Етерични масла: најчесто поставувани прашања

Здраво,

во последниов период добив навистина многу прашања во врска со етеричните масла, нивната употреба и дозирањето во зависност од типот на производот за кој станува збор. Со оглед на тоа што станува збор за високо концентрирани масла, треба секогаш да бидеме умерени и пред сѐ внимателни со нив.

Затоа се решив да напишам една статија каде ќе ги ставам најчесто поставуваните прашања во врска со ова со цел да ви помогнам во пронаоѓањето и употребата на етеричните масла.

Прашање бр. 1: КОЈА Е РАЗЛИКАТА ПОМЕЃУ БАЗНИ И ЕТЕРИЧНИ МАСЛА?

Оние кои јас во статиите постојано ги нарекувам базни масла, се всушност сите чисти растителни масла како маслиново, бадемово, арганово, кокосово, јојоба и.т.н. Овие масла се масла во вистинска смисла на зборот и се добиваат преку ладно цедење на семки (сончоглед, семка), плодови од маслинка или  јаткасти плодови (бадем, лешник). Овие масла може директно да се користат на кожата и богати се со масни киселини и витамини како Е, А, Д и К.

Етеричните масла од друга страна, не претставуваат “масло“ во вистинска смисла на зборот, со оглед на тоа што се високо концентрирани супстанци, имаат многу силен мирис и испаруваат без да остават трага. Доколку на еден лист капнете една капка на пример маслиново масло а на друг една капка етерично масло од лаванда, лавандата ќе испари без да остави масна трага (доколку е чиста), додека маслиновото масло ќе остави масна трага на листот.
Овој метод е и најдобриот тест кој покажува колку и дали етеричните масла се чисти.




За да се добијат малку милилитри на етерично масло, потребни се килограми и килограми на цветови и билки, и токму поради тоа се доста скапи. Обично базните масла се продаваат во шишенца од 50 или 100 мл, доколку етеричните масла во шишенца од 5 или 10 мл.

Со оглед на тоа што се високо концентрирани, етеричните масла НИКОГАШ не се употребуваат чисти директно на кожата затоа што може да предизвикаат иритации и помали или поголеми реакции на кожата. Секогаш се употребуваат растворени во некое базно масло или во маски, тоници, пилинзи и.т.н. (за количината и дозата ќе говориме понатаму во текстот).

Прашање бр. 2: СИТЕ ЕТЕРИЧНИ МАСЛА СЕ ИСТИ?

Етеричните масла се делат на три групи и тоа:

етерични масла со долна нота
етерични масла со срцева нота
етерични масла со горна нота

Етеричните масла со долна нота имаат топол и многу силен мирис кој најдолго трае. Обично во една композиција овие етерични масла се користат за да на некој начин ги фиксираат сите други етерчни масла, односно да направат подолго да траат. Нивниот мирис не се чувствува веднаш во една композиција меѓутоа најдолго траат и последни испаруваат. Тука спаѓаат: мошус, абра, дрво од сандал, дрво од ќедар, патчули.

Етеричните масла со срцева нота имаат полесен цветен мирис (или мирис на билки во зависност од делот кој се употребува) и всушност претставуваат срцето на една композиција. Имаат големо ревитализирачко дејство и ослободуваат од емоции, така да се препорачуваат во мометни на душевно страдање или диcбаланс. Нивниот мирис се чувствува во една композиција и траат помалку од оние со долна нота, а повеќе од оние со горна нота (некаде на средина е трајноста). Тука спаѓаат: лаванда, роза, јасмин, ијанг ијанг, жалфија, рузмарин, чепрес и др.


Етеричните масла со горна нота се претежно сите цитрусни масла, кои први се забележуваат во една композиција и најкратко траат (во смисла први испаруваат). Имаат свеж мирис и даваат еден вид на позитивна енергија и чувство на среќа. Овде спаѓаат сите цитрусни масла како лимон, сладок портокал, горк портокал и др. (со исклучок на петитгран кој иако е цитрусно масло има срцева нота).

Прашање бр. 3: ВО КОЛКАВА КОЛИЧИНА ДА ГИ УПОТРЕБУВАМ?

Ова е едно од прашањата кои најчесто ми ги поставуваат сите оние кои се љубители на домашните проекти како пилинзи, маски за лице и коса. 

Најнапред дозата на етеричните масла зависи пред сѐ од намената (дали станува збор за масло за масажа, антицелулитен производ, тоник за лице, маска за коса и.т.н.), меѓутоа и од видот на етеричните масла. Некои етерични масла (на пример јасмин) се толку силни што навистина доволна е една до две капки во 100 мл. производ за истиот убаво да мирис и да има ефект врз кожата.

Во продолжение ќе се обидам да ви дадам дози на етеричните масла во најчесто употребуваните производи за нега на кожата и косата.



ТЕЛО

Во домашните путери, креми или масла за тело, идеалната количина е од 15 капки етерично масло (иако некогаш се доволни и многу помалку во зависност од состојките кои ќе ги употребиме во самиот производ).

Во антицелулитните производи или маслата специјално наменети за некоја проблематика (на пример реуматски болки), количината на етерични масла може да биде и поголема односно до најмногу 60 капки етерично масло за 100 мл. базно масло, иако јас препорачувам некаде околу 40 (особено кај антицелулитните масла).

домашно антицелулитно масло од какао

Доколку станува збор за масло за релаксирачка масажа, во тој случај доволни се 20 капки етерично масло во 100 мл. базно масло.

Кога станува збор за антицелулитните пилинзи, дозата зависи од количината на пилингот, меѓутоа горе долу до 15  капки етерично масло за 100 гр. производ.


домашен антицелулитен пилинг со кафе

домашен антицелулитен пилинг со црвено вино

Во кадата за бањање идеалната количина е од 10 до 15 капки етерично масло во кадата со вода. Се препорачува да лежите во кадата околу 15 минути, не повеќе.

ЛИЦЕ

Во кремите или маслата за лице идеалната доза е од 15 до 30 капки во 100 мл. крема или масло. Ова секако варира од видот на намената. За обично масло за лице би ви препорачала 15 капки или помалку. Доколку станува збор за масло кое треба да има ефект и против акни, во тој случај некаде околу 20 до 25 капки во 100 мл. базно масло.

Во маските за лице оние свежите за еден третман, доволни се најмногу 3 до 4 капки етерично масло.

Во тоник за лице најидеално би биле 5 до 6 капки во 100 мл. производ, доколку не станува збор за некој специфичен тоник со ефект против акни каде количината може да дојде и до 15 капки (зависи и од етеричните масла кои се користат).

 Во природните балзами за уста (оние домашните), идеалната доза на етерични масла е од 3 капки од производ.
Ве потсетувам на статиите за три домашни природни балзами:


природен балзам со мед

природен балзам со какао путер

природен балзам со чоколадо


КОСА

Во маските за коса оние за една употреба, доволни се најмногу до 5 капки етерично масло.

Исплакнувачи за коса се всушност оние течности кои се користат како последно исплакнување на косата, и во кои најчесто ставаме вода и јаболков оцет. Тука идеалната доза за 500 мл. вода со една супена лажица оцет е од 7 до 10 капки етерично масло.


Прашање бр. 4: КАКВО ДЕЈСТВО ИМААТ ЕТЕРИЧНИТЕ МАСЛА?

 Разни етерични масла имаат различно дејство врз нашиот организам:

смирувачко дејство: камилица, лаванда, сандал, портокал, мандарина;
антисептичко и антибактериско дејство: оригано, чајно дрво, лаванда, жалфија;
загревачко дејство (ја активираат циркулацијата): цимет, рузмарин, ѓумбир, лимон
ревитализирачки (даваат енергија): рузмарин, портокал, мента, босилек, жалфија
диуретски (детокс) ефект: лимон, мандарина, рузмарин, цитрон


Прашање бр. 5: КОЕ ЕТЕРИЧНО МАСЛО ОДГОВАРА ЗА МЕНЕ?

Во продолжение ќе ви дадам кратка листа на етеричните масла кои одговараат на одреден тип на кожа, меѓутоа и на одредена проблематика.

Етерични масла и типови на кожа

За нормална кожа: камилица, роза, лаванда, ијанг ијанг, нероли, портокал, јасмин;
За масна кожа: лимон, лаванда, рузмарин, сандал, нане, чајно дрво, еукалиптус, ylang ylang, кедар, лемонграс (lemongrass); 
За сува кожа: камилица, патчули, јасмин, роза, нероли, здравец;
За зрела (возрасна) кожа: лаванда, портокал, сандал, јасмин, лимон




Етерични масла за разни проблематики

Антицелултитни масла: мента, мандарина, лимон, рузмарин, лаванда, сандал, цитрон
Акни: камилица, лаванда, рузмарин, чајно дрво, лимон;
Кашлица: еукалиптус, бор;
Синуси: лаванда, бор, чајно дрво;
Ревматски болки: лаванда, камилица, рузмарин;
Убод од инсекти: лаванда, чајно дрво
Несоница: лаванда, камилица, цвет од портокал
Менструални болки: лаванда, камилица, жалфија
Лошење и повраќање: лаванда, камилица


Важно: 

Некои видови на етерични масла (лимон, портокал, бергамот, фенел) се фотосензибилни и доколку се нанесат на кожата истата не смее да се изложува на сонце 12 часа по нанесувањето на етеричното масло. 

За време на бременоста и доењето, се препорачува да се избегнуваат повеќето етерични масла како: анис, босилек, цимет, чемпрес, каранфилче, ким, коријандер, жалфија, семки од целер, москантно оревче, коријандер, темјан;

Кај децата пожелно е да се избегнуваат следниве етерични масла: босилек, ќедар, еукалиптус, рузмарин и жалфија.

Доколку сте бремени или доите, или при било каков здравствен проблем, за употребата на етеричните масла ве молам консултирајте се со вашите матични лекари или со стручни лица од полето на ароматерапијата. 

Се надевам дека успеав да одговорам на повеќето прашања поврзани со етеричните масла. Вие секако, доколку ве интересира нешто за кое не говорев во оваа статија слободно оставете коментар под самиот текст.

Поздрав
Вики

Comments

  1. Od kade moze da se kupat etericnite masla?

    ReplyDelete
    Replies
    1. Здраво драга Весна, ќе ти предложам две марки на етерични масла кои ги имам пробано и од кои сум многу задоволна. Едната марка е Флора (Примавера) италијанска марка на органски етерични масла кои може да ги најдеш во Биокулт (гтц 2 спрат). Со оглед на тоа што се органски цената е малку повисока, се движат од 390 па нагоре (во зависност од тоа за кое етерично масло станува збор). Во последно време ја купувам марката МеиЛаб која иако не е органска, маслата се сепак чисти. Може да ги најдеш во аптеките (на пример Зегин), а најголем избор на овие масла 6 или 7 вида имаш на штандот на Логона во т.ц. Сити Мол. Цената е од 190 до 290 (зависи од маслото). Поздрав

      Delete
  2. Dali etericno I esencijalno maslo e isto maslo?

    ReplyDelete
    Replies
    1. Драга Валентина, прости ми што не сум го забележала коментарот. Мислам дека на македонски јазик, точниот назив треба да биде етерично масло, иако при преводот некогаш се преведува како есенцијално (од англиски essential). Она што е многу важно е следново: треба секогаш да пишува 100% етерично или есенцијално масло а не есенција, арома или нешто друго. Доколку стои само називот есенција и доколку не е назначено дека истото е чисто и погодно за надворешна употреба, тогаш најверојатно станува збор за некоја мешавина или пак уште полошо хемиски добиен производ кој служи само како освежувач на простории и нема никакво својство од етеричното масло. Поздрав.

      Delete
  3. Здраво, би сакала да ми кажете, ако може, дозирање на масло во домашна направени свеќи?

    ReplyDelete
    Replies
    1. Количината зависи од тоа дали свеќата е за масажа или пак само за украс. Поздрав.

      Delete

Post a Comment