Стоп на предвремено стареење со добар заштитен крем од сонцето


Сонцето е извор на енергија, радост и живот. Сончевата светлина и топлина се од основно значење за животот и нашиот внатрешен баланс и хармонија: го подобруваат нашето расположение и важни се за здравјето на коските.

Меѓутоа, истото ова сонце кое не прави толку среќни и помага при многу состојби и патологии, може да доведе и до сериозни проблеми со кожата доколку се изложуваме неправилно и без соодветна заштита. Затоа тука на помош доаѓаат кремите за заштита од сонцето.

Убавиот чоколаден тен е исто како диетите: до претходниот ден сме јаделе сѐ и сешто, а потоа во 7 дена сакаме да ги изгубиме сите килограми вишок. Исто и со тенот: до претходниот ден од кола до канцеларија нашата кожа не видела сонце, а потоа сакаме да имаме интензивен и прекрасен тен само од 10 дена одмор на море.

Потемнувањето на кожата всушност претставува еден вид на одбрана на самата кожа од влијанието на сончевите зраци.

Кожата треба постепено да ја изложуваме и подготвуваме за сонцето со соодветен заштитен фактор со цел да го спречиме не само предвременото стареење на кожата, туку и видно оштетување на истата. Многумина од нас бираат креми со многу низок заштитен фактор уште при првото сонце мислејќи дека не е силно и страшно, или пак сметајќи дека високиот заштитен фактор ќе ги попречи во намерата да имаат убав чоколаден тен. Знајте дека на тој начин го загрозувате најнапред здравјето, а потоа и убавината на вашата кожа.



Најнапред дозволете ми да кажам дека не постои идеален производ за заштита од сонцето и не постои производ кој комплетно ќе ве заштити доколку самите вие не внимавате. Меѓутоа за среќа постојат навистина многу добро формулирани производи, а во продолжение ќе научиме како да ги препознаеме и на што да внимаваме при изборот на еден производ. Исто така ќе се обидам да разјаснам многу дилеми поврзани пред сѐ со органските производи за заштита од сонцето (со оглед на тоа што се залагам за органската козметика).


СИТЕ КРЕМИ ЗА ЗАШТИТА ОД СОНЦЕТО СЕ ИСТИ???

За жал многу често при изборот на една крема за заштита од сонцето, големо внимание обрнуваме само на две работи и тоа: бројот на SPF (факторот за заштита од сонцето) и дали производот е отпорен на вода, а потполно ги занемаруваме состојките во самиот крем.

Кремите за заштита од сонцето, за да може да ја извршуваат својата функција и навистина да не штитат од сонцето, односно од UVA и UVB  зраците, во својот состав мора да содржат сончеви филтри. Постојат два основни вида на филтри за заштита од сонцето и тоа: физички филтри и хемиски филтри.

Физичките филтри функционираат на тој начин што ги одбиваат, односно рефлектираат сончевите зраци (имаат механизам на огледало) и не им дозволуваат на истите да навлезат во кожата. Овој вид на филтри се фотостабилни.

Хемиските филтри ги апсорбираат сончевите зраци и ги претвораат во еден друг вид на енергија, односно топлина, која ја ослободуваат во кожата (значи ја загреваат кожата) и подготвени се повторно да ја апсорбираат сончевата светлина. Постојат фотостабилни и фотонестабилни хемиски филтри, меѓутоа сѐ зависи од формулата на секој производ поединечно (одредени хемиски филтри кои се фотонестабилни, во една формула може да се стабилизираат со други хемиски филтри кои се стабилни).


ФИЗИЧКИТЕ ФИЛТРИ НЕ ШТИТАТ ДОВОЛНО КАКО ХЕМИСКИТЕ

Ова е една од најчестите дилеми која апсолутно не е точна. Органските креми за сончање кои содржат само физички филтри ги поминуваат истите тестови за сигурност и функционалност на производот како и оние со хемиски филтри. Она што производителот го нагласил на опаковката, на пример висока UVB заштита и секако UVA во зависност од SPF на самиот производ (за ова ќе говорам подоцна) тоа се тестира и докажува. Доколку производот не ги исполнува стандардите не се пушта во продажба.

Навистина е многу комплицирана и пред сѐ напорна работа да се формулира еден добар органски производ за заштита од сонцето само со физички филтри, затоа што за да се стигне до еден повисок фактор на заштита, освен физичките филтри треба да се внесат и соодветни масла, екстракти и антиоксидантни состојки кои имаат т.н. booster ефект, односно ја подобруваат функцијата на физичките филтри а со самото тоа и на производот.

Дали ќе одберете производ со хемиски или физички филтри е комплетно индивидуално (оставам на вас), меѓутоа не е на одмет да го знаеме и импактот на заштитните филтри врз околината, односно нивното влијание врз неа. Според едно истражување на Ecolabel кое беше објавено и во официјалниот весник на Европската Унија, се дојде до следниов заклучок за импактот на хемиските и физичките филтри врз околината:

Titanium Dioxide (физички филтер) 833,33
Octocrylene (хемиски филтер) 1666,67
Bis-ethylhexyloxyphenol methoxyphenyl triazine (хемиски филтер)1666,67
Butyl methoxydibenzoylmethane (хемиски филтер)1666,67

Не постои состојка која нема никакво влијание врз околината, меѓутоа важно е да се бираат оние со помало влијание.


СИТЕ ПРОИЗВОДИ НА КОИ ПИШУВА ПРИРОДНО СЕ СО ФИЗИЧКИ ФИЛТРИ?

Не. Има разлика помеѓу органски производ (сертифициран од некоја од институциите за органска козметика) и природен производ кој во својот состав има по некоја состојка од органско потекло. Органските производи следат одредени стандарди на институциите за органски сертификат и во својот состав имаат ислкучиво физички филтри кои во декларацијата ќе ги најдете како цинк оксид и титаниум диоксид (zinc oxide, titanium dioxide). Постојат креми за заштита од сонцето кои се природни и кои може да содржат мал дел на состојки од органско потекло, меѓутоа доколку истите содржат хемиски филтри, не станува збор за органски производ туку за природен производ со неколку состојки од органско потекло.  Ниеден институт за сертификат на органска козметика не дозволува употреба на хемиски филтри во еден органски производ. Обично на самиот производ стои назнаката “само со физички филтри“, меѓутоа доколку не стои во тој случај консултирајте ја секогаш декларацијата на задната страна од производот. 

ШТО ВСУШНОСТ ПРЕТСТАВУВА ОЗНАКАТА SPF?

SPF (Sun Protection Factor или фактор за заштита од сонцето) всушност претставува фактор за продолжување на времетраењето на изложување на кожата на сончевите зраци пред истата да почне да реагира. Со прости зборови: ако јас не ставам никаков заштитен фактор мојата кожа по 15 мин. ќе поцрвене од сонцето. Ако пред изложувањето на сонце ставам крема со заштитен фактор 10, мојата кожа ќе почне да црвенее после 150 мин (односно 15х10), ако ставам фактор  20 времетраењето се дуплира на 300 мин. и.т.н. Секако, ова зависи пред сѐ и од бојата и видот  на кожата и е многу индивидуално, меѓутоа горе долу, вака би можело да биде објаснето. 


Важно е да знаеме дека ознаката SPF всушност се однесува на заштита од UVB зраците, односно оние кои може да предизвикаат изгореници на кожата доколку неправилно се заштитиме. Од друга страна пак, UVА зраците се оние кои предизвикуваат предвремено стареење на кожата со оглед на тоа што продираат во самата кожа. Може да го оштетат колагенот и еластинот во кожата и нивното влијание не е видливо веднаш (како на пример она на UVB зраците) туку може да се манифестира подоцна. 


 Затоа од огромна важност е и правилната заштита не само од UVB туку и од UVА зраците. Но како да препознаеме колкава заштита од UVА зраците нуди еден крем за заштита од сонцето?

Европската комисија во септември месец 2006 година, донесе еден правилник според кој производителите треба да внесуваат филтри за заштита од UVA зраците кои треба да бидат еднакви или поголеми од 1/3 од SPF назначен на самиот производ. На пример, доколку една крема има SPF 30 во тој случај заштитниот филтер од UVA зраците е минимум 10 или повеќе, доколку кремата има SPF 50 во тој случај заштитниот филтер од UVA зраците е минимум 15, а може и повеќе. Ова е причина повеќе зошто да бираме креми за заштита од сонцето со повисок заштитен фактор. 

Би сакала само да напоменам дека не постои тотална заштита од сончевите зраци (ниту со физички, ниту со хемиски филтри). Научно е докажано дека најефикасните филтри и комбинации на филтри стигнуваат максимум до 95%. 


                           

ОРГАНСКИТЕ КРЕМИ СО ФИЗИЧКИ ФИЛТРИ ОСТАВААТ БЕЛА ТРАГА?

Физичките филтри доколку се микронизираат или обложат и убаво соединат со останатите состојки во самиот производ, не оставаат бела трага. Во некои производи филтрите се разложуваат на многу ситни честички (нано честички). Некои сметаат дека ваквите нано филтри треба да се избегнуваат (затоа што навлегуваат во кожата), додека други не, меѓутоа сеуште нема цврсти научни докази за ова.


КРЕМ ЗА ЗАШТИТА ОД СОНЦЕТО ВО ТЕКОТ НА ЦЕЛАТА ГОДИНА?


Кожата треба да се штити во текот на целата година особено од UVА зраците. Во овој контекст би сакала да изнесам совет на еден дерматолог од Италија

Според неа, најдобра заштита за UVА се секако најнапред физичките филтри, меѓутоа и останатите минерали во прав кои се дел од ББ кремите или минерални пудри во прав. Исто така зимно време, штетното дејство на UVА зраците може видно да се спречи и со креми кои содржат одредени состојки како:

витаминот Ц и Е кои ја зголемуваат заштитата од UV зраците;

гама оризанол кој е еден вид на дериват на оризот и има големо антиоксидантно дејство особено е корисен при UVА зраците;

екстракт од семки од грозје кој е богат со полифеноли и заштитува од UV зраците, а има и анти ејџ ефект;
 
шеа путер кој претставува природна заштита од UV и ја храни кожата

каротеноиди и др.



Заштитата која ја даваат антиоксидантните состојки е од огромна корист зимно време затоа што освен тоа што заштитуваат од UVА зраците, заштитуваат и од загадениот воздух, ветерот, ладното и.т.н.

Ова секако се однесува во нормални услови, меѓутоа доколку станува збор за посериозен проблем каде мора да ставите заштита и во текот на целиот зимски период (на пример ако правите хемиски пилинг или други специфични третмани каде кожата станува почувствителна и помалку отпорна на сонце) во тој случај треба да користите вистински крем за заштита од сонцето со висок заштитен фактор (како оние за на плажа).

Како што нагласив на почетокот, кремите за заштита од сонцето не се непријател на убавиот тен, туку се од огромна помош за добивањето на убав и рамномерен тен и пред сѐ здрава и убава кожа. Важно е правилно да ја заштитите кожата, а дали ќе изберете креми со физички, хемиски филтри или комбинација од двата вида, зависи потполно од вас.  
  

Comments