20 фантастични употреби на течното злато од Мароко- маслото од арган


Здраво драги мои,

се надевам дека убаво си гo поминувате овoj празничeн ден. Да започнме вака првомајски, за вас подготвив една фантастична статија за мароканското злато, односно аргановото масло. Во оваа статија ќе ви откријам 20 фантастични употреби на аргановото масло за комплетна нега од глава до пети. За повеќето од овие употреби можеби веќе знаете, меѓутоа сигурна сум дека ќе откриете и нешто ново. Исто така ќе искористам прилика овојпат да ви го претставам маслото на арган од Institute Organica кое го тестирав во последно време и кое навистина вреди како производ и квалитет.

Иако веќе многу имам говорено за маслото од арган сепак само на кратко да се потсетиме зошто ова масло е толку ценето, сакано и користено од жените во целиот свет. Маслото од арган се добива од плодовите на дрвото Argania Spinosa кое расте во Мароко. За подготовката на 1л. масло од арган потребни се 100 кг. плод од ова дрво. Претставува богат извор на витамините А, Е и Ф, како и омега 6 и 9 масни киселини. Токму поради овој свој состав маслото од арган е од голема важност за убавината на кожата:

- витаминот А е неопходен за убавината на нашата кожа;
- витаминот Е има антиоксидантно дејство и го забавува процесот на стареење на кожата;
- витаминот Ф е неопходен за задржување на еластичноста на кожата.
- омега 6 и 9 масните киселини се неопходни за правилно функционирање на организмот, со оглед на тоа што нашиот организам не може да ги произведе сам по природен пат.

Секако во продажба постојат и многу готови производи кои во својот состав содржат масло од арган, меѓутоа според мене ништо не е толку вредно и оригинално колку самиот извор, односно аргановото масло во неговата најпрвобитна и најчиста форма. Сепак во готовите производи можно е да има и состојки кои не се пожелни за кожата или пак кои го оневозможуваат правилното дишење на истата. Чистото масло од арган е најдоброто нешто што може да и го подарите на кожата, беза да ја отежните или да ја спречите нејзината природна функција.

Како што напоменав на почетокот овојпат за вас го пробивам маслото од арган на  Institute Organica за кое добив многу барања и прашања, особено на форумот Фемина.


Најнапред да напоменам дека ова масло доаѓа во темно шишенце кое јас лично го обожавам, со оглед на тоа што го задржува квалитетот на самото масло и го штити од предвремено ужегнување. Нешто што имам забележано кај шишињата на Institute Organica е што се навистина многу издржливи. Земајќи ги маслата во рака (за да ги разнесам на косата или кожата) на повеќе наврати ми се случило шишето да ми падне од рака на под и да остане живо и здраво без никаква гребнатинка.

Маслото од арган има убав интензивен мирис што е знак за квалитетно масло и мора да напоменам дека станува збор за 100% чисто ладно цедено и органско масло кое е всушност и најценето, со оглед на тоа што во себе ги задржува сите хранливи состојки и витамини. Доколку погледнете на опaковката како единствена состојка има само ботаничкото име на арганот односно Argania Spinosa.


Ова масло навистина многу лесно се впива во кожата и доколку се користи во нормални количини не остава воопшто масна трага на лицето. Имам пробано навистина многу арганови масла во текот на овие години и можам да кажам дека ова е едно од оние кои ги сметам за супериорни и со висок квалитет. Друга одлична карактеристика на ова масло е што воопшто не содржи никаков додаток на парфем или мирис што го прави погодно дури и за оние лица кои имаат многу чувствителна кожа која лесно се иритира.

Во продолжение (како што е насловот и на самата статија) би сакала да ви откријам 20 интересни начини како да го употребите маслото на Institute Organica, доколку го имате дома, или доколку се одлучите да го купите.

1. Природна крема за лице

Како што напоменав, нема ништо подобро од аргановото масло во неговата најчиста форма. Ова е едно од најдобрите масла кое е погодно за скоро сите видови на кожа со оглед на тоа што лесно се апсорбира од самата кожа. Слободно може да го користите како замена за крем за лице доколку сакате да го подобрите не само апектот на вашата кожа, туку и тенот и квалитетот. За почеток доколку не сте навикнати да користите масла, би ви препорачала да го користите само навечер ова масло, а потоа (откако вашата кожа ќе се навикне) може и наутро и навечер. Се нанесува на благо навлажнета кожа (со вода или тоник) и се втрива со благи движења до комплетно апсорбирање.

2. Третман за коса


Аргановото масло е спас за сува и оштетена коса која го изгубила сјајот и виталноста. Ова масло му ја враќа еластичноста на влакното и самата коса изгледа поздрава и поубава. Може да го нанесете чисто на благо навлажнета коса и да го држите најмалку саат време, или пак во комбинација со други состојки кои ќе го потенцираат неговото хранливо дејство. Доколку имате многу сува коса со испукани врвови, пробајте ја следнава маска:

мало парче зрела банана
една супена лажица арганово масло
1 кафена лажичка мед
1 кафена лажичка сок од лимон

Оваа смеса нанесете ја подолжината на вашата коса и на врвовите и ставете да делува најмалку саат време. Потоа измијте ја со благ и убав шампон, исушете ја како што обично правете и воодушевувајте се на неверојатниот сјај и убавина на вашата коса. Со редовна употреба ќе се изненадите од резултатите. Од време на време бананата може да ја замените и со жолчка од јајце (како за промена).

3. Третман за нежни и испукани усни

Аргановото масло е едно од најдобрите кога станува збор за нега на нежната кожа на усните. Доколку редовно се користи има својство не само да ја омекне кожата на усните која е на удар како во зима, така и летно време, туку и да ги ублажи пукнатините на самите усни кои честопати се појавуваат кај скоро сите нас. Сѐ што треба да направите е да ги намачкате усните со малку арганово масло и да го вртиете до комплетно апсорбирање.


5. Пилинг за лице

Аргановото масло е одлично и како масло за подготовка на домашен пилинг за лице. сѐ што треба да направите е да го помешате ова масло со некоја состојка која дава скраб ефект на пример шеќер, брашно, сода, кокосово брашно и.т.н. и да го нанесете на кожата со благи движења неколку минути и потоа да го измиете со млака вода. Резултатот ќе ве остави без зборови.



6. Моќно анти ејџ средство за нега на кожата околу очите

Кожата околу очите е многу понежна и посува од онаа на лицето (дури и девојките кои имаат масна кожа, околу очите им е секогаш посува). маслото од арган претставува најдобриот можен природен производ кој го спречува превременото стареење и опуштање на кожата во тој предел, и ја забавува појавата на предвремени брчки кои понекогаш настануваат и како резултат на експресија на лицето. На благо навлажнета кожа, довочно е да нанесете три-четири капки и убаво да ги втриете со многу благи и нежни движења со оглед на тоа што станува збор за многу нежна зона.

7. Отстранувач на шминка

Како и поголемиот број на растителни масла, така и маслото од арган е одлично за отстранување на шминката од лицето и очите, со оглед на тоа што е комплетно природно и воопшто не е агресивно како метод. Сѐ што треба да направите е да намокрите со малку вода едно памукче или дискета за отстранување на шминка и врз неа да нанесете малку арганово масло. Намокреното памукче малку дежете до врз окото и потоа нежно остранете ја шминката.

8. Третман за здрави и цврсти нокти

Сите оние девојки кои имаат проблем со нокти кои многу лесно се кршат, спасот ќе го најдат во овој вид на масло во комбинација со сок од лимон. Доволно е во една чашка да стави иста количина на арганово масло и сок од лимон (на пример по една супена лажица од двете) и во неа да се потопат ноктите околу 10 минути. Овој третман навистина одлично ги зајакнува ноктите и кутикулите и допринесува за поздрав изглед на истите.

9. Нега на кожата на градите

Можеби не сте знаеле, меѓутоа аргановото масло ја подобрува еластичноста на нежната кожа на градите. Нанесете го на благо навлажнета кожа со кружни нежни движења. Веќе по првите неколку апликации ќе забележите разлика.



10. Средство за спречување на стриите

Благодарени на присуството на полифенолите, маслото од арган ја подобрува еластичноста на кожата и ја спречува појавата на стрии. Најдобро може да го искористите ова негово својство во комбинација со етерично масло од лимон (една супена лажица арганово масло со три капки етерично масло од лимон). Со оваа смеса мачкајте ги оние делови од телото кои се најмногу на удар од стрии. Со редовна употреба ќе забележите видно подобрување на квалитетот и здравјето на кожата во тој предел.

11. Средство за нега на кожата по сончањето

Летно време кога кожата се суши под дејство на сончевите зраци (особено кога сме изложени подолго време како на пример на плажа) маслото од арган има неверојатно регенерирачко дајтво врз самата кожа, односно ја враќа убавината и на некој начин го спречува штетното влијанието на сонцето, Длабински ја храни кожата и ја задржува нејзината еластичност и убавина. Се нанесува по туширањето на благо навлажнета кожа сѐ до комплетно впивање.


12. Помош за разни проблематики на кожата

Како што погоре напоменав маслото од арган е одлично за скоро сите типови на кожа и помага при разни проблематики:

- акни: масло од арган во комбинација со етерично масло од чајно дрво, лаванда или рузмарин;
- егзема: масло од арган во комбинација со етерично масло од лаванда (или само арган);
- атопичен дерматит: чисто масло од арган:
- возрасна кожа: масло од арган во комбинација со шеа путер, масло од авокадо или масло од пченични никулци и етерично масло од пачули;
-чешање на кожата (предизвикано од разни причини), чисто масло од арган

13. Стајлинг за коса по фенирање

Аргановото масло е одлична замена на штетните силиконски капки. Освен тоа што ја омекнува косата, ова масло длабински ја храни и го зголемува сјајот. се нанесува на веќе исушена коса неколку капки само на врвовите на косата.


14. Третман за бањање

Доколку сте љубител на убавите миризливи купки, во кадата со вода, освен миризлива сол додадете и една супена лажица масло од арган. Легнете во кадата околу  15 минути и опуштете се. Кожата ќе ви биде неверојатно мека и мазна.

15. Крем за нега на кожата на телото

Би сакала да ви предложам еден навистина неверојатен многу лесен метод за правење на домашен крем за тело и тоа за само две минути. Во еден сад ставете една супена лажица мед и една супена лажица масло од арган. Убаво помешајте и намачкајте го телото (благо влажна кожа) по туширањето.  Важно е кожата да биде благо навлажнета за да може смесата убаво да се впие во кожата без да лепи. Кожата веднаш добива свиленкаста структура и мекост.

16. Третман против првут

Доколку имате проблем со првут и теме кое лесно се иритира или чеша, пред миењето на косата нежно масирајте малку арганово масло и оставете да делува околу 30 минути. Потоа измијте со благ и убав шампон.

17. Средство за пост депилација

Аргановото масло е едно од најдобрите масла кое ја смирува кожата по депилацијата. Исто така идеално е и за мажите по бричењето на брадата, со оглед на тоа што го спречува црвенилото и ја омекнува кожата.


18. Масло за масажа при болки во мускулите

Маслото од арган во комбинација со етерично масло од мента или еукалиптус може да се искористи и како масло за масажа доколку страдате од болки во мускулите и грчеви.

19. Маска за сјајна кожа

Доколку вашата кожа е сивкаста и изгубила сјај, направете ја следнава маска:

една кафена лажичка арганово масло;
половина кафена лажичка мед
четвртина кафена лажичка сок од лимон

Нанесете ја смесата на убаво исчистено лице и оставете да делува околу 10 мин. Убаво измијте со млака вода.

20. Третман за убави и здрави трепки

Во комбинација со рицинусовото масло, аргановото масло може да биде од огромна корист за убави и здрави трепки. Во едно шишенце ставете една кафена лажичка арганово масло и една кафена лажичка рицинусово масло. секоја вечер пред спиење нанесете го само на трепките. Со редовна употреба ќе забележите резултати.

Ете драги мои, се надевам дека и оваа статија ви се допадна и ви беше од корист. Вие за што најчесто го користите аргановото масло? Вашите коментари се добредојдени под текстот.

Поздрав.

Comments