Домашна деодоранс- пудра за стапала


Со топлите денови кои сѐ повеќе и повеќе се зголемуваат, наште стапала се потат и таа појава доста често е проследена со непријатен мирис. Меѓутоа без гајле, целта на денешнава статија е да направиме заеднички еден сосема природен производ (еден вид на талк/пудра) кој на некој начин ќе ги оддржи стапалата суви и пред сѐ убаво деодорирани.

Рецептов е навистина многу едноставен и потребни ви се малку состојки. Единствено нешто што би требале да го набавите доколку го немате се етеричните масла кои не само што ќе му дадат убав мирис на производот (а со самото тоа и на стапалата), туку и имаат антибактериско дејство.

Знам дека сте нетрпеливи да го дознаете волшебниот рецепт кој верувајте ми функционира, така да веднаш ќе започнеме со подготовката.

Потребни состојки:

1 супена лажица нишесте
1 супена лажица сода бикарбона
1 супена лажица чист талк (може да го најдете во аптеки)
5 капки етерично масло од чајно дрво
7 капки етерично масло од лаванда или лимон


Во еден сад најнапред убаво помешајте ги прашкастите состојки, па потоа додадете ги етеричните масла и повторно убаво промешајте. Ставете ја смесата во едно кутивче, може и некое од потрошена пудра за да ви биде полесно нанесувањето. Користете ја на чисти стапала пред да ги облечете кондурите.

Пробајте, овој навистина едноставен рецепт не само што е доста функционален, туку е комплетно природен. Ќе бидете изненадени од резултатите.

До следно читање.
Вики

Comments