Сѐ што треба да знаете за глицеринот


Здраво драги мои,

денес би сакала да проговорам за една навистина многу убава и корисна состојка во козметиката, односно глицеринот. Од досегашните статии, можевте да забележите дека глицеринот е една од најупотребуваните состојки во скоро сите мои рецепти каде има присуство на вода. Само да напоменам дека јас исклучиво користам растителен глицерин.

Со оглед на тоа што станува збор за една многу популарна и корисна состојка (се наоѓа во скоро сите козметички производи во продажба), се појавуваат и многу прашања и дилеми околу ефектот и функцијата на оваа состојка врз кожата. Вие продолжете да ја читате оваа статија, затоа што во предолжение ќе разјасниме и објасниме сѐ што е поврзано со глицеринот и неговата употреба.

1. Што е глицеринот?

Глицеринот е еден вид на сложен алкохол кој е буквално “алчен“ за вода. Составен е од две примарни алкохолни групи и една секундарна (споредна) кои претставуваат еден вид на сунѓерчиња, односно кон себе ја привлекуваат водата кога доаѓаат во контакт со истата (според некои истражувања апсорбира вода до 25% од својата тежина). Претставува безбојна течност, со средна густина, растворлива во вода (доколку се прават креми се додава секогаш во водената фаза).

Се добива по пат на хидролиза на триглицеридите кои може да бидат од животинско или растително потекло, односно по пат на сапунификација на маслата (кои може да бидат од растително или животинско потекло). Затоа и кога се подготвуваат домашни сапуни во самиот производ веќе е присутен глицеринот. Има еден вид на глицерин кој се добива и по пат на преработка на нафтата, меѓутоа за среќа е доста редок како состојка, со оглед на тоа што претходните два се многу поевтини за производство.

Како состојка морам да кажам дека има “вечен живот“. Нема рок на траење, одлично издржува секаков вид на температура и не реагира на светлина (како што е тоа случај со многу други состојки).

2. Каква е неговата улога во козметиката?


Глицеринот има повеќе функции во козметиката:

- навлажнувачка функција: научно е докажано дека глицеринот ја оддржува правилната хидратација на кожата. Оваа состојка не испарува и остава мазен и свиленкаст ефект вез кожата. Во едно истражување прочитав дека благодарение на оваа нејзина карактеристика да не испарува, во шампоните и геловите за туширање се користи за намалување на притисокот на испарување, особено во многу жешките месеци. За да претставува навлажнувач, глицеринот треба да биде на некој начин “хидриран“ со доволно присуство на вода.

- делумно конзервирачка функција: глицеринот не претставува конзерванс во вистинска смисла на зборот, односно нема функција да го заштити производот од расипување. Меѓутоа во одредени производи како на пример чистачи на лице кои се во цврста состојба каде освен прашкастите состојки (брашно од бадеми, глина, и.т.н.) има присуство на вода и глицерин. Со оглед на тоа што глицеринот ја влече водата кон себе, прави производот подолго да трае. Идеалниот сооднос на вода и глицерин е една четвртина вода од количината на глицерин. Меѓутоа јас имав во една статија направено еден крем кој помага при црвенила, акни и иритации каде процентот на вода и глицерин беа подеднакви. Кремот одлично издржа два месеци (го потрошив за тој период со оглед на тоа што го користев како производ по депилација). Во овој случај, важно е присуството на глицерин во еден производ да биде 25% од вкупниот производ. Меѓутоа да повторам уште еднаш дека глицеринот не е конзерванс, во смисла не ги убива бактериите кои се евентуално присутни во производот како што тоа би го направил вистински конзерванс, туку ја привлекува кон себе водата и ја прави “недостапна“ за бактериите.

- растворачка функција: при подготовката на домашни билни екстракти, некои состојки или екстракти се раствораат многу подобро во присуство на глицерин. На пример кога се прават екстракти од свежа или сува билка, во зависност од билката секако се користат разни проценти на вода, алкохол и глицерин. Секако во овој случај алкохолот ја има улогата на конзерванс, меѓутоа глицеринот помага подобро да се извлечат одредени состојки од самата билка.

3. Во колкав процент се користи во козметичките производи?

До пред извесен период (некои се сеуште убедени во тоа), се сметаше дека висок процент на глицерин во козметичките производи ја суши кожата. Не е баш така, а во продолжение ќе ви објаснам и зошто. Има разлика помеѓу тоа да се нанесе чист глицерин на кожата и да се нанесе глицерин кој веќе е хидриран со вода. Чистиот глицерин тежнее да кон себе привлече вода од било кој извор, па и од нашата кожа секако. Затоа, доколку мачкате чист глицерин на пример на рацете, додека го мачкате ќе има ефект, а штом ќе прекинете кожата ќе биде уште посува од порано. Меѓутоа сѐ се менува доколку глицеринот е помешан со вода.


Лично направив еден интересен експеримент во изминативе две недели (во научни цели секако). Направив раствор со 2/3 вода и 1/3 глицерин со кој ја мачкав едната рака (не дланка туку цела рака) во рок од 5 дена. По истекот на времето можам да кажам дека кожата на онаа рака која ја третирав со овој раствор беше свиленкасто мека и неверојатно хидрирана во споредба со другата каде не нанесував. По 5 дена како што кажав престанав да го користам за да видам како ќе се однесува кожата и дали ќе стане веднаш сува (како кога би се користело чист глицерин) и мора да напоменам дека ефектот на мека кожа траеше 5 дена. Значи за да има омекнуваки и навлажнувачки ефект врз кожата глицеринот мора да биде хидриран, односно да содржи вода.

Што се однесува до процентот во кремите ќе се послужам со еден експеримент направен од група на италијански козметички истражувачи кои направија еден крем во 4 варијанти со различен процент на глицерин. Првиот содржеше 5% на глицерин, вториот 10%, третиот 20% и четвртиот 40%. Од експериментите беше утврдено дека високиот процент на глицерин не ја суши кожата (секако во формула на еден крем), туку дава леплив ефект врз кожата. Исто така беше утврдено дека над 20% глицеринот не хидрира повеќе. Во смисла дали ќе ставите 20% или 40% глицеринот има исто хидратантно дејство. Се менува структурата на производот кој станува многу леплив и воопшто не е пријатен да се нанесува на кожата.

Поттикната од овие експерименти, јас направив свој експеримент со еден серум за лице во 3 варијанти: едниот со 3%, вториот со 5% и третиот со 10% глицерин. Сите останати состојки беа исти, го променив само соодносот на глицеринот. Оној со 10% глицерин малку лепеше откако ќе го нанесев, иако за брзо време тој ефект исчезна. Меѓутоа доколку се испотите повторно лепи. Оној со 5% глицерин беше идеален, доколку имате сува кожа, а оној со 3% за комбинирана до масна кожа.

Значи како заклучок, доколку во една формула присуството на вода е барем една четвртина од она на глицеринот, истиот нема да ја суши туку ќе ја хидрира кожата. Ефектот на оваа состојка се должи само на хидратација на кожата. Глицеринот нема никакво дејство врз измазнување на брчки како што тоа би го имала на пример хијалуронската киселина.

4. Како да го користиме во домашни услови?

Освен во козметичките производи, глицеринот може да го користите во маски за лице и коса или пак за да направите еден многу интересен производ односно природен фиксатор за шминка. Во моментов го тестирам токму овој последниов (фиксаторот за шминка) за чии ефекти ќе пишувам во некоја наредна статија.

Дали и вие често го употребувате глицеринот и во каков вид на рецепти?

Поздрав
Вики

Comments

  1. Bravo za eksperimentot. Statijata e mnogu korisna i se nadevam deka moze da ocekuvame uste interesni recepti za ekstrakti so glicerin. Pozdrav.

    ReplyDelete

Post a Comment