Алкохол во козметичките производи: да или не???

Здраво драги мои,

еве уште една многу барана тема која се однесува на употребата на алкохолот во козметичките производи. За ова што денес ќе го прочитате истражував навистина подолго време и ќе се обидам, на најможен едноставен начин, да изнесам како факти од истражувања на стручни лица, така и свое лично искуство со производите кои го содржат. Употребата на алкохолот во козметиката од една страна има и свое зошто, иако сметам дека одредени производи не би требало воопшто да го содржат.

Најнапред да разјасниме нешто важно: станува збор за етил алкохол кој во декларацијата се пишува само како алкохол и кој не е воопшто иста работа со останатите имиња во кои ќе го најдете зборот алкохол како: cetyl alcohol, cetearyl alcohol, myrisyl alcohol, кои имаат сосема друга формула и функција во самиот производ:

-  myrisyl alcohol: има омекнувачко/смирувачко дејство
-  cetyl alcohol и cetearyl alcohol: се еден вид на масен восок со омекнувачко дејство
-  benzyl alcohol: алерген од парфемите
- stearyl alcohol: има омекнувачко/смирувачко дејство

Повеќето фирми (особено германските) алкохолот го користат најнапред како конзерванс во комбинација со етеричните масла, а потоа и затоа што некои екстракти се растворливи само во алкохол. Никогаш со сигурност не може да дознаеме во колкав процент е употребен алкохолот во козметичките производи, меѓутоа може горе доле да претпоставиме во согласност од состојките кои се наоѓаат пред него или после него. Алкохолот во козметиката често пати претставува и валидна замена за лесните силикони ако се земе предвид дека самите креми ги прави полесни. Проблемот е во тоа што алкохолот прави денатурација на протеините и можеби на почеток нема да даде никаков проблем или пак може видно да ја подобри состојбата на кожата (особено ако е масна), меѓутоа со редовна употреба во текот на времето од масна кожа на пример може да се најдете со сува кожа.


Меѓутоа како што веќе нагласив алкохолот различно се однесува на кожата и зависи пред сѐ од формулата на производот и состојките употребени во него, затоа во продолжение ќе ја разгледаме употребата на алкохолот во разни видови на козметички производи и соодносот со останатите состојки.

1. Алкохол во кремите за лице

Во многу креми за лице, особено оние за масна кожа се забележува присуство на алкохол и тоа на доста високи позиции како на пример втора позиција во декларацијата, веднаш по водата во самиот производ. Како што реков тешко е со прецизност да сфатиме во колкав процент е употребен од самата декларација, затоа што зависи од состојките со кои е комбиниран и/или присуството на други конзерванси во самиот производ. Пред да проговориме нешто повеќе ајде да ви кажам што се всушност содржи една крема:

- Фаза А или водена фаза;
- Фаза Б или масна фазa;
- Фаза Ц наречена фаза на ладно каде се користат најразни екстракти и масла кои не се термостабилни и доколку се загреат го губат своето дејство.


Ова е исто за сите креми за сите типови на кожа, она што се менува е процентот на секоја од состојките и фазите во една крема. Во некои креми за лице, веднаш по водата доаѓа алкохолот (може да не биде баш веднаш по водата туку да се најде и како четврта или петта состојка). Обично производителите кои во кремите ставиле алкохол, ја зголемуваат масната фаза на производот така да на некој начин дејството на алкохолот може да биде лимитирано, иако секако се чувствува неговото присуство и има одредено дејство врз кожата. На пример ако процентот на масла е 2 до 4% масленост во една крема за многу масна кожа, или 5 до 8% масленост за масна или комбинирана кожа, компаниите ќе стават повеќе и потоа со алкохолот ќе ја “ублажат“ таа масленост во производот.

Доколку алкохолот се користи како алтернатива за лесни силикони во кремата неговото присуство е обично околу 5% и на кремата и дава убава структура, ја прави полесна и подобро се размачкува. Како конзерванс процентот на алкохол е најмалку 15%, меѓутоа возможно е да се користи и помал процент за конзервирање доколку производот содржи одредени состојки кои го дозволуваат тоа.  Исто така многу е важно да напоменам дека голема улога во процентот на алкохолот има и опаковката на производот. Не е исто крем во туба и крем во кутивче со оглед на тоа што производот во кутивчето го земаме со прстите директно и можноста за бактерии е поголема.


Меѓутоа, ова што го напоменав секако не е за да ве исплаши, затоа што алкохолот во комбинација со водата во производот губи голем дел од агресивното дејство со оглед на тоа што се зголемува испарувачката моќ. Сепак делувањето врз кожата е индивидуално и според мене треба да ја пробате кремата и да ги следите промените на вашата кожа за да сфатите колкав процент на алкохол има во производот и како делува на вашата кожа. Доколку се одлучите за крема која содржи алкохол мој совет ви е да ја користите одреден период или наизменично со некоја која не содржи. Сепак имајте на ум дека во кремите алкохолот е помало зло со оглед на тоа што ги заменува на пример силиконите или тешките конзерванси.

Мое лично искуство

И јас користев производи со алкохол, меѓутоа еве за среќа (без да знам на времето) ги користев или наизменично со некој производ без алкохол или само одредено време па се префрлав на производи без алкохол. Со оглед на тоа што јас отсекогаш обожавав и сеуште обожавам чисти масла за лице, и ги користам или сами или како серум пред да ставам крема, можеби затоа и не сум видела некоја позначајна промена, или пак кремите имале низок процент на алкохол. Затоа и ве советував претходно да кремата ја користите одреден период или пак во комбинација со друга без алкохол.

2. Алкохол во шампоните за коса

Во шампоните алкохолот се користи затоа што испарува многу брзо без да ја отежни косата и без да остави преголема влага во неа, а секако и како конзерванс. Со оглед на тоа што алкохолот ги денатурира протеините, а со тоа и кератинот на косата, со честа употреба ја оштетува самата коса. За разлика од кожата која има телесна топлина косата нема, така да јас лично избегнувам било каков шампон во кој има алкохол на било која позиција. Ајде најнапред да видиме како всушност е направен еден шампон. За еден шампон добро да измива, односно да го врши она за кое е наменет, во својата формула мора да има сурфактанти. Овие се всушнот измивачи чија молекула е составена од два дела: едниот се врзува за маснотиите и нечистотиите во косата, а другиот за водата, така да кога ја миеме косата оној дел од молекулата кој се врзал за водата со себе го носи делот кој се врзал за маснотијата и резултатот е чиста коса.


Најнапред од основна важност е шампонот да не содржи само еден сурфактант (затоа што истиот ќе биде поагресивен), туку комбинација од сурфактанти, затоа што при правилната комбинација, истите се неутрализираат и надополнуваат со што се сведува на минимум агресивноста и иритирачката моќ на еден производ. Еден од сурфактантите треба да биде примарен, кој всушност и ќе ја дава измивачката моќ на производот, потоа секундарен(ни) кој ќе ја ублажат агресивната моќ на примарниот и останати сурфактанти кои ќе дадат густина, пенливост итн. Меѓутоа, ако ставиме само вода и сурфактанти во еден производ, истиот ќе претставува средство за миење на садови :), па затоа за еден шампон да биде квалитетен и да има одредена хранлива моќ, да ја негува и прави косата полесна за расчешлување, треба да содржи и други состојки како на пример протеини, масла и витамини.

Кога во шампоните се додава и алкохол (најчесто како конзерванс или пак како растварач на некои бини екстракти во самиот производ) тој уште додатно обезмастува (а тоа веќе го прават сурфактантите), така да шампонот може да биде многу поагресивен, да доведе до сушење на косата и појава на првут. Исто така и лосионите и ампулите за коса кои содржат алкохол и делуваат против опаѓањето на косата (доколку тоа е проблемот) одлично ја стимулираат циркулацијата, меѓутоа сушат. Екстрактите кога се растворени во алкохол многу побрзо навлегуваат во нашата кожа отколку кога истите се растворени во вода и имаат подобар и побрз ефект, меѓутоа понекогаш е подобро да се оди полека но сигурно отколку да се има побрзи резултати ама сува коса.


Мое лично искуство

Од шампони имам пробано еден и со оглед на тоа што имам сува коса природно кај мене даде лош ефект. Она што со сигурност ми даде најлоши резултати беше употребата на еден тоник за стимулација на растот на косата кој се обидував да го нанесувам само на коренот (иако во поголем број на случаи завршуваше и на косата) од која забележав значајно сушење на косата (не веднаш ама по месец дена беше доста видливо). Употребата на овие шампони секако зависи и од типот на косата и со која фреквенција ја миете косата. Доколку јас ја мијам косата два пати неделно и еднаш ја мијам со шампон со алкохол а другпат без, во тој случај косата нема веднаш да се исуши, меѓутоа ако косата ја мијам почесто само со шампон во кој има алкохол, во тој случај секако дека како резултат може да имам  сува коса, суво теме или во најлош случај и појава на првут. Затоа сѐ е индивидуално, иако јас би ви советувала да избегнувате шампони со алкохол без разлика на тоа како ги користите. Ова е секако мој совет и мислење, а не апсолутна вистина за вас и вашата коса, и секако вие сте слободни да изберете и користите она што според вас најдобро ви одговара и ви се допаѓа.

Мислам дека доволно напишав како за една статија (да не биде премногу долго) и секако, доколку има интерес, ќе продолжиме да говориме на оваа тема и за други производи.
Ви благодарам на сите за вниманието и се читаме наскоро.

Вики

Comments