Ајде да се бањаме во боја :) !!!!!
Здраво драги мои,
да, да токму така. Туширањето и бањањето може да бидат и во боја благодарение на гелот за миење во форма на пластелин. Идејата за ова повторно ја добив од фамозниот Lush, од кој веќе направив доста домашни верзии за оние производи кои ми се допаѓаат.
Оригиналниот производ на Lush се нарекува Lush Fun и не знам дали го има кај нас, меѓутоа е навистина интересен, необичен и забавен.
Како и секогаш да започнеме со оригиналната декларација на Lush Fun (има околу 7 производи со разни бои и мириси, меѓутоа во прилог ви давам декларација само на еден затоа што базата останува иста кај сите)
Talc, Cornflower (Zea mays), Glycerine, Sodium Laureth Sulfate, Fair Trade Vanilla Absolute, Perfume, Gardenia extract.
Како што може да забележите од декларацијата состојките на овој производ се: пудра, пченкарно брашно, глицерин, сурфактант (кој во случајов е Sodium Laureth Sulfate), екстракт од ванила и екстракт од гарденија.
Со оглед на тоа што мене не ми се допаѓа воопшто пудрата, како прашкаста база ќе користам само нишесте со оглед на тоа што има многу убава структура и кожата ја прави прекрасно мека и свиленкасто мазна.
Сурфактанти сигурно по дома немаме, така да на место на сурфактантот употребен од Lush ќе користиме нежен гел за туширање.
Јас ставив и растителен глицерин, меѓутоа доколку немате може и само гелот за туширање.
Наместо екстракти од ванила и гарденија, јас ќе користам етерично масло од лаванда кое го обожавам. Вие може да користите било кое етерично масло кое го имате, или пак екстракт за слатки како ванила, чоколадо и др.
За да го обојам како оние оригиналните на Lush, користев прехрамбена лила боја за торти. Доколку немате боја може да користите какао во прав за кафена боја, или спирулина во прав за зелена. Јас имав малку лила боја за торти и сакав да ја дотрошам, а и производот да биде лила во склад со мирисот на етеричното масло од лаванда.
Да започнеме со подготовката
Во еден сад најнапред ставете 4 супени лажици нишесте и додадете малку прехрамбена боја по ваш избор (доколку имате), какао во прав или спирулина во прав. Убаво мешајте со прстите да се обои нишестето (носете ракавици за една употреба да не си ги обоите рацете).
Смесата јас ја префрлив во поголем сад за да ми биде полесно за работа.
Додадете потоа малку гел за туширање (количината ставете ја вие самите) и доколку сакате (или имате) малку глицерин и убаво мешајте.
Доколку смесата е премногу течна додадете нишесте, доколку е премногу тврда уште малку гел. Треба да добиете смеса слична како онаа за леб или кифлички.
Дадете и форма која во се допаѓа и завиткајте ја во проѕирна фолија, онаа која ја користиме за храна. Обавезно треба да ја завиткате во фолија за да не се суши производот.
Секогаш кога ќе посакате да го употребите, доволно е да искинете мало парче од смесата, да го натопите со малку вода и нежно да поминете низ кожата при туширањето. Доколку се бањате ставете мало парче во кадата во моментот кога тече водата.
Дали ќе има помалку или повеќе пена зависи од типот на гел кој сте го користеле. Јас употребив многу нежен гел без сулфати, па мојот прави помалку пена.
Прекрасно мириса, ја остава кожата неверојатно мека, толку мека што ќе ви се чини дека нема потреба да нанесувате крем по туширањето (иако јас секогаш советувам да ставате).
Сигурно оние на Lush се фантастични во поглед на мирис со оглед на тоа што имаат цел еден спектар на етерични масла и екстракти, додека ние сме малку ограничени и користиме она што имаме по дома.
Се надевам дека ви се допадна овој навистина лесен туторијал за еден волку забавен производ.
Се читаме наскоро.
Вики
Comments
Post a Comment