Природен и домашен кремаст деодоранс



Здраво драги мои,


денес ќе направиме еден прекрасен рецепт кој секогаш е во “мода“, а тоа е деодорансот. Буквално го користиме и зима и лето, така да се исплати да го направиме сами дома и барем да бидеме сигурни што сме ставиле внатре.

Доста е лесен за подготовка, а убавината е во тоа што може да направите да мириса како што вие сакате, според вашиот личен вкус. Ајде да започнеме.

Потребни состојки:


1 супена лажица какао путер;
1 ипол кафена лажичка шеа путер;
2 кафени лажички кокосово масло;
1 ипол кафена лажичка бела глина (каолин) или зелена глина;
2 кафени лажички сода бикарбона
1 кафена лажичка нишесте
20 капки етерично масло по ваш избор (јас користев пачули, нероли и лаванда)

Најнапред во една чашка се ставаат путерите и кокосовото масло. Се ставаат во едно тенџере со вода и се вклучува ринглата за водата постепено да се загрее и да ги стопи состојките.




Откако ќе се стопат летно време се оставаат околу саат време на собна температура, додека зимно време доволни се 20 мин. (зависи и од топлината на станот).


Потоа се додаваат и прашкастите состојки. Идеално би било доколку имате бела глина (каолин), меѓутоа доколку немате може и зелена глина.

Сите состојки убаво се мешаат, се префрлаат во едно празно и чисто кутивче и се додаваат етеричните масла. Може да користите комбинација на разни етерични масла на пример: пачули, лаванда и лимон, или лаванда, нане и портокал, она што вам ви се допаѓа. Може секако и само едно етерично масло да ставите на пример само лаванда.


Оставете го да се зацврсне преку ноќ убаво или за побрзо може и во фрижидер.

Утредента вашиот кремаст деодоранс е готов.


Навистина е многу убав и функционален:

-  ја неутрализира лошата миризба под пазувите благодарение на содата;
-  ја омекнува кожата благодарение на путерите и кокосовото масло;
-  дава свиленкаст ефект благодарение на нишестето
-  прекрасно мириса благодарение на етеричните масла

На најприроден можен начин имате свој персонализиран деодоранс кој може да го ставите во мало интересно кутивче и да го носите секаде со себе.

Мора да ви кажам дека одлично функционира и издржува цел ден. Јас го користам веќе недела дена и го ставам еднаш наутро и навистина одлично го неутрализира лошиот мирис и остава свежина во текот на целиот ден.

Колку едноставно, а колку корисно. Наместо да се мачкате со деодоранси кои содржат алуминиум, направете ја оваа природна варијанта и ќе бидете повеќе од задоволни.

Се надевам дека оваа статија ви се допадна, а ние се читаме во некоја наредна прилика.

Поздрав
Вики


Comments