Моќен домашен анти ејџ серум со само три состојки


Здраво драги мои,

се сеќавате на Нена Стојова, девојката која ме остави без зборови со својата едноставност, храброст и посветеност кон природната козметика, креатор на линијата Bare Origin масла и тонери за кожа. За неа пишував во статијата Патот до успехот е тежок, меѓутоа секогаш следете го својот сон.

Постојано на пат помеѓу Мароко од каде ги набавува сите сирови состојки, Шведска и Македонија, овојпат ја начекав во Скопје, за да направиме заедно еден мал природен рецепт кој сите вие може многу лесно да го направите сами дома. 


Станува збор за еден моќен и ефикасен анти ејџ серум за лице, за чија подготовка ќе користиме само три состојки од кои две се маслата на Нена од арган (кое го обожавам) и од шипка кое ќе ви го претставам подетално во некоја наредна статија и витамин Е.

Во прекрасниот амбиент на Јавна соба, поминавме неколку часа во разговор, смеа, размена на идеи и секако во подготовка на прекрасниот серум.


За овој серум ги користевме следниве состојки:

30 мл. чисто арганово масло
20 мл. чисто масло од шипка
1 гр. витамин Е
7 капки етерично масло од иланг иланг (може да го замените со некое друго по ваш избор)


Од состојкиве кои ви ги претставив етеричното масло не е обавезно, па доколку немате може да го изоставите или замените со некое друго по ваша желба. Јас го користам ова затоа што ми се допаѓа како мириса и затоа што е одлично како анти ејџ масло.

Ајде да започнеме со подготовката:

Најнапред во една чашка со мерка ставивме 30 мл. масло од арган.



Потоа додадовме 20 мл. масло од шипка. Како што може да видите ова масло има прекрасна интензивна боја, а мирисот е фантастичен.



Потоа додадов 1 гр. витамин Е кој може да го најдете во аптеките. Доколку немате не е обавезно, меѓутоа витаминот Е освен тоа што е фантастичен за кожата, помага и маслата подолго да траат со оглед на тоа што го спречува нивното ужегнување.


На крај ставив 7 капки етерично масло од иланг иланг. Ова масло има навистина јак мирис, така да 7 капки се сосема доволни. Меѓутоа како што ви кажав може слободно да го изоставите доколку немате никакво етерично масло или да го замените со некое друго кое го имате дома.


Убаво ја промешав смесата и го затворив шишенцето. Ете вашиот анти ејџ серум е готов.

Навистина е многу лесно да се направи а ефектот врз кожата (доколку редовно го употребувате) е голем.


Се нанесува мала количина на благо навлажнето лице и убаво нежно се масира додека кожата комплетно да го прими.

Во изминатиов период многу девојки ме прашуваа за овие масла, каде да ги најдат, која е цената, како се направени и.т.н., затоа би сакала да ви кажам дека на 4 и 5 март во Јавна Соба ќе има голем базар за козметика, накит, сувенири и останато, каде ќе биде присутна и Нена. Така да сите што сакаат да ја запознаат и да се запознаат со нејзината работа се добредојдени.

Се надевам дека и оваа статија ви се допадна, а јас како и секогаш ве поздравувам и ви закажувам нова средба наскоро.

Поздрав
Вики



Comments