5 секојдневни чекори за намалување на подочниците


Здраво драги мои,

тема која секогаш е во мода (читајте потреба): од подочници страдаат голем број на девојки, жени, а богами и мажи. Поврзани се со начинот на живот, стрес, количина на сон, а секако и генетски предиспозиции. Подетално за оваа проблематика говорев во статијата Природни начини за ублажување на подочници

Во оваа статија сакам да ви дадам 5 ефикасни чекори или методи кои секојдневно може да го подобрат овој проблем, а со оглед на тоа што претставуваат секојдневни чекори нема да ви одземат многу време или напор. Лесно, едноставно а сепак функционално.

Ајде да започнеме.

1. Начин на нанесување на производот за нега на кожата околу очите

Од голема важност е секако производот кој ќе го избереме за нега на кожата околу очите, меѓутоа исто така многу е важно и како ќе го нанесеме. Не е доволно само да го потапкате кратко кремот околу очи и готово, туку да го нанесете со кратка масажа (без многу притискање) која ќе ја стимулира циркулацијата и ќе го подобри исфрлањето на вишокот на течности во тој предел од лицето.

Морам да напоменам дека ова се прави нежно, благо и без многу притискање затоа што сепак станува збор за една многу деликатна зона која треба да се третира со многу внимание. Според мене, начинот на кој треба да се нанесе кремот изгледа вака:


Се започнува од крајот на окото кон средината, па се враќате од средината кон крајот. Повторете ги овие движења сѐ додека имате крем за размачкување. Повторувам, не притискајте силно, туку лесно движете го прстот. Ви советувам ова движење да го правите со четвртиот прст кој е најмалку силен и погоден за овој вид на лесна масажа.

Во ова видео (иако се однесува на сосема друга тема, односно за употреба на шеа путерот) во точка бр. 2, на кратко имам прикажано како е најдобро да се нанесе производот за нега на кожата околу очите.



2. Температура на производот за нега на кожата околу очите

Од голема корист е производот за нега на кожата околу очите да биде поладен (може слободно да го чувате во фриидер) така да ќе има и двојно дејство: освен што ќе ја хидрира, храни и негува кожата на тој дел од лицето, ладниот ефект ќе даде плус дејство кога станува збор за подочниците со оглед на тоа што на некој начин ја “буди“ кожата во тој предел. Секако ова дејство е моментално, меѓутоа наутро и те како е од корист. Од домашните експерименти кои ги правев, како доста ефикасен се покажа алое вера гелот од фрижидер, со оглед на тоа што неговата струкура е таква, да дава еден мал лифтнг ефект на кожата кога ќе се нанесе. Потоа со ладното од фрижидер, резултатите се навистина доста задоволувачки.

3. Позиција на телото при спиење

Неодамна прочитав една навистина интересна статија во која италијанскиот дерматолог Антонино Ди Пиетро објаснува дека доколку навечер спиеме без перница или со многу ниска перница, наутро може да се разбудиме со подочници. Според него во текот на ноќта доколку главата е пониско спуштена од остатокот на телото, голем дел од крвта кој во текот на денот оди во нозете (која кај многумина предизвикува подуеност во нозете) навечер се враќа кон главата и го зголемува притисокот на крв во капиларите присутни во зоната околу очите. Токму затоа наутро може да се разбудите со подуени подочници. Во текот на денот кога стоиме на нозе оваа состојба полека се стабилизира, и моеби повеќето од вас приметиле дека иако се разбудиле со подочници, после пладнето веќе ги немало.

4. Често триење на очите

Триењето на очите е еден од факторите кој придонесува за побрзо “разлабавување“ доколку може вака да се изразам, на кожата во овој предел од очите. Овде се мисли намалување на еластичноста и опуштање на кожата. Доколку во текот на денот почувствувате потреба да ги триете очите, најдобро е да не го сторите тоа, туку да ги исплакнете со ладна вода, или пак да поминете марамче натопено во вода.

5. Храна за намалување на подочниците


Одерден тип на храна која е богата со флавоноиди, како на пример бобинките (боровница, малинка, капини) ја подобруваат еластичноста на капиларите. Исто така храната богата со бромелин како на пример ананасот, ја намалуваат подуеноста со оглед на тоа то го исфрлаат вишокот на течности од организмот. Доколку сте во можност, наутро на гладно срце изедете малку од ова овошје, или уште подобро направете сок во соковник од ананас или бобинки со додаток на јаболко или грозје кое исто така е богато со флавоноиди.

Се надевам дека оваа статија ви беше од корист и ви се допадна. А вие како и секогаш слободно пишувајте, коментирајте, поставувајте прашања или пак пишувајте ваши искуства со оваа проблематика.

Поздрав и до следно читање.
Вики

Comments