Прочистувачка маска за лице со глина и етерично масло од нане


Здраво драги мои,

пред неколку дена на форумот Фемина добив барање да ја произведам во домашни услови популарната маска на Lush Mask Of Magnaminty и еве јас веднаш се фатив за работа. Секако со оглед на тоа што во оригиналната декларација има состојки кои не може лесно да се најдат во Македонија, малку ќе ја изменам и приспособам кон она кое лесно може да го најдете кај нас како состојка.

Еве ја оригиналната декларација на оваа маска:

Bentone Gel (Hectorite), Kaolin Honey (Honey/Miel), Talc, Ground Aduki Beans (Phaseolus Angularis), Glycerine, Evening Primrose Seeds (Oenothera biennis), Peppermint Oil (Mentha piperita), African Marigold Oil (Tagetes erecta), Vanilla Absolute(Vanilla planifolia), Limonene, Fragrance, Methylparaben, Chlorophyllin (Chlorophyllin-Copper Complex).




Како што може да забележите од декларацијата маскава содржи бентонит , каолин, мед, талк, азуки грав, глицерин, прајмрозе оил, масло од нане, потоа невен, ванила, парфем и парабен односно Methylparaben како конзерванс. Девојката од форумот ми побара домашна верзија токму поради парабенот.

Како што веќе напоменав, во Македонија многу тешко може да се најдат некои состојки како каолин на пример или прајмроз масло, така да оваа верзија ќе биде многу поедноставна, меѓутоа сепак убава и делотворна за кожата. Исто така, со оглед на тоа што немаме конзерванси, ќе направам еден вид на база на овој производ, а вие ќе го растворате секој пат кога ќе посакате да направите маска на лицето. Ајде да видиме најнапред кои состојки ќе ни бидат потребни:

2 супени лажици глина расул;
4 супени лажици зелена глина;
околу 20 азуки гравчиња (сирови не сварени);
2 до 3 кафени лажички суви цветови од невен;
1 кафена лажичка ванила во прав
3 капки етерично масло од нане


Во една машинка за мелење на кафе ставете ги глините, зрната грав, цветовите од невен и ванилата во прав и убаво мелете сѐ додека да добиете изедначена прав смеса. Ставете ја во една тегличка и додадете го етеричното масло од нане (не претерувајте доволни се 3 максимум 4 капки затоа што е доста силно). Убаво промешајте и базата за вашата маска е готова.

Секојпат кога ќе посакате да направите маска на лицето, доволно е да земете 1 до 2 кафени лажички од смесата и да додадете една кафена лажичка мед и малку топла вода или некој чај (топол не врел) колку да добиете убава изедначена смеса.

Се нанесува на лицето избегнувајќи го пределот околу очите и се држи сѐ додека глината почне убаво да затега Се отстранува со козметичко сунѓерче и млака вода. Лицето потоа се мие со поладна вода за да се стимулира циркулацијата.

Во овој рецепт талкот намерно го изоставив затоа што зелената глина е доста апсорбирачка и нема потреба (барем според мене) да се користи и талк.

Доколку немате глина расул, може да ја замените со нишесте.


Јас направив еден вид на варијанта (она што го гледате на сликата) меѓутоа со конзерванси и емулгатори (затоа што ги имам дома), меѓутоа за сите вас кои ги немаат ова е единствен начин маската да биде за повеќе употреби без да се расипе.

Се надевам дека статијава ви се допадна, а вие секако доколку сакате да направиме во домашни услови некој производ кој ви се допаѓа или пак доколку го направите ова што го претставив денес, оставете слободно ваши коментари под самиот текст.

Голем поздрав и до следно читање
Вики

Comments