Викенд за убавина


Здраво драги мои,

еве не на почетокот на уште еден викенд и токму затоа за вас имам еден фантастичен антиоксидантен третман за поубава и посвежа кожа кој истовремено ја намалува појавата на брчки на лицето со оглед на тоа што го спречува влијанието на слободните радикали.

Овојпат нема да биде краток третман како оној во претходната статија, туку ќе направиме вистинско СПА уживање за сите сетила, и тоа не само за кожата, уку и за косата.

Главниот протагонист за овој викенд е виното.

Виното е богато со феноли, бифлавоноиди и рересвератрол.
Ресвератролот има огромно антиоксидандтно дејство врз кожата и е во можност да го неутрализира дејството на слободните радикали кои се всушност и причина за предвременото стареење на кожата. Црвеното вино е особено богато со ресвератрол.

Благодарение на единствениот и уникатен состав на виното, тоа има моќ да ја ревитализира кожата, да го подобри нејзиниот тонус и еластичност и да придонесе за подобрување на целокупната состојба на кожата.

Во продолжение на оваа статија како што веќе нагласив на почетокот, ќе ви предложам еден комплетен третман за лице, меѓутоа и маска за коса.

Третман со вино за нормална до сува кожа



1. Пилинг

Во едно малечко тањирче помешајте една кафена лажичка кокосово брашно со една кафена лажичка црвено вино, половина кафена лажичка масло и малку мед.

Убаво измешајте ја смесата и направете благ пилинг на лицето.

2. Маска

- една кафена лажичка црвено вино;
- една кафена лажичка какао;
- една кафена лажичка павлака

Убаво помешајте ги сите состојки, нанесете ги на лицето и оставете да делува околу 15 минути. По истекот на времето измијте со млака вода и миењето звршете го со ладна вода за да ја подобрите циркулацијата.


Третман со вино за комбинирана до масна кожа



1. Пилинг

Во едно малечко тањирче помешајте половина кафена лажичка сода, половина кафена лажичка брашно, една кафена лажичка црвено вино и малку мед.

Со смесата направете благ пилинг на лицето, особено на оние места каде кожата ви е помасна и склона на црнки. Секако бидете нежни и не притискајте многу.

Потоа измијте ја кожата со млака вода.

2. Маска

За маската потребни ви се:

- една кафена лажичка црвено вино;
- половина кафена лажичка какао;
- половина кафена лажичка зелена глина;
- половина кафена лажичка мед

Помешајте ги сите состојки и добиената смеса нанесете ја рамномерно на лицето. Оставете да делува околу 10 мин. и измијте ја со млака вода, а потоа и со ладна вода за подобра циркулација.

Маска со вино за прекрасна коса


Се мислев дали воопшто да ја пробам оваа маска со оглед на тоа што виното сепак содржи алкохол, меѓутоа останатите состојки со кои го измешав се високо хранливи така да ефектот на крај беше одличен.

Потребни состојки се:

- жолчка од едно јајце;
- една супена лажица бело вино (доколку сте темнокоси може да користите и црвено, јас имам руса коса и не се ни осмелив да пробам);
- една супена лажица масло (јас употребив домашно масло од лимон кое како база има маслиново масло);
- две капки етерично масло од рузмарин (одлично за циркулација);
- една капка етерично масло од лимон

Сите состојки убаво се мешаат и смесата се нанесува на косата. Се покрива со една ќеса и пешкир, се загрева малку со фен и се остава да делува околу 30 мин.

Предложенава количина е според должината и густината на мојата коса. Доколку имате подолга или погуста коса, зголемете ги количините на секоја од состојките.

Косата навистина добива прекрасен сјај и самото влакно е посјајно и поживо.


Се надевам дека предлозиве ви се допаднаа, а вие не заборавајте да пишете ваши коментари под самиот текст доколку го пробате ова што ви го предложив.

И што е најважно, додека ги правите овие третмани, релаксирајте се со една чаша убавo и квалитетно црвено вино.

Поздрав
Вики

Comments