Мека бебешка кожа со производите на Naturaverde Bio Disney Baby
Здраво драги мои,
знаете дека обожавам да откривам и пробувам нови органски производи, и штом се појави нешто ново убаво на пазарот кај нас веднаш го споделувам со вас. Многу често добивам прашања од мајките какви производи да користат за нивните бебиња и кои козметички линии се органски и со убаво избалансирани формули.
Досега на блогот ви имам проделожено неколку бебешки колекции, меѓутоа денес сакам да ви предложам една исклучително убава и доста економична бебешка козметика со комплетно органска и природна формула, односно Naturaverde Bio.
Станува збор за една италијанска доста позната колекција и не може ни да замислите колку бев среќна кога истата ја видов кај нас. Јас за првпат ја забележав во маркетот Веро/Џамбо, меѓутоа ја има и во Космо и во аптеките Бети во повеќе градови. Naturaverde Bio е сертифицирана како природна и органска козметика од страна на италијанскиот институт ICEA.
Освен убаво избалансирани формули со одлични состојки (за кои ќе говорам во текот на оваа статија) оваа линија е комплетно без парабени, СЛС, СЛЕС, фалтати, и тестирана е на никел и кобалт. Друго нешто многу важно е што парфемите користени во овој производ се без алергени. Обично голем број на парфеми и етерични масла содржат и по некој алерген како на пример citral, citronellol, coumarin, limonene, linalool и други, што не е случај со оваа козметика. Според мене е од огромно значение да се спомене овој факт со оглед на тоа што детската, особено бебешката, е премногу чувствителна.
Иако колекцијата сорджи повеќе производи, јас денес ќе ви претставам два и тоа: нежниот шампон со камилица и овес и омекнувачкото масло со екстракт од невен.
1. Ултра нежен шампон со камилица и овес
Овој шампон има навистина исклучително нежна формула со одлично избалансирани сурфактанти, и е толку нежен што според мене може да се користи и како купка за измивање на кожата. Декларацијата на овој производ е следнава:
Aqua, Disodium Lauryl Sulfosuccinate, Coco-Betaine, Sodium Cocoyl Glucinate, Xanthan gum, Coco-Glucoside, Glyceryl Oleate, Decyl Glucoside, Sodium Cocoyl Hydrolised Wheat Protein, Glycerin, Chamomilla Recutrita (Matricaria) Flower Extract, Avena Sativa Brain Extract, Dehydroacetic Acid, Benzyl Alcohol, Sodium Phytate, Lactic Acid, Parfum (Fragrance).
Освен за бебчиња и деца, овој шампон топло го препорачувам на сите оние (возрасни) кои имаат многу чувствително теме на глвата, со оглед на тоа што комбинацијата на сурфактантие (помеѓу кои е вклучен и сурфактант со овесни протеини) многу благо измиваат без воопшто да иритираат. Со оглед на тоа што производов нема кондиционатори (а не ни треба затоа што е наменет за деца) доколку возрасните го користат за измивање на косата после него обавезно треба да користат регенератор за омекнување.
Производов не прави многу пена (онoлку колку што е потребно) што е уште еден знак за деликатната формула и нежниот ефект на овој шампон. Има многу пријатен мирис на камилица, навистина толку нежен а сепак се чувствува.
2. Омекнувачко масло за масажа со екстракт од невен
Ова масло навистина премногу ми се допаѓа затоа што е составено од четири извонредни масла за бебешката кожа како: масло од ориз, маслиново масло, масло од јојоба и сончогледово масло со екстракт од невен. Еве ја декларацијата на ова масло
Oryza Sativa Bran Oil, Olea Europaea Fruit Oil, Simmondsia Chinensis Seed Oil, Parfum, Calendula Officinalis Flower Extract, Helianthus Annuus Seed Oil
Мора да напоменам дека има одличен ефект врз кожата и воопшто не е тешко како производ, односно кожата многу лесно го апсорбира. Има нежен мирис на невен со уште нешто кое не можам да го дефинирам. Кожата ја остава свилено мека, нахранета и миризлива.
Јас лично би го препорачала и за сите оние кои имаат многу сува кожа на телото и користат масла за нега на кожата на телото, со оглед на тоа што ова масло е идеално за таа намена. Се нанесува мала количина од ова масло на благо навлажнета кожа по бањањето.
Ова омекнувачко масло има повеќе од една употреба (доколку го земете ќе може да го користите на повеќе начини), освен како масло кое одлично ја негува бебешката и детската кожа (а богами и возрасната), ова масло може да го користите и при бањањето на бебето, односно во кадичката може да ставите неколку капки за подобар ефект. На тој начин при самото бањање видно се омекнува бебешката кожа.
Драги мои, се надевам дека и оваа статија ви се допадна и дека пред сѐ ви беше од корист. Доколку вашите досегашни средства за нега ви се портошиле и сакате да пробате нешто ново, топло ви препорачувам да ги пробате овие производи без разлика дали ќе ги земете за вашите деца или за вас доколку имате почувствителна кожа. Верувам дека ќе бидете повеќе од задоволни.
Поздрав и до следно читање
Вики
Comments
Post a Comment