Есенски третмани за убавина со една прекрасна состојка


Здраво драги мои,

по кратка пауза еве ме повторно со една многу интересна статија за домашни евтини, едноставни и многу функционални третмани за убавина со само 1 состојка односно грозјето. Секако овде го сметам грозјето како главна состојка не како единствена, затоа што во секој од третманите ќе додадеме уште по една до максимум две состојки за да добиеме одлични резултати.

Сега е сезона на грозје и пазарите, продавниците, а секако и градините (доколку сами си го одгледувате) се преполни со свежо и вкусно грозје. Па зошто максимално да не ја искористиме неговата позитивна моќ и во третманите за убавина?

За грозјето како состојка веќе пишував во статијата Грозје: вистински еликсир за здравје и убавина ама сепак ќе напишам збор два и овде.

Ова малечко овошје во своите слатки зрна го зачувало целото сонце од изминатиот летен и топол период, и претставува рудник на многу активни и ценети состојки како шеќери, танин, витамин А, витамини од групата Б, витамин Ц и минерали како потасиум, железо, фосфор, калциум, магнезиум.

Полифенолите и биофлавоноидите во грозјето се состојки кои имаат еден спектар на фантастични ефекти врз нашата кожа: ја хидрираат кожата, ја подобруваат еластичноста и имаат способност да ја регенерираат самата кожа.


Сигурно сте нетрпеливи да прочитате што ви подготвив овојшат, затоа веднаш ќе започнам со третманите.

1. Маска за избелување на флеките на кожата

Грозјето е една од најдобрите состојки која помага при овој тип на проблематика (секако не очекувајте резултати веднаш по само една апликација). Во комбинација со медот дава одлични рзултати доколку редовно се нанесува.

Во еден сад најнапред столчете две до три зрна грозје (тргнете ги семките и кожичката) и додадете една кафена лажичка мед. Убаво помешајте и нанесете ја смесата на темелно исчистено лице и оставете да делува околу 5 до 10 мин. По истекот на времето обилно измијте со вода и нанесете тоник и крем за лице.

Маската се користи во моментот на подготовка и пожелно е да се прави еднаш неделно.


2. Скраб за лице

Во еден сад истолчете две до три зрна грозје (отстранете ја кожичката и семките) и додадете малку шеќер или кокосово брашно. Нанесете ја смесата на убаво исчистено лице со благи кружни движења и убаво измијте со вода.

Овој скраб се користи во моментот на подготовка и пожелно е да се прави еднаш неделно доколку имате комбинирана до масна кожа, или еднаш во две недели доколку имате нормална накај сува кожа.

3. Третман за избелување и зацврснување на ноктите

Исцедете го сокот од неколку зрна грозје. Земете една кафена лажичка од сокот од грозје и додадете една кафена лажичка сок од лимон. Со оваа смеса правете блага масажа на ноктите и кутикулите. Оставете да делува околу 2 до 3 минути и измијте ги рацете со млака вода.

Сокот од грозје во комбинација со оној од лимон, одлично ги избелува и зацврснува ноктите и секако ги прават поздрави.



4. Маска за коса

Во еден блендер ставете од 5 до 10 зрна грозје (во зависност од должината на вашата коса) и убаво изблендирајте. Додадете половина кафена лажичка мед и една кафена лажичка маслиново масло. Смесата нанесете ја по должината на косата (особено врвовите) на сува коса и оставете да делува околу 30 мин. (покријте ја со ќеса косата). По истекот на времето измијте ја косата со благ и убав шампон и исушете ја како што нормално правите.

Оваа маска е спас доколку косата е оштетена особено по летниот период, или пак доколку вашата коса изгубила сјај. Грозјето дава неверојатен сјај на самото влакно, а комбинацијата со медот и маслото ја храни и заштитува косата, враќајки ја изгубената виталност на влакното.


5. Скраб за тело

Да не го заборавиме и телото. Ќе ви предложам еден прекрасен скраб кој ја освежува кожата и ги елиминира мртвите клетки од неа. Наместо грозје овојпат ќе користиме вино (сепак еден вид на грозје :)).

Во еден сад ставете две супени лажици црвено вино, една мед и онолку шеќер колку е доволно да се направи убава смеса. Нанесете ја на благо навлажнета кожа на телото со благи кружни движења. Измијте само со млака вода. Разликата ќе биде очигледна.

Драги мои, се надевам дека оваа статија ви се допадна, а вие ете искористете ја моќта на грозјето токму сега кога му е сезоната и кога лесно може да се најде кај нас. Секако неговата моќ е поголема доколку истовремено го користите и внатрешно во вид на сок наутро на гладно срце, или пак како ужинка во текот на денот.

Прочитајте ја исто така и статијата за бенефициите на маслото од семки од грозје Здрави и убави со маслото од семки од грозје.

Дали и вие обожавате да го користите грозјето во вашите есенски третмани за убавина и како тоа најчесто го правите???

Поздрав
Вики

Comments