклучете ја ринглата и додадете го шеа путерот кој веднаш ќе се стопи под дејство на топлината.


Оставете малку да се олади (секако без да се зацврсне) и додадете го етеричното масло по ваш избор. Јас користев етерично масло од иланг иланг, меѓутоа не 15 капки туку само 5, бидејќи ова масло е доста силно и се чувствува, во комбинација со етерично масло од лаванда.

Земете ја тегличката или садот каде сакате да ја прелиете течноста. Јас лично како сад за свеќа одбрав мали бокалчиња како оние за вино или ракија. Ги измив, стерилизирав со врела вода и алкохол, со помош на салфетки и специјален лепак за декупаж ги украсив и додадов едно убаво бело срце. Овие особено ми се допаѓаат затоа што имаат дршка и специјален отвор кој дозволува полесно да ја земаме течноста за масжа (ќе ви објаснам подоцна како да го користите).


Извадете го памучниот конец од фрижидер и позиционирајте го во средина на теглата. Помогнете си со една штипка за да седи право без да се мрда. Полека префрлете ја смесата (сеуште течна) во садот каде што сакате да ви биде свеќата. Може најнапред да ставите мала количина (колку да бидете сигурни дека конецот ќе биде зацрвснат во средина), па откако ќе се стврдне, додадете го остатокот од смесата.



Оставете комплетно да се стврдне и тоа е тоа...вашата свеќа е готова.


Обично за подготовка на ваков вид на производи се користи восок од ориз или соја затоа што има понизок степен на топење од пчелиниот восок, односно се топи на пониска температура. Јас лично претпочитам пчелин восок затоа што повеќе го сакам и доколку го користите во оваа количина избалансиран вака со останатите состојки, степенот на топење се намалува и не е врел кога ќе се нанесе на кожата. Потребно е само детално да ги следите инструкциите во оваа статија.

Оваа свеќа се користи на следниов начин:


- се пали и се остава да гори околу 15 мин. ;
- додека гори вие може да се истуширате доколу сакате да ја нанесете веднаш по туширање на телото;
- по истекот на времето изгасете ја свеќата, наведнете ја држејќи ка за дршаката, истурете од течноста (односно маслата) врз раката и почнете да ја мачкате кожата сеуште загреана од туширањето;

Со редовна употреба кожата ќе ви биде навистина мека и еластична, а како што напоменав идеална е во овој период кога е сеуште ладничко и убаво ни доаѓа производ кој ја негува кожата, меѓутоа и истовремено не топли додека се масираме.


Производов е идеален и за масажа на партнерот или како подарок на пример за денот на вљубените (со оглед на тоа што се ближи) или пак воопшто како подарок било кој ден, ете онака без причина...

Се надевам дека оваа статија ви се допадна и дека ќе се обидете да ја направите оваа навистина едноставна и многу корисна свеќа за масажа.

Ние се читаме наскоро...
Поздрав
Вики

Comments