Производи on a budget за нега на косата

 


Здраво драги мои,

ова е втора од статиите во која ви предлагам економични производи за нега или хигиена, кои скоро сите може да си ги дозволите. Станува збор за производи кои се на природна база и кои имаат одлично избалансирани декларации. Како што веќе можевте да забележите од самиот налов, во денешнава статија ќе ви прдложам производи за нега на косата, односно два шампони од кои едниот е наменет за нега на виткана коса, а другиот за нега на сува и оштетена коса.

Производите не се сертифицирани како органски, меѓутоа имаат одлична формула која е убаво избалансирана и секако состојки од природно потекло. Освен декларацијата, како и во сите мои статии, ќе говориме за структурата и ефектот на истите врз косата. Станува збор за марката Натура Сиберика, односно за шампонот за виткана коса be curl и шампонот за сува и оштетена коса caviar therapy.


1. Шампон за сува и оштетена коса

Овој шампон премногу ми се допадна не само поради декларацијата, туку поради ефектот кој го дава врз самата коса. Има убаво регенерирачко дејство врз косата, и воопшто нема потреба од употреба на регенератор (барем кај мојот тип на коса, сите сме различни).

Aqua, Sodium Coco-Sulfate, Cocamidopropyl Betaine, Lauryl Glucoside, Sodium Chloride, Panthenol, Caviar Extract, Hydrolyzed Keratin, Sodium PCA, Sodium Lactate, Arginine, Aspartic Acid, PCA, Glycine, Alanine, Serine, Valine, Proline, Threonine, Isoleucine, Histidine, Aquilegia Sibirica Extract, Cetraria Nivalis Extract, Citric Acid, Benzyl Alcohol, Benzoic Acid, Sorbic Acid, Parfum.

Базата на овој шампон (во однос на сурфактантите) е одлично избалансирана. Главниот сурфактант Содиум коко сулфат е ублажен најнапред со помош на бетаинот (анфотерен сурфактант), а потоа и со глукозидот (лаурил глукозид) кој спаѓа во категоријата на најблаги сурфактанти одлични за балансирање на примарниот. Потоа може да забележиме присуство на пантенол, екстракт од кавијар и кератин кој се одлични за косата, особено доколку станува збор за сува и оштетена коса. Понатаму содржи комплекс на аминокиселини кои се одлични за нега на косата и екстракти од сибирски билки.

Овој шампон особено ми се допадна поради миксот на сите овие состојки заедно. Кератинот во комбинација со аминокиелините, најнапред прави обнова на косата (особено во случај на оштетена коса), а потоа го враќа и сјајот на самата коса. Откако престанав да ја шатирам косата (користам само к'на), видно го подобрив квалитетот на истата, а правам и редовни третмани со масла. Токму затоа и ретко имам потреба од регенератори и маски по миењето, доволно е шампонот да биде убаво избалансиран и да ги има вистинските состојки (како екстракти, масла или други активни состојки) и косата изгледа убаво. 

Еве го ефектот на овој шампон врз мојата коса без употреба на никаков регенератор или маска.


Ефектот врз вашата коса најнапред ќе зависи од состојбата на самата коса (колку сте ја третирале или оштетиле), меѓутоа со редовна употреба ќе забележите резултати на подобрување на самото вакно. Ви препорачувам напоредно со овој шампон да правите маслени третмани на косата.

2. Шампон за нега на виткана коса

Вториот шампон кој сакам да ви го претставам е наменет за нега на виткана коса. Голем број на читателки постојано ми пишуваат за предлог и препорака на производи за нега на виткана коса која е скоро секогаш повеќе склона кон сушење. Еве овој шампон дава одличен ефект и има убаво избаласирана декларација.

Aqua, Sodium Coco-Sulfate, Lauryl Glucoside, Cocamidopropyl Betaine, Sodium Chloride, Panthenol, Mentha Piperita Leaf ExtractWH, Schizandra Chinensis Fruit ExtractWH, Ribes Nigrum Leaf Extract*, Angelica Archangelica Root ExtractWH, Sorbus Aucuparia Fruit/Leaf ExtractWH, Camellia Oleifera Seed Oil*, Rubus Chamaemorus Seed Oil, Triticum Vulgare Germ Oil*, Phospholipids, Sphingolipids, Guar Hydroxypropyltrimonium Chloride, Citric Acid, Coco-Glucoside, Glyceryl Oleate, Benzyl Alcohol, Sodium Benzoate, Potassium Sorbate, Parfum, CI 28440, CI 42090.

Како што може да забележите од самата декларација, базата е слична на претходниот. Примарниот сурфактант (содиум коко сулфат) најнапред е ублажен од лаурил глукозид, а потоа и од бетаинот. Како ектракти овој шампон ги содржи оние од црна рибизла, нане и ангелика кои даваат одличен сјај и виталност на косата, и секако масла (кои не може да недостигаат во еден производ наменет за нега на виткана коса) како масла од камелија, пшенични никулци и дива капина.

Еве го ефектот врз овој производ на косата без употреба на никаква маска или балсам.

Би сакала да напоменам дека од оваа линија има и други производи како маски и третмани итн. за дополнителна нега, меѓутоа да разјасна дека лично стојам само позади производите кои може да ги видите претставени и рецензирани на мојот блог. 

Овие два производи може да ги најдете екслкузивно во ДМ маркетите по цена од 300 мкд. за 240 мл. производ.

Се надевам дека и оваа статија ви се допадна и ви беше од корист. Ние се читаме наскоро со многу нови и интересни статии. Дотогаш бидете ми добро.

Вики

Comments