Моите омилени козметички производи за оваа сезона


Здраво драги мои,

по многубројните видеа, еве ме и со една пишана статија каде ќе говорам за моите омилени производи за овој период. Некои од овие производи може да се најдат во Скопје, а некои во Рим (знам дека има девојки кои ме следат од Рим), така да ќе се обидам да ги задоволам сите вкусови :). Станува збор за козметика која ја користам моментално или сум ја користела во изминатиов месец и моите лични импресии за истата. Ајде да започнеме.

1. Чистење на лицето и шминката


Моментално за отстранување на шминката од целото лице и очите користам една прекрасна мицеларна вода на Магнолија. Оваа може да се најде само во Италија и тоа во дисконтот Еуроспин. Цената е само 2 евра, а ефектот е навистина многу задоволувачки. Одлично ја отстранува шминката, не пече, не создава црвенила (барем кај мојата кожа) има многу пријатен мирис (не премногу силен) и остава чувство на убава мека кожа.

Формулата е 3 во 1, чисти, има ленитивно дејство и спречува црвенила. Секако по чистењето лицето убаво се измива со вода и средство за таа намена.

2. Миење на лицето


Моментално користам два производи за оваа намена и тоа: кремот за чистење на Dr. Hauschka на кој врти cучи на крај секогаш се навраќам. Овој крем ми е идеален за утринско чистење на лицето. Одлично ја буди кожата, нежно го отстранува вишокот на себум кој се насобрал во текот на ноќта и ја освежува кожата.

Навечер го користам она мало сапунче кое го гледате (толку е мало од користење што уште малку ќе го снема) кое за мене го направи Нермина. Прекрасен сапун, не пени многу во својот состав има расул кој го потенцира измивачкото дејство без воопшто да суши. Мене ми е идеален. Од сите сапуни на Нермина, овој ми е најомилен.

3. Тонери за лице


Моментално користам два тонери за лице од кои еден наутро и еден навечер и тоа:

- Тонер за лице на Bare Origin од липа кој го користам наутро. Едноставно го испрскувам на кожата, тапкам со прстите да се исуши и тоа е тоа. Овој тонер го обожавам затоа што е многу нежен за кожата, мириса на липа и одлично ги спречува евентуалните иритации од студот. Може да се испрска насекаде, па дури и на кожата околу очите. Може да се најде во Скопје во Јавна Соба.

- Тоник за лице со ананас и витамин Б на Биодевојка :) кој го користам навечер. Овој тоник е специјално направен за комбинирана до масна кожа, има прочистувачко и затегнувачко дејство. Содржи домашен оцет од ананас, витамин Б, глицерин и етерични масла од ќедар и лемонграс. Го користам исклучиво навечер, по миењето на лицето. Одлично ги отстранува и последните остатоци од шминка (оние кои иако ќе ја отстраните шминката сепак остануваат) ја тонизира кожата, ги затвора порите (ова ми беше особено важно) и дава сјај на кожата.

4. Серуми за лице


Моментално користам три серуми (толку ми се допаѓаат што не знам за кој да се одлучам, па ги менувам како ќе ми дојде) и тоа:

- Серум од арган на Omia кој има кремасто бела структура, меѓутоа лесен состав и веднаш се впива. Одлично ја хидрира кожата, воопшто не масти и идеален е за под крем или како подлога за шминка доколку имате масна кожа. Може да се најде во скоро сите продавници за природна козметика во Рим.

- Серум со кавијар ма Natura Siberica за кој веќе имам пишувано. Овој серум просто го обожавам и најчесто го користам под двевниот крем. Одлично се впива, одлично хидрира, дава прекрасен сјај на кожата и воопшто не масти. Има сивкасто црна боја и одлична структура. Овој за среќа го има кај нас во продавниците на Космо и подобро снабдените аптеки низ републиката.

- Серум со слуз од полжав на Helix кој исто така е фантастичен. Наменет за сите типови на кожа, особено како полога за шминка за масна кожа. Има проѕирна боја и многу благ скоро неприметен мирис. Може да се најде во Рим.



5. Креми за лице:


Од креми за лице во последниов период пробав три и тоа:

- Крем за лице за регенерација на кожата на Dr. Hauschka кој е дел од колекцијата за повозрасна кожа. Овој крем има многу силен мирис на билки и доста густа структура. Богат е со масла и прекрасни состојки и билни екстракти и наменет е за нормална накај сува кожа. Според мене има прекрасно влијание врз кожата, ја остава мека, одморена, сјајна и секако со редовна употреба ја прави кожата поеластична. Може да се најде во Македонија.

- Крем за лице со слуз од полжав на Helix Еxtrа кој има навистина многу лесна структура, бела боја и веднаш се впива. Ја остава кожата многу мека, хидрирана, што е многу важно, и претставува одлична подлога за шминка за комбинирана кожа. Има посилен мирис, меѓутоа мене ми се допаѓа. Може да се најде во сите продавници за природна козметика во Рим.

- Крем за лице со колаген и хијалуронска киселина на авторот на овој блог :). Овој крем го направив јас, работев две недели на формулата и го направив специјално да одговара за мојот тип на кожа. Сакав да добијам крем кој ќе има големо анти ејџ влијание, а истовремено ќе одговара за комбинирана кожа (поголемиот број на креми кои сум ги пробала со анти ејџ дејство се доста помасни), Овде користев само 9% масла  со различна тежина и путери за да добијам состав кој одлично се размачкува а сепак не масти. Мирисот е ванила со лаванда, лесно се впива и благо ја матира кожата.


Ете драги мои, ова се моите производи за овој период. Дали некој од овие особено ви се допадна? Кои се вашите омилени производи за овој постуден период???

Поздрав
Вики

Comments