Линија за нега на лице со хијалуронска киселина на Novexpert

 


Здраво драги мои,

добив навистина многу барања за рецензија токму на оваа линија од марката Novexpert. Ова е втора статија посветена на некој производ од оваа марка (доколку се сеќавате претходно од оваа марка ја имам рецензирано линијата со Ц витамин која премногу ми се допадна). За разлика од претходната, оваа линија како заштитен знак ја има токму хијалуронската киселина и би рекла дека може да се користи за нега на кожата почнувајќи од 30 години па нагоре.

На пазарот кај нас се нудат голем број на производи кои во својот состав содржат хијалуронска киселина, па зошто токму оваа е толку посебна? Што е она што прави да се разликува од другите производи на пазарот?

Серумот од оваа марка е еден од најдобрите (барем досега) кои ги имам пробано на база на хијалуронска киселина. Не станува збор за економична козметика (не може да си ја дозволат сите) меѓутоа, во случајов, квалитетот ја оправдува цената. Во денешнава статија освен серумот ќе ви го претставам и кремот како комплементарен третман од истава марка.

1. Серум за лице со хијалуронска киселина на Novexpert

Како што веќе напоменав ова е еден од најдобрите серуми кои досега ги имам пробано. Ја остава кожата пефектно мека, хидрирана, сјајна и убава. Ајде, како и за сите производи, најнапред да ја разгледаме декларацијата и да сфатиме како и на кој начин делува овој производ врз кожата. 

СОСТОЈКИ (INCI): AQUA (WATER), GLYCERIN, PROPANEDIOL, SODIUM LACTATE, SODIUM HYALURONATE, PERFUME (FRAGRANCE), SODIUM PCA, ARGININE, LACTOBACILLUS FERMENT, ALOE BARBADENSIS LEAF JUICE, PHYTIC ACID, XYLITYLGLUCOSIDE, ANHYDROXYLITOL, XYLITOL, GALACTARIC ACID, PCA ETHYL COCOYL ARGINATE

Како што може да забележите од декларацијата станува збор за многу едноставна формула која меѓутоа е многу ефикасна. Малку состојки, одлично избрани и уште подобро искомбинирани. Во доста статии во кои имам пишувано за хијалуронската киселина имам споменато дека има два типа (според молекуларната вредност) односно хијалуронска киселина со висока и со ниска молекуларна вредност. 


Онаа со висока молекуларна тежина во водените раствори дава убава густа гел структура и има неверојатно својство да ја задржува водата со што на кожата и дава одлична хидратација. Обично овој тип на хијалуронска киселина е најчесто употребуван во козметиката. Другата пак, со ниска молекуларна тежина, е помалку хидратантна и не дава густа гел структура туку малку потечна структура и доколку се користи во козметиката секогаш е во комбинација со онаа со висока молекуларна тежина. Хијалуронска киселина со ниска молекуларна вредност е исто така многу скапа што не е ни чудо дека многу помалку се користи во козметиката

Во овој серум застапени се и двата типа на хијалуронска киселина (ова не се гледа од декларацијата, туку го тврди самиот производител) така да од аспект на хидратација е комплетен како производ за разлика од многу други производи кај нас на пазарот. Второ нешто процентот на хијалуронска киселина е доста концентриран, односно 480 мг. на хијалуронска киселина. Овие два параметри секако делуваат и на самата цена на овој производ.

Се нанесува двапати дневно, наутро и навечер, на перфектно исчистено лице. 

Серумот може да го најдете онлајн на www.bellina.mk или во нивниот БиоШоп по цена од 3.070 мкд.

2. Крем за лице со хијалуронска киселина на Novexpert

Доколку сакате комплетно дејство серумот може да го користите во комбинација со кремот од истата линија која ќе го подобри ефектот на самиот серум, и на некој начин ќе го комплетира, со оглед на тоа што кремот е емулзија каде се присутни и масла за подобар ефект врз кожата. 

СОСТОЈКИ (INCI): AQUA (WATER), CAPRYLIC/CAPRIC TRIGLYCERIDE, GLYCERIN, BUTYROSPERMUM PARKII (SHEA) BUTTER, BUTYLENE GLYCOL, COCO-CAPRYLATE/ CAPRATE, HELIANTHUS ANNUUS (SUNFLOWER) SEED OIL, SUCROSE STEARATE, TREHALOSE, PERFUME (FRAGRANCE), SUCROSE DISTEARATE, ARGININE, SODIUM HYALURONATE, GLYCERYL CAPRYLATE, CHONDRUS CRISPUS (CARRAGEENAN) EXTRACT, XANTHAN GUM, LAMINARIA OCHROLEUCA EXTRACT, ALOE BARBADENSIS LEAF JUICE, BIOSACCHARIDE GUM-2, PYRUS MALUS (APPLE) SEED EXTRACT, COMMIPHORA MUKUL RESIN EXTRACT, ALARIA ESCULENTA EXTRACT, CITRIC ACID, PHYTIC ACID, BRASSICA OLERACEA ITALICA (BROCCOLI) EXTRACT, CAMELLIA SINENSIS LEAF EXTRACT, SILYBUM MARIANUM EXTRACT

Како што може да се забележи од декларацијата базата на овој крем е каприлик масло, шеа путер и глицерин кои се искомбинирани понатаму со сончогледово масло и коко каприлат. Ова е знак за една доста лесна база која не ја масти кожата, бргу се впива и дава доволна хранливост на самата кожа. Екстрактите од кафена алга и брокула во комбинација со хијалуронската киселина благо ја затегнуваат кожата, го враќаат изгубениот сјај и ја прават поубава. 

Структурата на овој производ е многу лесна, кожата веднаш го впива и со редовна употреба видно ја подобрува структурата на самата кожа. 

Овој крем може да го најдете онлајн на www.bellina.mk или во БиоШоп на Белина по цена од 2,455 мкд.

Знам дека станува збор за поскапи производи  кои не сите може да си ги дозволат, така да доколку може барем еден од овие два да си дозволите, во тој случај дефинитивно ви го препорачувам серумот. Истиот може да го искомбинирате со некој поекономичен крем за лице, како на пример оној на Др. Конопка.


Се надевам дека оваа статија ви се допадна и дека ви беше од корист

Вики


Comments