Идеална пудра за комбинирана до масна кожа?


Здраво драги мои,

како што ви ветив, еве го и вториот дел посветен на совети при изборот на пудра која е одлична за комбинирана до масна кожа. Ќе говориме за состојките кои треба да ги содржи идеалната пудра за ваквиот тип на кожа, како да го избегнете светењето на кожата, а и да направите самата пудра да трае подолго.

При изборот на една одлична пудра за комбинирана до масна кожа треба да внимавате да производот има два квалитети истовремено и тоа: да хидрира и да има лесна структура. Фактот што кожата е масна и има вишок на себум не значи дека нема потреба од хидратација, туку баш напротив. Пудрата која ќе ја изберете треба да биде на база на алое вера гел или вода и со помал процент на маслени состојки.

Како прво правило и тука важи да се избегнуваат производи на база на силикони и нафтени деривати кои создаваат филм врз кожата и даваат лажен мазен изглед. Силиконите како што многупати имам напоменато се лепат за самата кожа и многу тешко може да се измијат доколку продолжите со употребата на силиконски производи.

Секоја кожа има свои потреби и се разликува една од друга, така да кај некои девојки подобар резултат ќе даде токму пудрата во прав (најдобро минералната пудра) која лесно ќе ја прикрие кожата, ке го регулира вишокот на себум кој придонесува до светење на кожата, а сепак ќе ја остави кожата да дише. Важен предуслов за една пудра (особено ако ја употребуваме секојдневно) е да не ја запушува кожата, туку напротив да ја остави да дише. Затоа иделна пудра би била минералната пудра.


Една од главните состојки кои треба да бидат присутни во една добра пудра за комбинирана до масна кожа е силика (во декларацијата ќе ја најдете како silica), која одлично ги апсорбира маснотиите, дава свиленкаст финиш и што е најважно одлично ги прикрива проширените пори, а сепак кожата е слободна да дише. Силиката го подобрува перформансот на пудрите и дава убава текстура. Навистина од искуство ви кажувам дека одлично ја држи под контрола Т зоната.

Доколку сакате мал трик како да имате перфектна кожа која нема да свети во текот на целиот ден, најнапред на Т зоната ставете малку пудра во прав, па дури врз неа течна пудра. Знам дека звучи чудно и дека е против сите правила, меѓутоа го испробав и навистина функционира.

Доколку имате убава течна пудра наменета за вашиот вид на кожа, а немате пудра во прав, во тој случај ќе ви помогне една состојка која сигурно ја имате во вашите кујни а тоа е нишесте или густин. Земете многу мала количина од густинот и нанесете го на Т зоната со помош на една четка за пудра, па врз него нанесете ја течната пудра. Резултатот ќе биде сличен на оној со пудрата во прав.


Внимавајте само на златното правило помалку е повеќе, особено кога станува збор за пудрата во прав. Спротивно на она што се мисли, поголемата количина нема да ви даде и подобри резултати, затоа бидете умерени во апликацијата. Кога нанесувате пудра во прав или густин пред нанесувањето на течната пудра, внимавајте да нанесете навистина мала количина.

Само да напоменам дека од голема важност е и кремот што ќе го нанесете под самата пудра кој треба да одговара на масната кожа и да биде лесен.

Се надевам дека советиве ви беа од корист и дека статијава ви се допадна.
Поздрав
Вики

Comments