Викенд за убавина


Здраво драги мои,

би сакала да започнам со една нова серија на статии која ја нареков викенд за убавина и ќе ги објавувам секој викенд (сабота или недела).

Во овие статии ќе предлагам третмани за убавина на кожата или косата како маски за лице, скраб или третмани за коса.

Сите предлози ќе бидат различни со цел да ги задоволам сите вкусови и секако во согласност времето кое го имате на располагање. Некогаш ќе бидат вистински СПА третмани, а понекогаш брзи маски кои може да ги направите како last minute третман кога немате многу време, а сепак сакате добар резултат.

Во денешнава статија ќе започнеме со еден третман 2 во 1 кој е многу брз и едноставен кога сте во брзање, или кога немате многу веме да си посветите поголемо внимание на себе си и да си приуштите некој убав домашен третман каков што заслужувате.

Третманов се состои од само една пилинг - маска која опфаќа сѐ она што и е потребно на кожата за да ја оддржиме здрава, убава и сјајна.


Пилинг - маска за лице 2 во 1


Оваа пилинг маска е сѐ што и е потребно на вашата кожа за да го задржи убавиот изглед и тен.

Земете една кафена лажичка мармалад и додадете половина кафена лажичка какао во прав и една кафена лажичка сода бикарбона (доколку имате комбинирана или масна кожа), или кокосово брашно доколку имате нормална или сува кожа.

На убаво исчистено лице нанесете ја смесата и со благи кружни движења (без многу притискање) почнете да правите пилинг на кожата околу минутка две. Потоа оставете ја смесата најмногу до 5 мин. (внимавајте да не ја оставате да се исуши на лицето) и измијте го вашето лице најнапред со млака вода, а потоа миењето завршете го со ладна.

Јас лично ставив домашен мармалад од сливи на мајка ми, со какао, сода бикарбона, малку пантенол раствор (затоа што мармаладот беше многу густ) и две капки етерично масло од чајно дрво.

Доколку ја правите еднаш неделно ќе забележите како вашата кожа станува сѐ посјајна и поздрава, а со самото тоа и поубава.

Зошто токму мармаладот ?


Најнапред затоа што е навистина доста евтин и скоро сите го имаме во нашите домови.

Мармаладот е вистинска храна за кожата со оглед на тоа што содржи шеќер и пектин кои ја хидрираат и омекнуваат кожата.

Постојат различни типови на мармалад во зависност од овошјето од кое се направени, па затоа со цел да избегнете црвенила или несакани реакции, најнапред земете мала количина и тестирајте ја на мал дел од кожата. Исто така доколку сте алергични на некое овошје избегнувајте го тој вид на мармалад.

Какаото има антиоксидантно дејство врз кожата и го намалува влијанието на слободните радикали.

Сода бикарбона е одлична како пилинг за масна кожа, додека кокосот е поделикатен и одговара за оние кои имаат сува кожа.

Доколку го пробате овој навистина едноставен last minute третман, пишете ваши импресии под самиот текст.

Поздрав
Вики

Comments

  1. Маската е преубава! Три недели по ред ја правам, и стварно кожата е некако светната, сјајна, со здрав изглед, затегната, свежа.
    Вики, голема благодарност до тебе за овие толку едноставни, а сепак ефективни маски.

    ReplyDelete
    Replies
    1. Ти благодарам драга на коментарот. Нели, кој би рекол дека волку едноставна состојка би била толку погодна како маска за лице. И мене ми се допаѓа многу. Многу ми е мило што ми даваш фидбек за маските што ги правиш. Навистина многу ми значи. Голем поздрав

      Delete

Post a Comment