Како ја победив кашлицата???

Здраво на сите,

оваа зима е навистина чудна, топли скоро пролетни денови се менуваат со ладни температури, еден ден одиме со тенка јакничка и кошула, а ден потоа со бунди. Како последица на овие нагли промени кашламе и се здобиваме со полесни или потешки настинки.

И јас секако не бев исклучок и се здобив со кашлица, со која за среќа се справив на природен начин уште на самиот почеток. Ова секако е мое искуство и совети за природен пристап кон третманот на болно грло и кашлица. За посериозни проблеми посоветувајте се со вашите матични лекари.

Како што ви напоменав одненадеж почнав да кашлам. Прво од грло, меѓутоа се уплашив кога почна малку да ме боли и во градите (она благо почетно). Она што го направив во наредните два дена беше конзумирање на чај од ѓумбир и третман со етерично масло од еукалиптус.


За чајот со ѓумбир во 500 мл. вода ставив 80 гр. свеж корен од ѓумбир со 8 листови од ловоров лист. Варев на многу тивок оган околу 15 мин. поклопено со капак, (почнете да го сметате времето од почетокот на вриењето на водата) и потоа ја процедив смесата. Ја пиев наутро и навечер (со овие количини добивате околу две шољи чај (навечер повторно ја загревав смесата затоа што ја правев наутро). Во чајот наутро додавав една лажичка кокосово масло, а во чајот навечер една лажичка мед.

Кога го пиете чајот ќе почувстувате топлина и благо пецкање во грлото.

За третманот со етерично масло од еукалиптус кое е одлично кога станува збор за кашлица, потребно е да се земе една супена лажица базно масло (јас користев сончогледово) со три капки етерично масло од еукалиптус. Базното масло најнапред загрејте го малку на парното, во една чашка, па додадете го етеричното масло од еукалиптус. Пред легнување намачкајте ги градите со оваа смеса, ставете една памучна или ленена крпа и врз неа волнен шал. Легнете така да спиете и оставете смесата да делува преку ноќ.


Ете, ова за среќа делуваше кај мене, па сакав да го споделам и со сите вас.
Дали и вие сте имале некое слично искуство и како најчесто се справувате со кашлицата?

Вики

Comments