Идеална пудра за сува кожа?


Здраво драги мои,

денес ќе говориме за важноста на изборот на добра и пред сѐ соодветна пудра за лицето. Советите во оваа статија ќе се однесуваат пред сѐ според типот на кожата, и што е најважно, состојките во една пудра. Токму состојките во пудрата ја прават фондаменталната разлика при изборот на една пудра за одреден тип на кожа.

Доколку редовно ме читате веќе знаете дека прво нешто што кажувам е СТОП на силиконите и нафтените деривати. Секако дека целта на шминката (и пудрата како составен дел од неа) е да прикрива, маскира, бои итн., меѓутоа кога ги прави овие свои функции наштетувајќи и на кожата со запушување на порите, со силиконски филм кој не може комплетно да се отстрани и се таложи врз кожата, или со потенцијално комедогено дејство на нафтените деривати (зависи од видот, процентот во производот и секако типот на кожата), во тој случај убавината може и да не биде толку “убава“.

Затоа во оваа статија ќе се задржам секако на природната и органската козметика и совети како правилно да ја изберете токму оваа во зависност од вашиот тип на кожа. Овие совети се базирани како што веќе напоменав пред сѐ врз база на состојките во производот, а голем дел и врз база на моето лично искуство експериментирајќи со разни производи наменети за разни типови на кожа. За да не биде статијата премногу долга, денес ќе се задржиме само на нормална накај сува кожа, а за некој ден ќе објавам и за кобинирана до масна кожа.



Вистински избор на пудра за нормална до сува кожа

Одличната пудра за сува кожа е онаа хранлива, на база на масла, но и хидратантни состојки како на пример алое вера гел.

Најдобро решение според мене е сите оние кои имаат сува кожа да користат ББ крем со оглед на тоа што ваквиот вид на производ храни, негува и истовремено прикрива. Ова е всушност еден вид на крем на кој се додаваат пигменти во боја. Улогата на овој крем е да го изедначи тенот и да даде свиленкаст сјаен финиш на кожата, односно да направи да сувата кожа на некој начин “живне“ ако може така да кажам.

Друг вид на пудра која одговара за оние кои имаат сува кожа е крем пудра која има густа структура, обично во својот состав има масла, но и мика за поубав ефект на кожата. Би сакала да ви дадам пример за една декларација на компактна пудра која лично ја користам, односно онаа на алверде. Овој производ не суши и дава неверојатен сјај на кожата. Формулата е следна:

Helianthus Annuus Hybrid Oil*, Magnesium Silicate, Tricaprylin, Mica, Simmondsia Chinensis Seed Oil*, Euphorbia Cerifera Cera, Cera Alba, Prunus Amygdalus Dulcis Oil, Copernicia Cerifera Cera, Rhus Verniciflua Peel Cera, Silica, Hydrolyzed Silk, Tocopherol, Hydrogenated Palm Glycerides Citrate, Caprylic/Capric Triglyceride, Parfum**, Linalool**, CI 77891, CI 77492, CI 77491, CI 75470


Формула без алкохол со сончогледово масло, масло од јојоба, бадемово масло, мика и  восоци. Според мене одговара и на комбинирана и за сува кожа затоа што миксот на состојки на некој начин е идеален (она што ќе направи разлика е кремот под самата кожа). Го испробав и јас која имам комбинирана кожа (во последно време накај нормална), сестра ми која исто така има комбинирана кожа и две другарки со сува кожа. Коментарите без позитивни од сите нас. Кај мене и сестра ми кожата не светеше (она класично светење кога има вишок на себум), меѓутоа имаше прекрасен сјај. Беше компактна, изедначена, прошиените пори одлично покриени и со здрав изглед.

Кај другаркиве со сува кожа по апликацијата на крем соодветен за сува кожа, прскаа многу малку вода (вие доколку сакате може и термална вода) и ставаа од пудрава, и секако сјајот беше задржан, кожата хидрирана и изедначена. Она што тие лично го забележаа е дека исчезнува ефектот на сива безживотна кожа, која често е слулај кај оние со сува кожа.

Што се однесува до оној сатенски изглед на лицето кој се добива благодарение на камената или пудрата во прав, многу девојки со сува кожа се откажуваат од него поради тоа што главното дејство на овој тип на пудри е најнапред да направи кожата да не свети, а секако и да го апсорбира вишокот на маснотии од лицето. Сувата кожа нема потреба од производ кој ќе направи да не свети (и онака е сиромашна со себум), туку напротив има потреба да изгледа посјајна и здрава.


Доколку сакате сатенски финиш на вашата кожа пудрата која треба да ја одберете мора да содржи како главна состојка мика (mica) еден вид на минерал кој има неверојатна способност да не се меша ниту со вода ниту со масло. Значи не апсорбира влага или себум што е огромна предност за сувата кожа со оглед на тоа што овој минерал останува на лицето и дава еден прекрасен финиш без воопшто да ги апсорбира мастите од кутрата сува кожа која и онака е без или со малку себум. Во зависност од формулата и останатите состојки во производот, овој минерал може да дава мат или светол сатенски финиш. Затоа пред да купите производ на база на мика, пробајте тестерче за да видите каков е ефектот врз кожата.

Обично овој минерал се наоѓа на доста високи позиции во минералните пудри, меѓутоа како што напоменав важен е и неговиот сооднос со другите состојки. Еве ви пример на минерална пудра која дава мат ефект, станува збор за марката алверде:

Kaolin, Mica, Zinc Stearate, Silica, Magnesium Silicate, Prunus Armeniaca Kernel Oil*, Isoamyl Laurate, Tocopherol, Tourmaline, Aloe Barbadensis Leaf Juice Powder*, Helianthus Annuus Seed Oil, Ascorbyl Palmitate, Parfum**, [+/- CI 77891, CI 77499, CI 77492, CI 77491, CI 77163]

Овде ефектот кој ќе го добиете е мат со оглед на тоа што минералот мика е во “друштво“ на каолин (бела глина) и силика (Silica) кои вака заедно комбинирани даваат свиленкаст изглед на кожата, меѓутоа со мат ефект. Ја прават кожата компактна, сјајна и мат.

Секако овој вид на пудра би го препорачала за нормална до комбинирана кожа, меѓутоа го дадов како пример за да знаете горе долу од што зависат карактеристиките на една пудра. Доколку оваа минерална пудра сакаат да ја користат и оние со сува кожа, препорачувам да ја мешаат со својот дневен крем за лице. Мала количина од кремот во едно кутивче помешајте со малку минерална пудра, и нанесете ја смесата на лицето. На тој начин ќе може да ги извлечете сите бенефиции од двата производи.

Ви го оставам рецептот за домашниот ББ крем кој го направив токму со крем и минерална пудра http://biodevojka.blogspot.mk/2015/07/bb-cream.html

Се надевам дека сте задоволни од статијава и, како што веќе напоменав, во наредната продолжуваме со советите за избор на пудра за комбинирана до масна кожа.

Ве поздравувам
Вики


Comments