Чистач за лице за нормална до комбинирана кожа


Здраво драги мои,

еве ме повторно со еден нов и навистина интересен рецепт за комплетно природен чистач за лице за нормална до комбинирана, а може и за масна кожа. За овој рецепт земав инспирација од чистачот за лице на Lush Aqua Marina, кој малку го променив за да го направам полесен за изработка за сите вас, со состојки кои лесно може да ги најдете кај нас.

Навистина потребни ќе ви бидат само неколку состојки, а ќе добиете навистина одличен производ и верувајте ми многу ќе заштедите правејќи го сами дома (можеби најнапред ќе ви се чини повеќе пари доколку ги немате сите состојки, меѓутоа со оглед на тоа што состојките ќе може да ги користите за многу други работи ќе сфатите дека заштедувате). Исто така предноста на домашниот производ е таа што може да го персонализирате како сакате, да додадете етерично масло по ваш вкус и да го направите погоден за вашиот тип на кожа.

Најнапред ајде да го разгледаме оригиналниот производ на Lush, чистачот Aqua Marina

Glycerine, Calamine Powder, Kaolin, Irish Moss Gel (Chondrus crispus), Organic Aloe Vera Gel (Aloe barbadensis), Fine Sea Salt (Sodium Chloride), Nori Seaweed (Algae), Sweet Wild Orange Oil (Citrus sinensis), Patchouli Oil (Pogostemon cablin), Carrageenan Extract (Chondrus crispus), Lilial, Hexyl Cinnamal, Fragrance.

Како што може да забележите како прва состојка е присутен глицеринот кој ќе му помогне на нашиот производ да се оддржи со оглед на тоа што кон себе ја влече водата. Потоа има Каламин кој претставува еден вид на прашкаста состојка која во суштина е составена од две состојки и тоа: цинк оксид и железо оксид. Токму оваа состојка во случајов ја има апсорбирачката моќ на вишокот на масти и е одлична за оние кои имаат проблем со акни и бубуљички. Потоа е присутен каолинот, односно бела глина, алое вера гел, сол, алга нори и.т.н.

Ова всушност и не претставува чистач во вистинска смисла на зборот, во смисла нема сурфактанти, меѓутоа од декларацијата претставува еден вид на маска за лице со доста апсорбирачка моќ која го отстранува вишокот на маснотии.

Со оглед на тоа што кај нас за жал сме ограничени со сирови материјали за правење на козметички производи, ќе се обидеме да модифицираме дел од состојките кои ги немаме на располагање. Затоа мојата верзија би изгледала вака:


три кафени лажички растителен глицерин;
две кафени лажички цинк оксид;
две кафени лажички. глина расул; 
една кафена лажичка нишесте;
една кафена лажичка ружина вода (или доколку немате тогаш дестилирана вода);
една кафена лажичка алое вера гел;
четвртина кафена лажичка сол;
малку алга нори (онаа за правење на суши)
3 капки етерично масло од портокал
2 капки етерично масло од лаванда

Најнапред солта растворете ја во водата или ружината вода. Алгата убаво исистнете ја во прав со помош на еден толчник. Во едно кутивче ставете ги најнапред прашкастите производи (глината, цинк оксидот и алгата). Јас дома имам каолин (бела глина) и имам црвена глина која може да ја помешам со цинк оксидот за да добијам еден вид на каламин (со оглед на тоа ашто е богата со железо), па доколку и вие дома ги имате овие состојки во тој случај користете 2 кафени лажички цинк оксид, 1 кафена лажичка црвена глина и 3 кафени кажички бела глина (каолин). 

Во спротивно ставете го цинк оксидот со расул глина (може да ја најдете кај нас), нишесте и алгата во количините нагласени претходно. Откако убаво ќе ги помешате сите прашкасти состојки, најнапред додадете го глицеринот, потоа алое вера гелот и на крај водата (или ружината вода) и убаво мешајте со едно дрвено или пластично лажиче. На крај додадете ги етеричните масла. Доколку ги немате токму овие може да користите и други етерични масла.

Ете вашиот производ е готов и може да го чувате и во кутивче.


Секојпат кога ќе посакате да го исчистите лицето земете мал дел од овој чистач и растворете го во рацете со малку вода. Убаво исчистете го лицето со помош на кружни движења и измијте обилно прво со млака вода, а потоа со поладна за да ја подобрите циркулацијата.

Се надевам дека и оваа статија ви се допадна и дека ќе се обидете да го направите овој чистач за лице и во домашни услови.

Поздрав
Вики 

Comments