Супер хранлив крем за тело со екстракт од гоџи бери



Здраво драги мои,

досега кремите за тело ги правевме според рецептит за колд крем или креми на маслена база кои немаат потреба од конзерванси и емулгатори со оглед на тоа што содржат многу малку вода или воопшто не ја содржат. Ваквиот вид на креми ни траеа од месец дена па до 10 месеци во зависност од тоа кои состојки сме ги употребиле.

Ова е прва статија во која сакам да ви дадам еден рецепт за крем кој се прави со помош на емулгатор кој има за цел да ги спои двете фази (маслената и водената) и конзерванс кој ќе ја оддржи стабилноста на производот и ќе го заштити од бактерии, муфла и расипување.

Знам дека има девојки кои ме следат од другите држави кои имаат или можат лесно да ги нарачаат овие состојки, така да ќе комбинирам вакви статии со нешто полесно како колд крем кој може сите да го направите.

Овојпат како што кажав во самиот наслов ќе направам еден фантастичен крем за тело кој има големо хидратантно и пред сѐ хранливо својство врз кожата. Како екстракт имам додадено екстракт од гоџи бобинки кој го направив според овој рецепт.


Кремов го користам со огромно задоволство затоа што ја прави кожата толку мека и свиленкаста како на бебе.

Ајде да започнеме со подготовката. Потребни состојки се:

Фаза А или водена фаза
- 5о гр. дестилирана вода;

Фаза Б или масна фаза
- 10 гр. масло од макадамија;
- 8 гр. масло од арган;
- 8 гр, кокосово масло;
- 8 гр. шеа путер;
- 6 грама какао путер;
- 4 гр. пчелин восок;
- 5 гр. емулгатор оливем 1000;

Фаза Ц или фаза на ладно (состојките се додаваат на ладно без загревање)
- 5 гр. екстракт од гоџи бери;
- козметички мирис;
- конзерванс Eco preservative

Најнапред да ви кажам дека сите садови и лажици кои ќе ги користите најдобро е претходно да се испрскаат со алкохол (на пример водка или ракија, или поголем процент на алкохол) и да се избришат со чиста палома или салфетка. Исто така ќе имате потреба од прецизна вагичка која мери грами, милиграми и.т.н.


Во еден сад (кој треба да биде отпорен на топлина) најнапред ставете ги сите состојки од маслената фаза со искулчок на шеа путерот кој ќе го додадеме при крајот. Ова е затоа што доколку многу се загрева шеа путерот, при неговото ладење може да добие груткаста структура. Доколку се додаде при крај ова се избегнува. Во друг сад ставете ја водата. Двата сада ставете ги во едно тенџерче со вода на оган за да се стоплат фазите.



Многу е важно водата да не врие затоа што маслата и водата не треба да вријат туку да се оддржува топла температурата за полека да се стопат. Мој совет ви е да ја пуштите ринглата на најјако минута две и потоа намалете ја на 3 (ако имате 6 јачини) за да оддржувате топло без водата да врие. По некое време маслената фаза ќе се стопи и може да го додадете шеа путерот.



Откако сѐ ќе биде комплетно стопено, земете ја водената фаза (односно водата) и додадете ја полека малку по малку во маслената фаза со постојано мешање. Јас неможев да го сликам ова оти двете раце ми беа зафатени, ама еве на крај кога двете фази ќе се спојат изгледа вака



Земете машинка за правење на нескафе или некој рачен миксер и почнете да ја мешате смесата сеуште во водената пареа (во овој стадиум веќе може да ја исклучите ринглата). Мешајте ја така неколку минути, па тргнете го садот надвор од топлата вода. Продолжете со мешање со миксерот. Смесата како што се лади полека ќе почне да се згуснува и кога ќе ја добиете оваа смеса подготвени сме за третата фаза односно екстрактите, козметичкиот мирис и конзервансот.




Откако ќе се додадат и овие убаво сеуште се меша со помош на една дрвена шпатула или обична лажичка и потоа смесата може да ја префрлите во едно чисто празно кутивче за крем.


Во маслената фаза користев пчелин восок и емулгатор заедно затоа што во комбинација овие два ми се покажале најдобри. Имам дома и друг емулгатор кој може сам да стои во еден козметички прозвод, меѓутоа оливем 1000 ми се допаѓа затоа што дава прекрасна свиленксата структура на кремот, не остава бела трага на кожата откако кремот ќе се намачка и одговара дури и за најчувствителната кожа. Пчелиниот восок дава убава структура, ги згуснува маслата и како состојка мене ми е обавезна во многу производи, просто го обожавам.

Како конзерванс употребив Eco preservative кој го додадов на крај откако производот се излади и згусна затоа што како конзерванс е стабилен на температура до 40 °C, односно најдобро е да се додаде кога температурата на производот ќе се спушти под 40 степени. Декларацијата е следнава: Benzyl Alcohol, Salicylic Acid, Glycerine, Sorbic Acid. Откако ќе се употреби овој конзерванс има благ мирис на бадем поради Benzyl Alcohol, кој лесно се маскира со парфем или етерично масло, а мене лично воопшто не ми пречи мирис на бадем :). Количината на употреба е околу 20 капки од дозаторот кој го има самото шишенце за 100 гр. производ.

Еве ја структурата на овој крем


А еве може да забележите дека кожата одлично го впива без да остави бела трага


Само да напоменам дека со овие дози пх вредноста на овој крем е 5,5.

Кремов е навистина прекрасен многу подобар од повеќе креми кои ги имам досега пробано, а радоста е уште поголема што сама си го направив. Кога правиме сами производи точно занеме што сме ставиле, колку сме ставиле и како сме го направиле.

Знам дека можеби сите вие немате дома оволку состојки и како што кажав на почетокот ќе гледам да правам комбинација на статии со полесни и потешки производи (за оние кои може да набават состојки), со цел да ги задоволам сите вкусови.

Се надевам дека и оваа статија ви се допадна. Во некоја од следните статии ќе објавам поедноставен рецепт за сите.

Голем поздрав и до следно читање.
Вики

Comments

  1. Вики, преубав рецепт...Но, дали може во водената фаза да се додаде малку органски мед и мелен прополис? Така овој крем ќе содржи дури 3 пчелни производи и ќе биде уште побогат? И дали во масната фаза би било добро да се стави витамин Е за да ги штити маслата? Фала, однапред

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга Јасмина прости ми што одговарам сега меѓутоа не ми стигна известување дека си коментирала. Се извинувам. Во водената фаза може да додадеш мед меѓутоа не повеќе од 5 гр. кои ќе ги одземеш од водата. Мелен прополис не ти препорачувам затоа што е силен алерген и може кожата да реагира. Доколку додадеш мед зголеми го конзервансот (во зависност од тоа кој конзрванс го користиш, ако користиш обично 0.6 стави 0.7 бидејќи медот прави производот да биде на поголем напад од бактерии). Во фазата Б слободно стави вит. Е. Доколку е во чиста форма како токоферол може слободно да го загрееш со останатите масла и восоци во маслената фаза. За било што слободно пиши. Поздрав.

      Delete
  2. Здраво Биодевојка, знам дека постов е од многу поодамна, но јас редовно ги читам по неколку пати твоите прекрасни постови со цел да научам нешто повеќе. Моето прашање е дали кај нас во Македонија може да се најдат овие конзерванси и емулгатори кои ги спомнувате во рецептот од постот? И ако да, дали се купуваат во слободна продажба?

    Поздрав најголем,

    ReplyDelete

Post a Comment