Бакни ме...органски. Мал водич при изборот на добар кармин


Здраво на сите

еве ме со една навистина интересна статија за која добив многу барања од страна на читателките: кармините и состојките во нив.

Карминот претставува еден од покомплицираните производи кога станува збор за формулата и состојките во него. Многу тешко се наоѓа добар производ, а особено е важно што има во него со оглед на тоа што го нанесуваме на устата и во текот на животот “јадеме“ поголем дел од него.

За да ја извршува својата функција, карминот во својот состав треба да содржи:

- комбинација на масла кои може да бидат природни или синтетички;
- масни густи состојки кои може да бидат разни путери (шеа, какао, манго) или ланолин;
- восок кој може да биде од растително (каруба) или животинско потекло (пчелин восок);
- боја која може да биде пигмент од природно или синтетичко потекло
- антиоксиданси
- конзерванси.

Маслата, особено рицинусовото, се корстат затоа што на карминот му даваат висок сјај кога ќе се нанесе на усните, путерите (особено природните) се користат за да дадат хранлив ефект на производот, пчелиниот восок служи за да го зацврсне производот и да му даде одредена структура. Во кармините на кои пишува long lasting, односно оние кои кога ќе ги нанесете на усните и траат 12 часа, а за да ги извадите поминувате два часа во вадење со најразлични млека и масла за чистење на шминка. присутни се силиконски деривати како на пример TRIMETHYLSILOXYSILICATE кој всушност претставува комбинација од триметилсилоксиликат со циклометикон.


Во голем дел од традиционалните кармини се користат синтетички масла кои се најчесто нафтени деривати во комбинација со рицинусово масло кое се користи за да му даде голем сјај на производот, силикони кои даваат измазнувачки ефект, ланолин, BHT како антиоксиданс и парабени. Секако постојат и традиционални кармини кои се добро формулирани и за тоа ќе говориме понатаму во статијата.

Јас лично би ви препорачала да ги избегнувате сите овие кои ги набројав, меѓутоа доколку во вашиот град постои мала можност да најдете добро формулиран кармин, во тој случај еве започнете одбирајќи кармин кој не содржи силикони, ланолин и нафтени деривати.


 Обично (скоро секогаш) добро формулираните органски или природни кармини немаат трајност како оваа од 12 часа, меѓутоа сепак даваат убав изглед на усните на природен начин, притоа ги негуваат и што е најважно се сигурни, барем повеќето од нив, затоа што постојат и многу органски кармини со ланолин кои според мене треба да се избегнуваат без разлика на тоа што се органски.

За оваа статија прошетав низ продавниците за да ги разгледам најчесто продаваните кармини и да ви кажам кои кармини се ок од аспект на декларација, кои се органски, а кои традиционални марки на кармини се без силикони.

Најнапред да започнеме со оние органските кои лесно може да ги најдете кај нас а тоа се кармините на Alverde. Одлично избалансирани со убав микс на масла, путери, восок и природни пигменти. Оние кои јас најчесто ги користам и ги имам проверено се оние од линијата Color and Care во зелена опаковка. За жал има и кармини кои содржат ланолин (имаат сребрена опаковка) и тие ги избегнувам. Кога говорев за ланолинот кажав дека пожелно е да се избегнува дури и во органските производи со оглед на тоа што не може комплетно да биде прочистен од пестициди. Не велам дека сите видови на ланолин се исти, меѓутоа без лабораторискиот тест за пестициди не може да бидеме сигурни дури ни кога станува збор за органски производ затоа најдобро да се избегнува. Значи одлични се Color and Care во зелена опаковка како овој на сликата.


 Исто така во Скопје ја имам видено и органската марка на кармини LaveraTrend Sensitive иако малку потешко се наоѓа. И овие кармини се одлични како состав.

Една традиционална марка на кармини која за среќа не ставила силикони и нафтени деривати во производите е Essence, иако кармините содржат доста синтетички состојки. Доколку немате можност да купите органски кармин секако ова е помалку штетна варијанта од обичните традиционални кармини.

Другите марки кои се продаваат во Скопје (барем оние најпродаваните кои успеав да ги прегледам) содржат сите силикони и/или ланолин.

Во исчекување на некоја нова марка на органски кармини, се надевам дека статијава ви беше од корист. Ние се читаме наскоро. Ве гушкам.

Вики

Comments