Aлое вера спреј на Institute Organica: прва помош за вашата кожа и коса


Здраво драги мои,

алое вера гелот е средство со илјада употреби, и буквално претставува прва помош за кожата и косата во било која ситуација!!! За оваа прекрасна состојка имам пишувано навистина многу, и скоро сите знаете дека е една од моите омилени. Ви имам препорачувано неколку марки на органски алое вера гел од кои бевте многу задоволни, меѓутоа проблемот беше во тоа што скоро сите беа големи пакувања од литар и не беа баш комотни за употреба.

Многу од девојките постојано ме прашуваа каде да најдат помало пакување на алое вера кој ќе биде чист, органски без штетни состојки, а згора на сѐ и практично за носење и употреба. Епа еве, конечно го најдов идеалниот производ...јухуууууууу (крик на радост :)))))))

Пред да ви кажам зошто толку го обожавам и како да го користите, ќе напишам збор два за алоето и ќе ви го опишам овој производ, неговиот состав, пакување, мирис и боја.


Уште пред 6000 години, старите Египјани го користеле алое вера гелот во терапевтски и козметички цели. Тие биле свесни за неговото дејство уште пред науката да биде во состојба да ги обасни неговите својства и ефект. Во старите записи го нарекувале “чудесно средство“

Досега е констатирано дека алое вера содржи околу 160 различни состојки и тоа: 13 различни витамини и исто толку минерали, добар број на аминокиселини и повеќе од 10 разни видови на шеќери (сахариди). Според последните истражувања, лековитите својства на оваа билка, во голема мера потекнуваат од еден мукополисахарид акеманан, кој претставува долг ланец на шеќери кој во својот центар има аминокиселина. Со други зборови, станува збор за молекули кои се наоѓаат помеѓу клетките на сврзното ткиво.Човековиот организам е во состојба да ги произведе константно сѐ до пубертетот, после кој, потребно е да се внесуваат преку храната или надворешно.

Алое Вера има огромно хидратантно дејство врз кожата, со оглед на тоа што има способност да навлезе во сите три слоеви на кожата. Ги отстранува нечистотиите од кожата, ја омекнува и хидрира самата кожа, ги ублажува евентуалните иритации или изгореници на кожата, и ги омекнува испукнатините на самата кожа. Не постои состојба на кожата која оваа прекрасна состојка не е во можност да ја ублажи или подобри. 

Токму затоа е од огромна важност да користиме алое вера гел кој е чист, без штетни состојки и несакани додатоци, како на пример токму овој алое вера спреј на Institute Organica. Станува збор за 100% чист производ добиен од срцето на самата билка. Прочистен е направен во вид на спреј за да се олесни употребата со распрскување на лицето, телото или косата.


Доаѓа во мало пакување од 30 мл. со спреј пумпица, многу комотно за носење во ташна и лесно за употреба. Сѐ што треба да направите е да го испрскате онаму каде што е потребно. Особено ми се допаѓа фактот што шишето е темно (што да ви кажам, имам огромна љубов спрема темни шишенца :)))), што е од огромна важност за заштита на својствата на еден производ. Со оглед на тоа што станува збор за чиста и висококвалитетна состојка, овој спреј е без мирис и боја. Да напоменам дека производот е за надворешна употреба.


Идеален е за сите типови на кожа и за секојдневна употреба. Може да го користите на повеќе начини на кожата и тоа:

- како серум под вашиот секојдневен крем, доколку имате кожа на која и е потребна поголема хидратација, како во зимскиот така и во летниот период;
- како средтсво за подготовка на маска за лице во комбинација со други состојки погодни за вашиот тип на кожа;
- за лифтинг ефект на лицето: алое вера гелот или во случајов спрејот, кога ќе се нанесе на кожата прави благо затегање, односно еден вид на привремен лифтинг на самата кожа. Не ги брише брчките, да не ме разберете погрешно, туку ја затега кожата и ги прави самите брчки помалку видливи. Во комбинација со некое масло со анти ејџ влијание на пример арган, пшенични никулци или авокадо, може видно да ја подобрите состојбата на кожата и видливоста на брчките. Алое верата затега, додека маслото храни и резултатот е прекрасна кожа;
- за ублажување на убод од инсекти: испрскајте малку од овој спреј директно на местото каде е убодот;
- за изгореници од сонцето: овој спреј е идеален да го носите со себе на одмор за време на летниот период. Доколку се изгорите од сонцето (што не ви посакувам затоа што значи дека не сте се заштитиле доволно) слободно испрскајте од овој производ за да ја ублажите изгореницата и болното чувство. Исто така може да го користите за да ја испрскате кожата по сончањето и да и ја вратите изгубената хидратација;


Да не ја заборавиме и косата......

Алое вера гелот е погоден за сите видови на коса: како за сува, така и за масна коса, со оглед на тоа што хидрира, омекнува и воопшто не масти. Се покажал одличен при разни проблематики на влакното и темето и ги има следниве карактеристики:

- ја зацврснува косата;
- ја омекнува косата и го зголемува нејзиниот сјај;
- ја спречува појавата на првут и чешање на темето;
- го регулира вишокот на себум на темето

Сѐ што треба да направите е да испрскате од овој производ на темето на косата (доколку сакате да ја зацврснете косата или пак доколку страдате од првут), или по должината на косата, доколку сакате мека коса полна со сјај.


Ете драги мои, се надевам дека оваа статија ви се допадна и дека дознавте некои работи за алое вера кои можеби и не сте ги знаеле. Се надевам дека ќе го пробате овој прекрасен производ, а доколку е така, слободно пишете ги вашите импресии под самиот текст.

Ве гушкам силно силно и се читаме наскоро.
Вики

Дел од содржината е превземен од книгата “Природни Антибиотици“ од Petra Neumayer

Comments