Дали да одбереме крем со физички или хемиски заштитни филтри?



Здраво драги мои,

еве ме повторно на тема за производи за заштита од сонцето, ама верувајте има толку многу да се говори на оваа тема, што навистина е невозможно истото да се направи во само една статија. Во претходните статии говоревме за тоа што претставуваат средствата за заштита од сонцето, што претставува самата ознака СПФ, како правилно да ги препознаваме и одбораме средствата итн. На инстаграм добив многу барања да направам споредба помеѓу хемиските и физичките филтри во еден производ за заштита од сонцето, особено во поглед на стабилност, сигурност и дејство врз кожата (особено за одредени хемиски филтри). Во оваа статија всушност ќе направам комбинација на две барања кои ги добив на инстраграм, односно да направам споредба помеѓу хемиските и физичките филтри, и да ги пробам кремите за заштита од сонцето на органската марка Levrana која, мора да кажам, буквално ме остави без зборови. На крајот од статијата ќе ви ставам видео од ефектот на овој производ нанесен врз кожата, каде сами ќе се уверите колку минимално остава бела трага врз лицето.

Како што веќе напоменав во една од претходните статии, производите за заштита од сонцето не се сите исти, односно не функционираат на ист принцип. Разликите може да се однесуваат на многу аспекти на самиот производ, меѓутоа првенствено се однесуваат на механизмот на делување кога истите ќе се нанесат на кожата, односно дали ја штитат кожата преку апсорбирање на сончевите зраци и нивно претворање во топлина која потоа ја испуштаат во телото (хемиски филтри), или пак преку принцип на одбивање на истите (физички филтри).

Која е разликата помеѓу хемиските и физичките (минерални) филтри?

Хемиските филтри претставуваат состојки добиени по хемиски пат кои се во можност да ја “фатат или заробат“ енергијата на УВ зраците со цел да го спречат нивното дејство врз кожата. Различни филтри апсорбираат разни видови на УВ зраци и тоа со различна должина: некои се делотворни само кај кратките УВА зраци, некој само кај УВБ, други пак како кај кратките така и кај долгите УВА зраци итн. Нанесени врз кожата, овие молекули прават разредување на сончевите зраци и ја задржуваат енергијата, која потоа ја испуштаат во телото во вид на топлина. Ова го зголемува чувството на топлина и жешко врз самата кожа. 

Големата предност на хемиските филтри е фактот што истите се најнапред многу евтини, а потоа и лесни за додавање во еден козметички производ. Меѓутоа пак од друга страна истиве имаат поголема можност за предизвикување на алергиски реакции или хиперчувствителност на кожата, и апсорбирајќи ја сончевата топлина може да предизвикаат фотохемиски реакции и, во одредени случаеви, намалена ефикасност на производот.

Според едно американско истражување во 2019 година  хемиските филтри може да бидат апсорбирани од страна на кожата и да навлезат во крвотокот. Според две други истражувања  Проблематични состојки и заштитни филтри и Алергиски реакции на хемиските филтри хемиските филтри може да навлезат во мајчиното млеко и преку истите да се пренесат кај новороденчето.

Кои видови на хемиски филтри се најмногу користени од страна на производителите?

1. Octinoxate или наречен уште  Octyl Methoxycinnamate (OMC), фотостабилен УВ филтер само доколку е употребен сам во една формула или во комбинација со Octocrylene и DrometrizoleTrisiloxane. Преку многубројни испитувања, научно е докажано дка овој филтер лесно навлегува во организмот и траги од него се најдени во човековата урина (што значи дека се акумулира во човековиот организам). Лошото е што како состојка ги имитира естрогените хормони во организмот, и може да интерферира со функцијата на тироидната жлезда. Има негативно дејство врз флората и морската фауна.

2. Octocrylene претежно заштитува од УВБ и делумно од УВА зраците. Може да се користи сам или во комбинација со други хемиски филтри. Според некои истражувања во контакт со кислородот создава реакции кои може да предизвикаат мутации на клетките и алергиски реакции врз кожата. Особено е штетен за морската фауна.

3.DrometrizoleTrisiloxane е фотостабилен филтер кој штити од УВБ и УВА зраците. 

4. Benzophenone - 3 хемиски филтер кој спаѓа на групата на бензофенони (познат и како Oxybenzone). Одлично заштитува како од УВБ така и од УВА зраците. Според некои истражувања навлегува во кожата предизвикувајќи зголемување на количината на слободни радикали во организмот и оштетување на ДНК при изложување на сончевите зраци.

5. Benzophenone - 4 хемиски филтер кој одлично штити од УВБ и кратките УВА зраци. Според одредени истражувања може да даде проблем со хиперчувствителност и алергиски реакции врз кожата.

6. Ethylhexyldimethyl PABA или PADIMATE претставува УВБ заштитен филтер. Го олеснува дејството на слободните радикали и има преголема можност од предизвикување на алергиски реакции. Овој филтер е еден од ретките видови на PABA кои се сеуште дозволени за употреба (PABA од пред некоја година е официјално забранет во козметичките прозводи во ЕУ).

Физичките (или уште наречени минерални филтри) имаат огромно заштитно дејство благодарение на способнаста да ги одбиваат или рефлектираат сончевите зраци. Составени се од многу мали минерални честички кои успешно ги одбиваат сончевите зраци и не дозволуваат истите да навлезат во кожата. Просто кажано, претставуваат еден вид на огледало кое ги одбива сончевите зраци. За разлика од хемиските филтри овие не задржуваат и испуштаат топлина. Овие два филтри се многу стабилни и во контакт со сонцето не настанува оштетување, деградација или пак алтерација на истите. При правилна комбинација во еден козметички производ, истите се во можност успешно да заштитуваат како од УВБ така и од УВА зраците. Како што веќе кажав функционираат на принцип на одбивање на сончевите зраци така да не предизвикуваат загревање на кожата, фотостабилни се и се едни од најсигурните филтри за сите годишни возрасти, а особено се препорачуваат кај децата и бремените жени. Физички филтри се цинк оксидот и титаниум диоксидот.

Цинк оксидот е УВБ и делумно УВА заштитен филтер. Во еден козметички производ (во Европа средствата за заштита од сонцето спаѓаат во категорија на козметички производи) може да се стави до најмногу 25%. Има антибактериско и ленитивно (смирувачко дејство врз кожата) и дава ефект на бариера врз самата кожа. 

Титаниум диоксидот е претежно УВБ заштитен филтер. Има за нијанса помала ефикасност кон УВА зраците, меѓутоа токму затоа во една формула се додаваат состојки како на пример алумина или антиоксидантни состојки од типот на вит. Ц, бета каротен или вит. Е кои го намалуваат производството на слободните радкали и го зголемуваат заштитното дејство од УВА зраците. И овој, како и претходниот филтер, е фотостабилен и одлично толериран од страна на кожата.

Еден од најголемите лимити (кога станува збор за физичките филтри) е белата трага која ја оставаат врз кожата. Тешко е да се внесат убаво во една формула и потребно е многу трпение, експериментирање со останатите состојки и огромна умешност (што не сите компании ја имаат). Со цел да се добие производ каде белата трага ќе биде минимализирана и кожата ќе изгледа прекрасно, а истовремено и одлично зашитена, истиот се микронизира (се намалува димензијата на честичките), се обложува, или се намалува со помош на нано технологија. 

Доколку целта на производителот е да направи одличен производ кој нема да остави бела трага, без притоа да посегне кон нано технологија (кога станува збор за нано честичките мислењата се поделени: според некои треба да се избегнуваат, а според други не е толку страшно), потребно е да се обложи филтерот, односно да на некој начин се заробат тие мали минерални честички со помош на масни киселини. На овој начин ефектот врз кожата е производ кој лесно се размачкува, без да изгуби од ефикасноста на филтерот како заштита, и секако да се избегне белата трага и ефект на „креч“ врз кожата.

Подобро да се одбере средство за заштита од сонцето со хемиски или физички филтри?

Од горе наведеното, а и како поборник за органската козметика, исклучиво препорачувам средства за заштита од сонцето кои содржат само физички филтри. Не само што се посигурни од аспект на фотостабилност, заштита и механизам на одбрана од сончевите зраци, туку е и подобро за околината која не опкружува со оглед на тоа што физичките филтри имаат минимален импакт врз околината. 

Кога станува збор за производи кои се базираат врз физички филтри, не е доволно истите да ги содржат само овие филтри, туку важно е исто така целокупната формула, односно останатите состојки (да не содржат филмогени состојки како силикони и навтени деривати). 

Идеален би бил производ кој ги има следниве карактеристики:

- ефикасно да заштитува како од УВБ така и од УВА зраците;

- да биде одлично толериран од страна на кожата;

- да биде лесен за нанесување и да остава минимално бела трага;

- да биде сигурен и ефикасен;

- да биде фотостабилен и термостабилен како производ;

- да биде богат со антиоксидантни состојки;

- да содржи исклучиво физички филтри

Еден таков прекрасен и сигурен производ каде белата трага е сведена на минимум без притоа да се изгуби од квалитетот и ефектот на производот врз кожата е токму овој на Леврана, за кој добив милион барања на инстаграм за рецензија. Драги мои специјално за вас, ви ги претставувам средствата за заштита од сонцето на Леврана со СПФ 50  и СПФ 30. 

Најнапред огромна благодарност до девојките од инстаграм кои ми го посочија овој производ во кој буквално се заљубив. Има одлична цена, перфектна декларација, одлична заштитна моќ и одлично дејство врз кожата.

1. Леврана крем за заштита на лице и тело со СПФ 30


СОСТОЈКИ (INCI):
  AQUA, ZINC OXIDE, CALENDULA OFFICINALIS FLORAL WATER, SESAMUM INDICUM SEED OIL, ROSA CANINA FRUIT OIL, LEEN SEED OIL, POLYGLYCERYL-3 POLYRICINOLEATE (AND) POLYGLYCERYL-3 RICINOLEATE, PRUNUS AMYGDALUS DULCIS OIL, GLYCERIN, ISOAMYL LAURATE (AND) ISOAMYL COCOATE, PENTYLENE GLYCOL, SODIUM CHLORIDE, BENZYL ALCOHOL, TOCOPHEROL, MELALEUCA ALTERNIFOLIA OIL, POTASSIUM SORBATE, CI 77491 (AND) CI 77499, BENZOIC ACI, LAVANDULA ANGUSTIFOLIA FLOWER OIL, MACLEYA MICROCARPA (MAXIM.) FEDDE. EXTRACT, JUGLANS REGIA LEAF EXTRACT, ROSA CINNAMOMEA L. EXTRACT, CI 77492.

2. Леврана крем за заштита на лице и тело со СПФ 50


СОСТОЈКИ (INCI):
 AQUA, ZINC OXIDE, POLYGLYCERYL-3 POLYRICINOLEATE (AND) POLYGLYCERYL-3 RICINOLEATE, ISOAMYL LAURATE (AND) ISOAMYL COCOATE, LEEN SEED OIL, CALENDULA OFFICINALIS FLORAL WATER, ROSA CANINA FRUIT OIL, GLYCERIN, PRUNUS AMYGDALUS DULCIS OIL, SESAMUM INDICUM SEED OIL, PENTYLENE GLYCOL, SODIUM CHLORIDE, BENZYL ALCOHOL, TOCOPHEROL, MELALEUCA ALTERNIFOLIA OIL, POTASSIUM SORBATE, CI 77491 (AND) CI 77499, BENZOIC ACID, LAVANDULA ANGUSTIFOLIA FLOWER OIL, MACLEYA MICROCARPA (MAXIM.) FEDDE. EXTRACT, JUGLANS REGIA LEAF EXTRACT, ROSA CINNAMOMEA L. EXTRACT, CI 77492.

Како што може да забележите декларациите се слични, со мали варијации кои ја одедуваат СПФ вредноста, односно заштитата од УВБ зраците. Една третина од она што е означено на опаковката како УВБ, според закон, се однсеува на УВА зраците. Како главен филтер и кај двете креми употребен е цинк оксидот кој е одличен како заштита како од УВБ така и од УВА зраците. 

Формулата кај двете е направена толку добро што освен заштитно дејство дава хидратантно, регенеративно и хранливо дејство врз кожата, што е особено важно во летниот период со оглед на тоа што под дејство на сонцето кожата може да изгледа посува од порано и да се појави благо перутање. Двете формули имаат перфекна комбинација на маслена фаза која не само што ја негува кожата, туку ја зголемува и заштитата на примарниот филтер односно цинк оксидот. Маслата како она од шипка е богато со Ц витамин и има антиоксидантно дејство врз слободните радикали. Ова негово дејство е подобрено од страна на токоферолот (чиста форма на вит. Е).

И двете формули содржат смирувачки состојки како масло од лаванда и невен, а маслата како кокосово, бадемово, сусамово, макадамија, авокадо и пшенични никулци, ја подобруваат не само регенеративмата способност на самиот производ, туку и природно ја зголемуваат заштитата од сончевите зраци.

Овие две креми би ги препорачала за сите видови на кожа па дури и за масна. Едно од прашањата на инстаграм беше дали кремите додатно ја мастат кожата (како поголем дел од оние кои се нудат на пазарот)? Одговорот е “Апсолутно не“. Овие две креми откако ќе се нанесат на кожата даваат мат ефект, без притоа да сушат или предизвикуваат чувство на затегнатост врз кожата. Лесно се нанесуваат, не оставаат голема бела трага (тоа ќе го видите подолу во видеото), одлични се како подлога за шминка и даваат преубав здрав изглед на самата кожа. 

Имаат многу лесна и убава страуктура која може да ја видите на сликите подолу




Ви подготвив едно кратко видео каде го нанесов кремот со СПФ 50. овој има повисок заштитен фактор што значи дека и количината на филтри е поголема. Погледнете колку лесно се нанесува и не остава многу бела трага. Дава мат ефект на кожата, истата не изгледа масно ниту пак свети. 

Како ефект и декларација овие две креми имаат чиста 10-ка од моја страна. навистина ретко се наоѓаат оволку убави производи по навистина пристапна цена која секој може да си ја дозволи. Кремот со СПФ 30 може да го земете по цена од 695 мкд, додека тој со СПФ 50 по цена од 795 мкд. Овие креми може многу лесно да си ги нарачате на сајтот на www.bellina.mk.

Драги мои, доколку ова лето сакате да потемнете на најсигурен можен начин и пред сѐ правилно да ја заштитите кожата од сончевите зраци со одлично формулиран производ, во тој случај од срце ви ги препорачувам овие креми за заштита од сонцето. Од мене имаат чиста 10-ка.

Се читаме наскоро

Бидете ми добро

Вики


Comments