Домашно масло за здрава, сјајна и свиленкаста коса



Здраво драги мои,

повеќето од вас ме прашуваат каков производ да користат за нега на косата како третман (пред измивање) но и како стајлинг на сува коса. Затоа за вас направив еден навистина интересен производ кој претставува 2 во 1, односно може да го користите и како третман еднаш неделно пред миење на косата. меѓутоа и како производ за да ја омекнете косата по фенирањето (или пред фенирањето) со цел истата да делува поубаво, поздрава и секако со повеќе сјај.

Овој производ не само што визуалено ќе го подобри квалитетот на вашата коса, туку и навистина ќе ја нахрани и омекне за разлика од силиконските капки кои даваат само навидум убав ефект, а всушност силиконот ја суши косата и отежнува.

Потребни ќе ви бидат само три состојки кои лесно може да ги најдете во продавниците и евентуално четврта состојка, односно етерично масло, кое ќе придонесе не само за мирисот на овој производ, туку и за сјајот на косата. Знам дека сте нетрпеливи, затоа може да започнеме.

Потребно ви е:

20 мл. масло од макадамија
20 мл. ленено масло
10 мл. рицинусово масло
15 капки етерично масло од лимон


Во едно празно чисто шишенце (најдобро темно) ставете ги маслата и на крај додадете го етеричното масло. Убаво промешајте и вашиот производ е готов.

Ако сакате да го користите како третман на благо навлажнета коса пред миењето или доколку сакате да ја заштитите вашата коса од атмосферските влијанија, во тој случај по сушењето нанесете неколку капки на дланката, протријте ги дланките меѓусебно и нанесете на врвовите од косата.

Се надевам дека овој едноставен рецепт ви се допадна и дека ќе се обидете да го направите.

Како најчесто вие ја заштитувате и обликувате вашата коса?

Поздрав
Вики

Comments