Пробав за вас: крем за хидратација на кожата од Aloedermal


Здраво на сите,
еве ја првата статија за оваа 2016 година. Најнапред ви посакувам Среќна Нова и се најубаво, да имате многу здравје и љубов, а сѐ останато само по себе ќе дојде.
За оваа прва статија во новата година се одлучив да го рецензирам кремот за хранење и хидратација на кожата од Aloedermal наменет за нормална до сува чувствителна кожа склона кон црвенила. Овој крем го имав користено и порано додека живеев во Италија, а еве сега го земав повторно со цел да ви го претставам, со оглед на тоа што е навистина одличен како производ, а и доста економичен. Мора да напоменам дека не е органски, меѓутоа одлично формулиран. Ајде најнапред да ја разгледаме декларацијата на овој крем.

Inci: Aqua, Myristyl Myristate, Cetearyl Alcohol, Caprylic/Capric Triglyceride, Glycerin, Olea Europaea (Olive) Oil Unsaponifiables, Butyrospermum Parkii Butter, Cetearyl Glucoside, Chondrus Crispus Extract, Glyceryl Caprylate, Aloe Barbadensis Extract, Tocopherol, Helianthus Annuus Seed Oil, Glycyrrhetinic Acid, Sodium Hyaluronate, Xanthan Gum, Sodium Phytate, Aroma, Citric Acid, Citronellol, Limonene, Geraniol, Hexyl Cinnamal, Linalool.


Кремот како што реков повеќе е наменет за нормална накај сува кожа со оглед на тоа што како втора состојка во декларацијата има  Myristyl Myristate кој не е баш погодна за комбинирана или масна кожа склона кон акни. Состојките како маслиново масло, шеа путер, витамин Е и сончогледово масло одлично ја хранат кожата, длабоко ја хидрираат и ја подобруваат нејзината еластичност. Во самиот крем има и една алга која се нарекува хондрус (Chondrus Crispus) од која се извлекува една состојка која има структура како желатин. Оваа состојка има оргомно регенерирачко дејство  врз кожата, особено врз чувствителната кожа склона кон иритации, благодарение на големото количество на магнезиум и калциум. Има големо антиоксидантно дејство и го намалува дејството на слободните радикали. Овој крем исто така содржи и хијалуронска киселина. 

Откако ја разгледавме декларацијата, ајде да преминеме на структурата и ефектот врз кожата. Овој производ има совршена структура (не многу густа и не многу ретка) и кожата веднаш ја прифаќа.Откако ќе се намачка на лицето прво нешто што забележувате е огромна хидратација на кожата (како кога жедни ќе се напиете чаша вода), што е одлично особено овој зимски период кога под влијание на студот кожата има тенденција да се суши. По кратко време кремот комплетно се апсорбира во самата кожа и воопшто не ја отежнува. 



Опаковката на овој крем е туба со пумпица и има високо хигиенска амбалажа како и сите креми на Aloedermal. Со редовна употреба кожата станува видливо помека, нахранета и што е најважно хидрирана. Доколку имате нормална накај сува кожа која е чувствителна и склона кон црвенила, во тој случај дефинитивно ви препорачувам да го пробате овој крем. Можете да го најдете во подобро опремените аптеки и цената е околу 460 денари. 


Се надевам дека ви се допадна оваа статија. Ве поздравувам и се читаме наскоро.
Вики

Comments