Фотонестабилни состојки кои е пожелно да се избегнуваат за време на изложување на сонцето




Здраво драги мои,

на ова чудно време неможеме крај да му фатиме: еднаш изненадува со претопли денови, а потоа невреме со дожд. Како и да е доаѓа јуни месец уште малку, така да се надеваме дека конечно температурата ќе се нормализира и смири, а со самото тоа сончевите денови ќе бидат се позастапени.

Кога сме веќе кај сонцето многупати ви имам напоменато дека одредени состојки се фотонестабилни и доколку истите се нанесат на лицето при изложување на сонцето може да доведат до појава на флеки на самата кожа. Ова секако се подразбира доколку не ја заштитуваме правилно кожата со соодветни средства со заштитни филтри.

Како и да е, во оваа статија би сакала да ви кажам кои состојки е пожелно да се избегнуваат кога се изложуваме на сончевите зраци, или пак доколку е неопходно, истите може да ги нанесете навечер пред легнување.

1. Етерични масла со цитрусна нота


На прво место би ги издвоила етеричните масла како лимон, портокал, бергамот, цитрон. Овие етерични масла имаат една состојка која е фотонестабилна и во допир со оснцето може да предизвика појава на флеки на лицето. Секако овде важен фактор е и количината и производот кој се користи. Доколку станува збор за пилинг кој се измива и по него нанесете заштитен крем во тој случај нема никаква опасност, затоа што етеричното масло сте го одмиле од кожата.

Доколку станува збор за крем за лице, доколку ставите ена капка етерично масло од лимон во 50 мл. крем за лице, нема никаков проблем, меѓутоа доколку ставите 10 капки етерично масло од лимон, веќе се менува сѐ. Секако во кремите кои ги купуваме не може со сигурност да знаеме колку количински се ставени одредени состојки, така да доколку вашиот крем за лице е со етерични масла од овој вид, најдобро ќе биде да го користите навечер (се смета дека по 12 часа состојките веќе не се присутни во кожата), а за преку ден да одберете некој без нив.

Мора да напоменам дека цитрусните води (во многу земји може да најдете хидролати од портокал или бергамот) немаат фотонестабилни состојки со оглед на тоа што истите се наоѓаат во кората на лимонот и при естракцијата одат само во етеричните масла а не во хидролатите. Така да доколку во вашите креми видите состојки како Citrus aurantium aqua знајте дека производот е ок да се користи летно време и нема да предизвика несакани последици.

Исто така и сокот од лимон не е фотонестабилен (и за него важи ова кое го споменав за хидролатите).

2. Разни киселини


Киселини од типот на АХА, гликолна киселина, салицилна киселина исто така може да бидат проблематични летно време иако реакцијата е многу поразлична во однос на етеричните масла кои ги напоменав претходно. Би сакала да објаснам дека етеричните масла кога ќе се нанесат на кожата и во моментот кога ќе бидат во контакт со сонцето предизвикуваат реакција на кожата. Со честа употреба се доведува до појава на темни флеки и дамки кои потоа е тешко да ги отстраниме. Штом состојката исчезне од нашето лице (не ја нанесуваме повеќе) ќе исчезне и хемиската реакција со сонцето.

Ова не е случај со киселините. Тие со оглед на тоа што прават еден вид на хемиски пилинг на кожата на некој начин го истенчуваат заштитниот слој на кожата и таа станува понеотпорна на сончевите зраци. Како резултат на тоа може да се појават разни реакции на кожата.
Значи киселините како состојка не се директно фотонестабилни, односно немаат директна реакција со сонцето, туку ја прават кожата понеотпорна. Кожата ќе се обиде првите денови да се одбрани од сонцето, меѓутоа на крај може да се појават темни дамки кои ќе бидат тешки за отстранување.

Затоа летно време се препорачува да се избегнуваат третманите со киселини (секако и производите кои ги содржат). Доколку истите поради разни причини мора да бидат направени под строга контрола на доктор дерматолог, се препорачува да се избегне изложувањето на сончевите зраци и обавезно да се користи крема за заштита на кожата со висок заштитен фактор.


3. Антибиотици и други лекови

Доколку примате антибиотици или одредени лекови во одредени случаеви (секогаш е тоа јасно напишано на самиот информативен лист на лекот или одредено од доктор) не се препорачува изложување на сонцето. За ова секако консултирајте се со вашите матични лекари кои се многу покомпетентни од мене по оваа прашање.

Се надевам дека и оваа статија ви беше од корист.
Во наредната статија ќе говорам за домашни третмани за избелување на флеките од лицето.

Поздрав и до следно читање.
Вики

Comments