Домашен педикир за совршено меки стапала


Здраво драги мои,

правење на добар педикир е од основно значење во скоро сите сезони од годината. А и најискрено кој од нас барем еднаш не ужива во педикир каде најнапред се релаксираат нозете во купка, потоа се прави пилинг, се нанесува крем за стапала и ноктите се премачкуваат со вашата омилена боја на лак.

Педикирот не само што има огромно естетско влијание, туку според некои истражувања ослободува од стрес и главоболка. Знам, и мене на почетокот ми беше чудно, меѓутоа кога ќе размислиме подобро сите тензии понекогаш доаѓаат и од стапалата, од неправилна постура, премногу стоење, неудобни обувки и.т.н.

Во оваа статија цел ми е да ви предложам еден прекрасен и пред сѐ многу функционален домашен педикир со состојки кои веќе ги имате во вашите кујни, и кој ќе ви заштеди доста пари. Не само што е многу едноставно да го направите туку и ќе се опуштите и релаксирате во домашни услови. Ова е идеален педикир за скоро сите со оглед на тоа што одлично ја омекнува дури и најгрубата кожа, и со редовна употреба нема да ги препознаете вашите стапала.

Знам дека сте нетрпеливи, затоа веднаш ќе преминам на домашните рецепти.

1. Опуштачка купка за уморни стапала

Оваа купка не само што ќе ги опушти уморните стапала, туку и неверојатно ќе ја омекне вашата кожа. Верувајте ми резултатите пред и потоа ќе ве остават буквално без зборови. Можеби е една од наједноставните нешта кои сум ви ги предложила со оглед на тоа што ви се потребни само две состојки и тоа: маслиново масло и сода бикарбона.

Во едно легенче со топла вода ставете две супени лажици сода бикарбона и една супена лажица маслиново масло. Потопете ги стапалата, опуштете се и оставете состојките да го направат своето. Останете така околу 10 мин.

2. Скраб за стапала


Овој скраб е еден од моите најомилени со оглед на тоа што дава фантастичен ефект. Потребни состојки се:

2 супени лажици шеќер
2 супени лажици сол
1 супена лажица масло (јас користев масло од куркума кое го направив според овој рецепт)
10 капки етерично масло од лимон

Во еден сад или кутивче, најнапред убаво помешајте ги солта и шеќерот и потоа додадете го маслото и продолжете да мешате додека смесата убаво да се спои. По потреба може да додадете и повеќе масло (зависи од тоа дали смесата сакате да биде посува или потечна). Јас користев домашно масло од куркума поради антибактериското дејство и поради прекрасната убава боја која го дава на овој скраб, меѓутоа вие може да користите обично масло (она кое го имате дома), меѓутоа претходно во прашкастите состојки додадете четврина лажичка куркума за боја. Доколку имате ставете етерично масло од лимон кој ќе му даде прекрасен мирис и ефект на овој скраб

Како јас најчесто го користам?


Го подготвувам претходно (пред да ја направам купката), и откако сум ги држела стапалата потопени во купката 10 мин. едно по едно стапало убаво правам пилинг неколку минути и повторно ги враќам во легенот со вода и продолжувам со скработ додека шеќерот и солта комплетно да се стопат од стапалата. Дури потоа ги мијам со течна вода, ги бришам со пешкит и нанесувам убав крем.

3. Нега на нозете

Наједноставно нешто е да нанесете некое убаво масло за интензивна нега или шеа путер, крем или масло во комбинација со алое вера гел. Она што го имате дома може слободно да го употребите за нега на стапалата. Вашата кожа како и да е ќе ви биде благодарна.

4. Лак за нокти


Како последен меѓутоа и не помалку важен чекор е разубавувањето на ноктите со помош на убав лак. Доколку сакате да знаете кои состојки е пожелно да се избегнуваат во лаковите за нокти прочитајте ја статијата Сакам органски лак за нокти...постои????


Ете драги мои, ова беше мојот наједноставен предлог за домашен педикир кој е функционален, ефикасен и економичен. Нема потреба да трошите многу пари за скапи производи кога состојкиве даваат фантастични резултати.

Дали и вие дома често си правите сами педикир и кои состојки најчесто ги употребувате?

Поздрав
Вики

Comments