Домашен ароматизиран мед...еве како може да го направите сами


Здраво драги мои,

кој од вас е љубител на убав мед, по можност домашно направен, природен и рачно изработен...јас кревам два прста!!! Обожавам мед во чај, колачи или слатки како замена за шеќерот, а и секако станува збор за една намирница која не само што е вкусна туку и многу здрава.

 Многумина од нас медот го купуваат директно од луѓе кои одгледуваат пчели (повторно кревам два прста), наместо од супермаркетите, со оглед на тоа што скоро секогаш станува збор за чист, природен и убав мед (секако доколку ги познаваме луѓето или доколку сме купувале од нив и сме се осигурале во квалитетот на производот).

Со оглед на тоа што веќе сме комплетно навлезени во сезоната на чајчиња, а медот е секако (или би требало да биде) состојка која ќе претпочитаме да ја користиме за оваа намена, се одлучив да направам една статија во која ќе ви објаснам како може сами да направите ароматизиран мед, кои состојки може да ги користите и секако во колкав процент. Верувајте ми, за неколку минути во домашни услови ќе добиете производ кој има оригинален и единствен вкус и мирис...


Во Италија постои еден закон кој вели дека доколку на медот му се доаде било каква друга состојка за да го ароматизира, веќе не станува збор за мед, туку за засладувач на база на мед и билки или зачини. Верувајте голем број на производители на ваквиот вид на производи не смеат да напишат мед со цимет или мед со темјан, туку засладувач на база на мед и цимет.

Ние во домашни услови може секако да си го нарекуваме како што сакаме, а сега може да се фатиме и за работа и да објасниме како за 10 мин. може да направите оригинален персонализиран производ кој може да го подарите и како новогодишен или божиќен подарок на вашите најблиски...секако доколку се љубители на мед...

Потребни состојки:

200 до 250 гр. течен мед
половина стапче ванила
половина стапче цимет

Процедурата е едноставна, во тегличката со мед ставете го циметот и ванилата. Треба убаво да бидат потопени во медот. Оставете така околу 3 недели до месец дена и потоа извадете ги. Уште по 10 дена ќе забележите дека медот веќе примил арома и вкус на цимет и ванила, меѓутоа по месец дена мирисот и вкусот ќе бидат поинтензивни.


Вака добиениот мед е идеален да се додаде во чаеви, затоа што го збогатува вкусот на чајот. Наместо ванила или цимет може да ставите гранче сув темјан, или рузмарин или пак доколку сакате нешто навистина несекојдневно и оригинално, зошто да не луто чили пиперче. Може секако да користите сува лаванда, кантарион, оригано или онаа билка која вам ви се допаѓа.

Доколку сакате да го подарите за Нова Година или Божиќ, направете го и подарете го со билката внатре за уште поубаво да изгледа.

Како и да е ќе добиете оригинален, вкусен и здрав производ.

Се надевам дека оваа стстија ви се допадна.
Поздрав и до следно читање.

Вики

Comments

Post a Comment