Брашно: природен чистач на лицето


Здраво драги мои,

правилната хигиена на лицето е најважниот предуслов за здрава и убава кожа. Секојдневното измивање со осоодветен козметички или природен производ ја отстранува нечистотијата од лицето, вишокот на себум и сѐ она што се залепило врз самата кожа во текот на целиот ден.

Во продажба постојат голем број на убави производи за оваа намена и јас самата на овој блог ви имам препорачано неколку. Сите овие производи за убаво да измиваат во својот состав содржат сурфактанти кои доколку се убаво избалансирани меѓусебно, меѓутоа и со останатите состојки, добивате производ кој е благ и убав за кожата.

Меѓутоа кожата може да се измива и со помош на една многу природна состојка која може да ја најдете во скоро сите супермаркети, продавници и пазари: а тоа е брашното. Добро поголемиот број од вас ќе се запрашаат, како е возможно брашното да измива кога во својот состав не содржи сурфактанти??? Всушност да бидеме попрецизни брашното не измива (во вистинска смисла на зборот), туку чисти.


Ајде да го разјасниме најнапред терминот сурфактанти. Станува збор за една измивачка состојка која е составена од два дела: едниот се врзува за мастите (односно себумот и нечистотијата), а другата за водата, така да кога ќе го измиете лицето со вода (откако сте го нанеле средството со сурфактанти) оној дел кој се врзал за водата го носи со себе делот кој се врзал за маслата и резултатот е чиста кожа.

Брашната имаат својство кое е многу слично како ефект, меѓутоа сепак различно. Во својот состав брашното содржи висок процент на скроб и понизок процент на протеини и диетални влакна. Чисти на тој начин што скробот кој е присутен во брашното ги влече кон себе мастите и нечистотијата од лицето (всушност ги апсорбира) и ги чисти од самото лице. Така да кога ќе се измие со вода (брашното одлично се спојува со водата) ја отстранува и носи нечистотијата од лицето.

Дали ефектот од двете (сурфактанти и брашна) е ист? Одговорот е да, резултатот е чиста кожа.

Која е предноста доколку се користат брашната?


- брашното не е воопшто агресивно и го отстранува само вишокот на нечистотии без воопшто да направи алтерација на природниот заштитен филм на кожата (хидролипиден филм). Лошата комбинација на сурфактанти може да резултира со преголема измивачка моќ, која освен нечистотијата го отстранува и природниот заштитен филм на кожата и на тој начин  предизвикува сушење на самата кожа;

- брашното не содржи вештачки бои и конзерванси, така да не постои опасност од алергиска реакција (освен ако не сте алергични на состојката), како што е тоа случај со многу вештачки мириси, бои и конзерванси во производите за миење;

- брашното е комплетно биоразградливо;

- ја остава кожата мазна и мека како свила;

Дали брашната меѓусебно се разликуваат и дали сите брашна се погодни за оваа намена? Најнапред брашната може да ги поделиме во три категории и тоа: брашна добиени од житарици, брашна добиени од јаткасти плодови (на пример бадеми) и брашна добиени од мешунки (на пример наутот/леблебија). Различни типови на брашна на различен начин делуваат врз кожата (имаат горе долу сличен ефект со по некоја блага варијација), така да во продолжение ќе ги разгледаме посебно најдобрите брашна од сите три групи.

Кога станува збор за брашна добиени од житарици најпогодни за оваа намена се:


1. Брашно од овес

Овој тип на брашно е особено погоден за чистење на сува или чувствителна кожа благодарение на ленитивното, омекнувачкото и смирувачко дејство врз кожата. Доколку не може да го најдете како брашно (или пак ви е доста скапо), може да сомелете овесни снегулки и да ги користите за оваа намена.

2. Брашно од ориз

Овој тип на брашно е погодно за скори сите типови на кожа. За разлика од овесот, брашното од ориз има и благ скраб ефект врз самата кожа.

3. Брашно од хељда

Овој тип на брашно е слично на она од ориз. Ги има горе долу истите својства.

Ви советувам да го избегнувате брашното 00 и 0, затоа што е премногу лепливо и потешко се отстранува од кожата.

Од брашната добиени од јаткасти плодови, најпогодно за оваа намена е брашното од бадем има средно ексфолијантно дејство и е многу убаво за чистење на кожата.

Од брашната од мешунки дефинитивно најдобро (а и едно од моите омилени брашна) е она од наут. Овој вид на брашно содржи и состојки наречени сапонини кои одлично измиваат. Можеби сте приметиле доколку иставите наут да отстои во вода цела ноќ дека наутро има мала пена: ете токму тоа се сапонините.


Разликата помеѓу брашната од житарици и оние од мешунки е таа што: житариците чистат по пат на механичко дејство (со помош на рацете кога ги втриваме на лицето), додека она од наут благодарение на сапонините. Токму затоа, брашното од наут е одлично и за измивање на косата, затоа што лесно се отстранува и не лепи (за разлика од житариците кои формираат полеплива смеса).

За вашите новороденчињата, наместо брашно најдобро е да користите нишесте, кое всушност е само скробниот дел од брашното. Нишестето е екстремно деликатно и има помала измивачка моќ од брашното што е одлично за кожата на новороденчињата со оглед на тоа што нема потреба премногу да се измива или обезмастува.

Откако убаво ги разјаснивме сите видови на брашна, ајде да преминеме н делот каде ќе ви објаснам како да ги користите за чистење на лицето. Сите брашна се користат на тој начин што се става лажичка или две во еден мал сад и се додава малку вода колку да се направи убава смеса која не е ни премногу густа, ни премногу течна. Оваа смеса се нанесува на влажно лице и со благи и кружни движења се чисти лицето. Обилно се измива со млака вода.


Не мора да користите исклучиво еден тип на брашно, секако може да направите и комбинации на пример овес со ориз, со цел да ги искомбинирате омекнувачкото со ексфолијантното дејство.

Ете драги мои, се надевам дека оваа статија ви се допадна и пред се ви беше од корист. Знајте дека природата има секогаш алтернатива на скоро сѐ она кое може да го најдете во продажба.

Дали некој од вас досега го пробал методот на чистење на лицето со брашна и каков бил ефектот?

Вашите коментари се повеќе од добредојдени под самиот текст.
Вики

Comments