Домашен третман за чиста кожа со етерични масла


Здраво на сите

веќе сите знаеме дека етеричните масла може да бидат од огромна корист за кожа со проблематики како проширени пори, акни, митесери итн. Во една статија веќе говорев за етеричните масла кои се најприкладни за овие неправилности кај кожата и ви кажав на кој начин може да ги употребуваме (http://biodevojka.blogspot.mk/2015/08/blog-post_16.html). Затоа денес ќе ви предложам еден супер ефикасен домашен третман кој има фантастично дејство врз кожата. Станува збор за треман со етерични масла на пареа.

Како функционира третманот?

Јас обично досега само го парев лицето над тенџерето со вода во кое ставав свежи или суви билки или пак етерични масла. Целта на ова е да етеричните масла со помош на пареата допрат до кожата кога порите се отворени со цел таа да има поголеми бенефиции од истите. Во последниов месец дена експериментирав со малку поинаков начин на користење на етеричните масла и тоа директно на кожата (не чисти директно на кожата, туку претходно разредени во базно масло) и верувајте ми ефектот е многу подобар. Третманов кој ќе ви го предложам јас лично го правев еднаш неделно користејќи два вида на етерични масла. Еве за што станува збор.

Најнапред лицето го чистев од шминката, го миев и правев благ пилинг. На тој начин кожата е подготвена за третманот на пареа. Земав една кафена лажичка арганово масло (вие може да употребите бадемово, јојоба, арган, кокосово...она што го имате дома) и капнував една капка етерично масло. Смесата ја нанесував на лицето со благи и нежни движења и започнував со третманот на парење. Времетраењето на третманот треба да биде 5 мин.(не повеќе, затоа што 5 мин. се сосема доволни) со повремена блага масажа на лицето. По истекот на времето лицето го миев со млака вода и нанесував маска од зелена глина и чоколадо (може да нанесете маска која најмногу ви одговара, уште подобро доколку е природна).


Кои етерични масла ги користев за овој третман и какви резултати видов?

Јас лично направив обид со две етерични масла кои дадоа фантастични резултати особено кај црнките на лицето и проширените пори, а тоа се етеричното масло од жалфија и чајно дрво. Два третмани направив со жалфија, а другите два со чајно дрво. Во една кафена лажичка арганово масло капнував една капка етерично масло од жалфија (во првите две недели а во вторите жалфијата ја заменив со чајно дрво) и со него го намачкав лицето пред да го изложам истото на пареа. Од време на време во текот на петте минути под пешкирот правев блага масажа на лицето со маслото. Забележав подобрување на лицето од аспект на прошиени пори на лицето и секако кожата беше навистина многу чиста и мазна по самиот третман. Од недела во недела бројот на црнките беше многу помал (ги имаме сите да не се лажеме). Со самата пареа од тенџерето етеричните масла кои овојпат се на кожата а не во тенџерето одлично навлегуваат во самата кожа и си го прават своето.


Доколку ги немате овие етерични масла секако може да пробате етерично масло од лаванда, лимон или рузмарин кои исто така се одлични.
Се надевам дека ви се допадна статијата и доколку се одлучите да го направите овој третман секако сетете се да пишете ваши импресии под самиот текст.

Поздрав и до скоро читање
Вики


Comments