Патот до успехот е тежок, меѓутоа секогаш следете го својот сон


Здраво драги мои,

Пред две недели запознав една прекрасна млада девојка која ме исконтактира за да се запознаеме, со оглед на тоа што ја делиме истата страст и посветеност кон природната козметика. Бев толку воодушевена од нејзината едноставност, храброст, посветеност кон природната и органската козметика и издржливост во тоа да го следи својот сон иако секогаш не е баш едноставно, што се одлучив да ја претставам нејзината приказна како мотивациона приказна, која сигурна сум дека ќе инспирира и многу други млади луѓе да го следат својот сон.

Станува збор за Нена Стојова 29 годишна Македонка која живее во Стокхолм.

Верувајте, не станува збор за никаква соработка со неа, туку едноставно сакам да и помогнам да ја оствари својата замисла, со оглед на тоа што јас самата верувам во нејзината посветеност, замисла и идеја.

Би сакала воедно да ги поканам сите останати девојки кои ја делат мојата страст кон природното и органското, доколку се занимаваат со органска козметика слободно да ме исконтактираат, на мојот блог секогаш има место за нивната приказна која со радост ќе ја споделам со сите мои читатели.


Она што мене всушност и ме фасцинираше многу кај Нена е огромната верба дека органската козметика е нашата иднина. Таа толку верува во органското и природното како стил на живот што се обидува и да го пренесе на сите љубители на овој вид на козметика преку нејзините производи кои имаат своја приказна.


Нејзината приказна започнува со одењето во Шведска како бебиситер, потоа студиите и работата во реномирана ИТ компанија, па сѐ до откривањето на сопствената страст за органското и природното и до креацијата на сопствениот бренд Bare Origin во кој се гледа целата нејзина посветеност и љубов кон природата.

Оваа колекција се состои од три различни вида на арганово масло (чисто арганово масло, со арома на чоколадо и со арома на роза), потоа масло од шипка и тонер за лице од роза.


Кога купуваме една козметика, ретко може да кажеме дека точно го знаеме потеклото на состојките во самата козметика (со исклучок на неколку органски реномирани фирми кои имаат сопствени градини со состојки, или кои јасно кажуваат од каде ги набавуваат состојките).

Фасцинантото нешто во оваа козметика е тоа што Нена е вклучена во комплетниот процес на создавањето на производите, од пронаоѓање на сировите состојки, па сѐ до креација на финалниот производ.

Таа лично оди да го земе аргановото масло од Мароко и чистиот екстракт од рози, кои потоа ги преточува во интересни производи во својата работилница во Стокхолм, со цел да има даде на своите клиенти до знаење дека она што го користат како производ за нега на кожата е комплетно чисто и дека аргановото масло го зема директно од кооперативата на жени во Мароко кои сеуште рачно го произведуваат
.

Мора да напоменам дека јас лично пробав арганово масло со роза и тонер од роза.

Би сакала да кажам збор два за моето лично мислење за овие два производи и што е она што мене лично ми се допаѓа кај нив.

Аргановото масло кое го пробав (го користам двапати дневно наутро и навечер) ми се допадна премногу од повеќе причини и тоа:

1. Најнапред доаѓа во темно стаклено шишенце а знаеме дека темните шишенца го помагаат правилното оддржување на маслото и ја спречуваат предвремената оксидација или ужегнување на истото.


2. Мирисот на ова масло ме потсетува на едно прекрасно масло кое го купував во Рим. Има убав пријатен интензивен мирис на јаткасто овошје (нешто слично на лешник). Се препознава дека е природен затоа што најнапред кога ќе се нанесе на лицето се чувствува мирисот на самиот арган, а дури на крајот мирисот на роза. Ова е затоа што арганот доколку е чист тешко се покрива со други мириси со оглед на тоа што има убав интензивен мирис сам по себе.

На крај веќе се чувствува и розата и дава убава пријатна свежина на лицето.
Интересно е да напоменам дека чистото арганово масло без разлика на тоа што има убав интензивен мирис, не остава мирис на самота кожа затоа што по две минути кожата веќе го апсорбира, што е уште еден знак за квалитет на самиот производ.

3. Маслово воопшто не масти и убаво се впива на самото лице. Доколку аргановото масло е премногу тешко и повеќе масти во тој случај е помешано со некое друго масло. Доколку убаво се впие и не остава масна трага (секако ова зависи и од типот на кожата) станува збор за убаво и квалитетно масло.


Обично препорачуваат аргановото масло да се користи навечер, меѓутоа јас го користам и за преку ден и навистина ми одговара многу. Без разлика на тоа што имам комбинирана кожа, како што веќе имам напоменато во многу статии, мојата кожа обожава масла и секогаш ги користам.

Тонер од роза

Овој тонер ми се допадна затоа што има природен мирис на роза. Имам пробано многу типови на ружина вода и овде и во Рим, и поголемиот дел од нив се направени само со вода и етерично масло од роза (тоа може да го забележите и од самата декларација на производот).


Овде станува збор за хидролат од рози кој се добива со екстракција со водена пареа каде се задржуваат или пренесуваат сите активни состојки од самата роза. Има голем анти ејџ ефект врз кожата на лицето, има смирувачко дејство и го прочистува епидермот.

Доколку имате проблем со првут на косата или многу сув скалп кој чеша, слободно нанесете го хидролатот од рози со блага масажа на темето.

Овој тонер го користам испрскувајќи го врз лицето како тоник пред да го нанесам маслото, и на благо навлажнета кожа го нанесувам маслото со што ја олеснувам апликацијата, а воедно и на кожата и давам и водена и масна компонента која придонесува самата кожа многу подобро да ги прими и искористи и двата производи.

На крај би сакала само да кажам дека патот до успехот е секогаш тежок, особено кога сами треба да се избориме за она што го сакаме. Меѓутоа запомнете дека сѐ е возможно во било кое време, и дека не постојат препреки доколку постои огромна желба во нас.

Упорноста секогаш се исплаќа, можеби не е секогаш веднаш видлива, меѓутоа со текот на времето резултатите доаѓаат.

Јас и посакувам на Нена да продолжи по овој пат и секако да доживува многу успеси, иако знам дека најголем личен успех и задовоство се среќните лица на клиентите кои ќе ги пробаат нејзините производи.

Вики


Comments

  1. Браво за девојката, одлична статија. Се радувам дека постојат вака посветени луѓе кон природната козметика.
    Јас би сакала да прашам дали ги пласира некаде производите. Ако ги има во продажба, дали ги има во Македонија, и ако ги нема тука, дали може да се нарачаат купат, и која им е цената.
    Поздрав,
    И само успеси и посакувам на Нена.

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга Ирена и најнапред ти благодарам на коментарот. Производите барем во Скопје се продаваат во Јавна Соба. Цената е различна во зависност од грамажата ама почнува од 500 денари за 30 мл. па нагоре. Најдобро е да ја исконтактираш Нена на нејзината фејсбук страна на Bare Origin за подетални информации можеби испорачува и до други градови, не знам, меѓутоа таа ќе ти каже сѐ. Поздрав и секое добро.

      Delete
  2. Здраво Вики,многу ми се допаѓа твојот блог си го читкам често и планирам да ги испробам и сите твои рецепти :-) прекрасни се,би сакала да ги пробам и производите на Нена,и фала за се што споделуваш со нас,поздрав и на двете ви посакувам успех и се најубаво :-)

    ReplyDelete
    Replies
    1. Драга Анета, ти благодарам многу на прекрасните зборови. Многу ми е мило што ќе се обидеш да направиш некои од рецептите (доколку некој од нив ти се допадне сподели го твоето искуство со нас)и што еве можеби и ќе го пробаш маслото на Нена кое според мене е фантастично. Ми претставува огромно задоволство да пишувам овде за најразни теми и производи и да ги споделувам со вас сите мои откритија. Поздрав и секое добро.

      Delete

Post a Comment